Let it be :)

И така е тоа, денес не има утре не нема. Ма не, не е се така црно, барем ќе недостасуваме кога ќе исчезнеме или барем не имало некогаш. Како и да е, ќе им недостасуваме на сите оние наши места, на целиот град, на луѓето кои постојано не гледале заедно, на спомените кои ќе се трудиме да ги заборавиме а не да ги оживееме. Ќе недостасуваш ти покрај мене, ќе недостасувам јас покрај тебе, и ќе се сакаме повеќе од вчера, повеќе од денес, повеќе од утре!  И кој знае, можеби нашата љубов е за на друга планета, во некоја друга вселена.


наказа

Го почувствував ударот на гнев, лутина и болка, испратен да ме скрши на пола. Стравот беше преголем за да се спротиставам на тоа безмилостие. Животот ја изгуби смислата, моето постоење стана бессцелно, а она некогашно „ние“ стана смртоносно. Болката беше неподнослива, твоите зборови проклето, болно, сурови, а срамот... срамот тек сега ќе го почувствувам.

Некогаш и ова ќе заврши, а тоа некогаш се повеќе се ближи. Тогаш, кога ќе се разбудиш без мене ќе сфатиш што сум значела јас во твојот живот, а јас ќе сфатам колку си ми напакостил во мојот. Жално, но вистинито - сета љубов, почит и трпение умреа вчера со паднатите солзи во огромен број, умре сета надеж и умре онаа старата јас. Се роди некој изрод, некоја наказа! Нешто бесчувствително, нешто гнасно, одвратно, и ќе го оставам да живее! Нека покоси се, онака како твојте зборови! Нека исече онолку глави, колку што ти души изгоре! И секој глас ќе го разбудам, а твојот ќе го одземам. Очите кои болно ја извршуваат својата функција ќе ги накитам со омраза и ќе погледнам длабоко во тебе, за да сфатиш, конечно да сфатиш колку боли мојата болка! Ќе те оставам, како што ми викаше ти, да ЦРКНЕШ и нема да те погледнам! Ќе те одминам, ќе те убијам! Ќе те оставам на мршојадите да ти го исколваат последното парче месо додека сеуште чувствуваш! И на крај, ќе умрам со тебе, затоа што совеста немилосрдно ќе ја испие секоја капка мир и утеха, секоја секунда сон, секоја добра мисла.

Ама ќе ти покажам, ќе го почувствуваш мојот немир, мојот крик, мојот бес и ќе умреш од нив, заедно со нив! 


Едно ново „ние“

Доволно ми беше да ме држиш за дланка. Да го гледам совршеното совпаѓање на прстите на кои како украс им стоеше прстенот на твојата лева рака. Изгледаше маженствено. Доволно беше да знам дека си близу, макар и кога се лутев за глупости. Те запознавав. Сега, те знам. Сепак, ме збунуваш сеуште. И ти си збунет, а толку си сладок кога нервозно шеташ со раката низ копчињата во кола. Ги палиш светлата, ги гасиш. Го фаќаш воланот, но сепак не тргнуваш.

Еј, хаха, ти се верува ли.. се размрда нешто таму во внатрешноста, затруено од туѓа крв и некако почна да се меша со нешто сосема ново, но не успеавме. Дете ти ги загулицка чувствата. Смеевме ли? Не... никако не можевме, не смеевме. Барем остана некој убав, сладок спомен на кој сеуште се смеам, и тогаш насмевката се ротира за 180 степени и станува нешто сосема поинакво.

Можеби можевме да имаме се, но болката со болка не се лечи. Ќе зацели раната твоја, а онаа мојата, се уште се отвара и шири. Ма не е важно, барем некогаш за момент постоеше она не „јас и ти“, туку „ние“!


Прости

 Камен ми тежина душава,
ја притиска,
безмилносно ја гмечи, 
кнедла ми стои во грлово
се закотвила, 
ми пречи. 

Можеби ќе навикнам на нив 
и на тешкиот избор свој
ќе живеам празен живот
поради кукавичлукот мој.
 
 Те молам 
позајми ми малку среќа,
мене тагата ме јаде однатре 
и немам веќе каде 
на која страна и да се свртам
болка, немир - секаде. 
 
Како ќе те погледам во очи,
со мојот поглед празен?
Ќе ми простиш ли некогаш
за животот тажен?
Ќе разбереш ли дека многу те сакав
но не онака како што сопатник се сака.
 


Црни дамки на белите страници љубов

Се изгубивме некаде тука, во просторот на болното, празното. Се поткина парталчето кое не држеше припиени еден за друг, кое не држеше близу еден до друг. Сега, чекор по чекор заостануваш зад мене, и иако не сакам, мене надежта ме бутка напред, тебе болката те влече назад. Како жива песок ти го проголтува телото... жалосно.

Те влечев со мене колку по далеку можев, на некое побезбедно место, а сега се лизгаш низ прстиве како песок и веќе не те гледам. Јас, јас заглавувам на истото место каде те испуштив од раце и те гледам како тонеш, не сакам да продолжам напред. Со задоволство би останала токму тука, додека времето не ме проголта, додека сонцето не ме стопи, додека не се соединам со земјата. Иако знам дека кога ќе дојде вистинското време ти ќе завршиш на едниот, а јас на другиот крај, а средината ќе ја одбележат наши спомени. Не сакам да заминам, не се уште, не сега, не утре, не... никогаш.

И би се борела до последната капка крв за да го одржам во живот она нешто „наше“ кое нема облик, не може да се допре, не може да се види, може само да се почувствува како ги парчосува градите на милион делчиња. И би се борела, затоа што таму секогаш ќе живее оној голем дел од мене, оној значаен период од младоста, оној дух кој се надевам животот барем малку ти го обои кога сивилото беше неподносливо.

И се надевам некогаш ќе можеш да ме разбереш мене, и сите мои чудни и болни потреби кои на тебе можеби не ти значеа ништо, а мене - живот. И тогаш ќе сфатиш зошто јас и ти не бевме еден за друг никогаш, а сме совршен крој за заемна утеха, нескршлива љубов и минлива болка.

Покрај се, не верувам дека ќе заборавам како ме гушкаше твојот парфем кога ти не беше тука, а ќе се обидам, верувај ќе се обидам да не ги заборавам и сите црни дамки кои ни ги испрскаа страниците полни љубов и разбирање. И онака важна е целосната слика која ситните грешки на сликарот ја прават совршена и единствена, исто како нашата љубов. 


Молитва

Многу често
ми недостигаат зборови,
а едно место 
каде мириса на липи и борови, 
полно е слогови
полно скршени зборови.
 
Си играм со нив, ги спојувам,
делчиња од сложувалка празна,
а многу се, премногу слични, 
и многу се, премногу безлични.
 
Секој збор - болка 
приказна сама за себе,
недостиг од капка мир, 
секој поглед - желба искрена, 
секоја солза - тајни вир.
 
Виновен никој не е,
вината ја носам само јас,
во душава темно се е, 
и тивок се слуша глас,
молитва со дланки споени 
за денови мирни броени. 


Конфучиe

Ако сретнеш човек со кој: 
- вреди да зборуваш а не зборуваш - си го изгубил човекот, 
- не вреди да зборуваш а зборуваш - си го изгубил зборот. 
Мудриот човек не ги губи ни човекот ни зборот.


страв

Почнаа бури да беснеат,
ноќите кошмари се сторија,
а клеткиве по мир чезнеат,
болките телото ми го соборија.
 
Врнеа солзи врели,
јачеа очите гласно,
усните се сторија снегови бели, 
се љубеа смртта и животот страсно. 
 
Војната заврши тажно
мртвите ги носеше на плешки еден човек 
и како повеќе да не му беше важно 
умре душата и мртва ќе биде до век.
 
На крајот, сепак останува стравот
победнички насмеан, горд на себе
полнејќи ја плуќата исто ко правот
гушејќи го човекот до смрт,
а потоа тебе.  


Сегашно минато

Не и беше јасна играта која животот ја ставаше на „replay“ цело време. Не и беше јасна целта, не ни можеше да ја насети, па сепак играше. Гледаше како животот и поминува со секое заспано зајдисонце, гледаше и не можеше ништо да направи да го спречи тоа. Духот во неа умираше оставајќи страшна дупка позади себе. А сакаше таа, сакаше толку многу да направи, да биде вредно потрошеното време, да се развива во сите свери на животот, а наместо тоа, закржлаве и заглави во еден период од животот кој го живееше веќе по 100ти пат.

Не сакаше да оди понатаму затоа што не го имаше изживеано моментот целосно, доволно, затоа што знаеше дека заминува и дека со секој нареден ден избледува по некој детал и некое чувство повеќе.

Се заспиваше самата себе, а никој не го гледаше тоа. Како би можел? Сега, сега седи во темната соба и по стоти пат бара зборови да ја опише презирта кон времето, кон самата себе, кон неспособноста да го остави минатото таму каде што припаѓа. Сега се бори да земе воздух од самообвинувањата кои ја гушат. Сега се бори со часовникот кој упорно ги брои секундите, минутите, часовите и ја носи зората на врата.

Некогаш ја сакаше, некогаш ја презираше ноќта, а сега, сега не беше веќе важно и онака се ќе помине и ќе остане во минатото. Единствената разлика меѓу неа и животот е што животот секој ден подарува нова можност, нов ден, нова сегашност и нова иднина која ќе стане минато, а таа секој ден се буди гледајќи во минатото, во веќе догорената свеќа, во чадот чиј мирис избледува, во истите моменти, спомени и кажани зборови кои молат да бидат заборавени.

И чудно, единствениот нејзин проблем можеби беше самото постоење на минатото! 


We were made to love

Во грдотијава која не опкружува, сите наоѓаме по некој со кој се издигнуваме високо над облаците, со кој гледаме многу подалеку во иднината, нашата иднина. Тогаш грдотијата станува наша грдотија, среќата - наша среќа, болката - наша болка, а љубовта - наша водилка. А имав среќа, јас те пронајдов тебе. Колкав дел од себе, се прашувам, вложив во ова кое сега е сиот мој живот, колкава доза на труд, трпение, надеж?

Се плашев знаеш, се плашев многу пати кога столбовите се нишаа при силните ветрови, се плашев кога ти заминуваше, се плашев кога јас заминував, а никогаш не се напуштивме. Секогаш постоеше нешто посилно од сиот инат со кој се расправаш, од целата болка со која се борев, од огромната желба за живот.

Секогаш постоеше ти, едноставно ти. Ништо повеќе, ништо помалку. И секогаш постоев јас, комплицирано јас, со сиот мој инат, со целата моја гордост. Ништо повеќе и ништо помалку. Ме сакаше секогаш, ме сакаш се уште, ќе ме сакаш знам! Те сакав и јас, и како да останав таму, во тоа некое наше заедничко минато, во оваа некоја наша заедничка сегашност, во таа некоја наша заедничка иднина, или можеби некаде измеѓу.

Ама не е повеќе важно затоа што постоиме ние! Створени да се љубиме, створени да се сакаме, створени за да го затресеме тлото со нашата болка, створени за да го отвориме небото со нашата љубов! И знам, оваа наша бајка ќе заврши со солзи, многу љубов и едно ветување, ветување на празно место до мене, или до тебе, за тогаш кога ќе се пронајдеме некаде на другата страна, на второто поглавје од нашата книга! 


Круг

Многу зборови останаа недоречени. Се плашеа прстите да го напишат тоа што го чувствуваше душата, а го дефинираше умот. Страшна темнина демнеше заземајќи дел по дел, играјќи си со телото, умот како со кукла. Сега нешто попушти, зајакна снагата, се разгореа зениците, се затресе тлото, а болката, болката затаја треперејќи плашливо.

Се бори, се гуши таму некаде, полека заспива. Јас пак, ја нишам како бебе, полека и пеам, и пеам некоја приспивна песна што ми ја пееле мене, што сум ја научила како мала, што ме смирувала додека стравот го диктирал ритамот на срцето.

Ќе ја одржувам во живот, понекогаш и ќе ја будам, да ме потсети на сето она што ја создало, да ме потсети на сите суровости на животот, да ме потсети на тоа колку сум била храбра. А знам дека откако конечно ќе умре, ќе се прероди како феникс од сопствената пепел.

Тогаш, прво ќе запее милно, а потоа ќе почне да ја клука душата, да распарчува, да си игра со неа како со сложувалка додека јас ги собирам парчињата. И така ќе си играме. Понекогаш од инает ќе се смеам, додека се вгнездува во леглото направено од крв, од инает ќе се смеам додека солзите ми го милуваат лицето, од инает ќе се смеам, од инает, затоа што знам на крај таа ќе се измори, а јас иако исцрпена ќе изнајдам сили, ќе ја земам во дланките и ќе ја оставам да изгори, да се стори пепел за да порасне пак, така голема и силна, исто толку моќна, можеби и повеќе.

И цел живот ќе се бориме и за заемното постоење, и за заемното уништување затоа што ниту таа ќе постои ако ме нема мене, ниту јас ќе живеам ако ја нема неа.


Само понекогаш..

Ми недостигаш понекогаш, ми недостига онаа среќа во очите кога ќе те видев иако знаев дека твојот поглед ја бараше неа. Топлите јунски денови и прегратката која направи никој околку нас да не постои. Се сеќавам сега, кога ќе ве погледнам, таа ми значеше нешто во животот, а ти, ти беше оној по кој копнеев. И за жал никогаш вистински не те добив, тоа беше само привид, присутно отсуство.

Ма остави, не бевме еден за друг никогаш, среќа еден од нас го знаеше тоа, среќа еден од нас имаше храброст да стави каков-таков крај. И добро, барем те паметам по добро, по пеперутките во стомакот, по насмевката од која ми се укочуваше лицето, по некогашната верба за вистинска љубов, но не приземна, туку онаа возвишена, чиста, детска, бескрајна.

Веќе заборавив на лошото, на тоа што ме заборави, на тоа што сакаше да ме заборавиш. Така требало да биде, а ти биди среќен и јас сум, само понекогаш, само понекогаш недостигаш. 


Блед поглед

Касно е. Утрото тропа на прозорeцот додека ноќта тивко испарува, заминува. Посакувам да можев зборовиве да ги исплукам од усните и да ги спојам како сложувалка. Посакувам да најдев вистински опис на празнотијата во душава. Мирот конечно ми ја гали кожата, ми ги затвора очите, ми шепоти милни зборови додека да заспијам, а потоа ме чува прегрнувајќи ме како да ќе избегам ако ме пушти. Се е тоа убаво, ама затапува чувството на живост, вистинско постоење, адреналинско отчукување на срцето.

Којзнае, можеби и не сум за таков живот, можеби сум родена во погрешно време, но на вистинско место, можеби припаѓам некаде во друга земја или во друг временски период на постоење, само не сега.

А реков, доцна е.. сонот спие место мене. Добра ноќ. 


Актери

Е убаво е кога се сакаат луѓево, си гледаат низ розеви наочари, зениците чиниш срциња им се, а душата трула, расипана. Ги гледаш и се топиш, а тие пак главна улога играат во претставава, чинам „Живот“ се викаше. И цело време ги посматраш, си вртиш филмови во главата, па едно време патиш, депресивен си, те гризе совеста за бившите и на крај секој од нив завршува зад завесата осамен и празен. Шуплив како изгризана срцевина на дрвото. И тогаш ја виткаш картата и не ја фрлаш, ја ставаш така стуткана во џебот за нареден пат кога ќе гледаш некоја копија на истата, да се потсетиш дека веќе го знаеш крајот, а полезноста од повторното гледање е никаква. 


Луѓе свртени кон празнотијата во себе

Имаше право за тоа што ми рече. Јас се променив. Затаив некаде во себе, се заборавив, направив и другите да ме заборават, се изборив за тишината и тогаш ме пресече. Мислев дека си налик на мене, а беше толку далеку од тоа. Суви цепеници, така ги нарече луѓето свртени кон празнотијата во себе. Одбив да признаам, но ете сега пак се враќам кон срцето на стеблото цедејќи го сокот од внатрешноста.

Некогаш, ноќната несоница ја надокнадував со дневно преспивање, сега, проблемот е поголем и ни тоа не помага, оти немирот и силното срцебиење го изнесуваат телото од креветот и го сместуваат на столот пред компјутерот за залудно да го троши времето.

Би сакала само еден ден некој да ги почувствува моите зборови, да сфати дека ништо не е лага, дека и тие се премалку да ги опишат пукнатините и рапавоста на душата. Ме боли таму некаде, кај градите. Ме повива стравот и го стега градниот кош, го отежнува дишењето, ја зголемува паниката. Во тој момент се повикувам на солзите, но и тие молчат.

Ми тежи животот, а не го заслужувам затоа што не го живеам. Се провлекувам со бледата сенка покрај оние кои оставаат силни траги по пат. За чекор, ја поминав финалната линија на уште еден круг, и сега повторно полека низ калта. Станав зависна од студенилото кое и низ погледнот и низ усните излегува, а се топи покрај него. Тогаш се опуштам и наеднаш се повлекувам, не баре светот ќе се потопи ако си дозволам да уживам во денот, во неговото присуство и конечно во пријатната тишина.

Не дозволувајте да се навлечете на тагата, излезот е некаде далеку скриен. Не дозволувајте да постоите, а да не живеете. Не ја трујте душата, не ја убивајте за на крај да завршите како мене, како сите луѓе свртени кон празнотијата во себе!