Само биди среќна!

Остануваш сам.
Сфаќаш колку таа една личност ти го исполнувала животот.
Тишината во собата е уште потифка.
Собата е ладна и покрај топлите бои по ѕидовите и стварите.
Сега можам да викам и да пуштам музика и да свети сијалица во 4 сабајле и да шушкам, тропкам, играм, а да не се плашам дека некого ќе разбудам и тоа е тоа што недостига.
Недостига сиот неред и нејзиниот мирис. 
Недостига нејзината смеа и позитивна енергија.
О Господе.. колку недостига. 
Ама она е среќна, знам дека е среќна. 
И јас ќе бидам среќна кога она е среќна, само не навечер. 
А секогаш ја сакав, многу ја сакав и кога многу ме нервираше.
И таа мене ме сака. 
Порасна, наеднаш поминаа годините, и помина неа онаа моја младост, а мене ми останаа емоциите. 
Секогаш ме смируваше нејзиното присуство, знаев дека не сум сама и мислев уште долго нема да бидам, а еве гледај... 
Таа никогаш не ме издаде, јас ја издадов ама таа сакаше и се бореше. 
Јас ја издадов, ама таа ме сака и е среќна. 
Неа животот многу ја изнамачи, а и таа нас, ама ја сакав. 
Само биди среќна те молам, биди среќна за и јас да сум среќна и убаво спиј таму. Иако никогаш не си кажавме ниту добра ноќ, ниту добро утро, доволен беше погледот и смеата наутро и навечер. 
Недостигаш. 
Само биди среќна.


Ајде од почеток

Исчезни,
Разбуди се во некој нов миг
Разбуди се со некоја нова надеж
И повторно потони во истите чувства,
Во истите сомнежи
Во истите грешки
НО 
Напиши некој нов крај каде болката,
Тагата,
Разочарувањето,
ќе останат во позадина за да блеснеш ти во разнобојноста. 
И биди она што секогаш си посакувал да бидеш 
А кога ќе умреш 
Не ќе остане ништо од твоето тело
Туку твоите чувства ќе живеат во нечие друго
Вметнати во полудениот ум потонат во бессознание
кому твојте зборови ќе му бидат единствената утеха
Единствената фраза која ќе вели
„ТЕ РАЗБИРАМ“.


Да ви ги раскажам приказните

Сакам да раскажам. Сакам да ви ги раскажам приказните, како мојата. Сакам оти не знаете колку сме слични. Колку мојата душа наликува на вашата, а вашата на нечија друга. Како прстени на синџир, исти сме исти. Ама јас сакам да ви покажам колку сме различни и колку сме луѓе. Сакав секогаш да ве потсетувам дека сите сме луѓе, но вие заборавате. Заборавате и со самододелената титула станувате предмет и повеќе не вредите. Ама сепак, слични сме. Та сите сме се крунисале некогаш сами, та сите носиме венци, круни и прстени кралски, та сите сме луѓе опредметени. Сакам да ви раскажувам за вас, за болката ваша, но сечија, за љубовта една, но повеќе-бројна, за среќата, за среќата. А како јас, чиј живот е типично пропаднато тинејџерство да ви зборувам за среќата? Па чија тага се опишува со среќата?
Заборави, заборави..
Ама сепак би ви ги раскажувала приказните, оти утеха ми се. Ете зошто ви ја раскажувам мојата, за утеха да ви биде. Зар туѓата тага не ви е утеха? Приказните ви се прекрасни. Прекрасно срцекршачки. Мислите не знам каде се вселува разочарувањето? Во срцето, знам, во очите. Та се тие не издаваат пред устата, а таа може и да молчи, ама очите, очите ве издаваат и кога не гледаат во мојте! Очите ве издаваат.
Приказните ви се тажни, како мојата. И болни, премногу болни та морав да повторам за да не заборават другите. Оти забораваат. Многу пати сакав и јас да ги заборавам ама многу добро ги паметам. Секоја приказна е вредна за раскажување. Јас знам кога тагувате. Јас знам кога ви плаче душата и кога креветот значи болка. Јас знам кога се кршите оти парчињата ме сечат. Јас знам кога немате зборови, па јас зборувам наместо вас, знам кога да зборувам. Јас знам кога сте среќни, но не ве наоѓам тогаш. Намерно оставам да ме заборавите во толпата. Сама.. јас сакам и кога сум сама, та својата приказна си ја раскажувам. Јас сакам да ви зборувам за тагата во приказните ваши, за болката кога сте осамени, повредени, кога сте живи! Јас сакав и за среќата да ви зборувам, но нема да се согласиме. Вие раскажете ја неа, тоа вие најдобро умеете. Раскажете ја среќата, а јас ќе ви ги раскажувам приказните. 


Можам за тебе

Можам да те сакам како никоја друга 
можам да ти раскажам приказни, милион
можам и да молчам кога ти треба
можеме многу заедно.
А знаеш, можев да пишувам за тебе
да се обидам, но не
ти си моја приказна
извезена помеѓу љубовните сказни
ти си мојата ведрина,
мојата насмевка во деноноќијата празни.
Можам и да те мразам, 
гневно да плукам по тебе
но што ако, каква полза од тоа?
Одбирам да ме боли ако не си до мене,
одбирам, ако ме заборавиш, смрт за себе. 


Штурец

А знаеш ли зошто не ме разбираш? Затоа што јас не сакам да разбереш. Јас сакам јас да разберам и никој друг. Што ме интересираш пак ти мене? Па не сакам да те разбирам! Ама те знам, оти се ти пишува на челото. Како молитвата, абе како омилената песна, секој ден истиот текст ти го читам од очите, а на образите ти е испишан рефренот, та ја знам и интонацијата оти забите кога ѕиркаат секогаш е повесело. Знам и кога ќе се испонашаш, та ми оди да те испоштипам по образите, да те плукнам оти си нечовек и да си одам. Ама ти не знаеш дека јас и кога не гледам те читам, па ти сам/а се рецитираш! Е ова не знам дали затоа што си глуп/а или ти паднал системот. Остави ме! Јас ќе си се разбирам, ти не ми требаш! Што ќе ми е штурецот кога имам толку мравки во мене!


Курви

Понекогаш ми недостига една личност која мислам ја познавав некогаш оддамна. Понекогаш ми недостига и една насмевка на која се сеќавам онака, како на сон да сум ја видела. А најмногу ми недостигаат оние заборавени делови. Понекогаш сакам. Како и да звучи, понекогаш ја сакам. Понекогаш се случува и гневно да пцујам и да викам по неа како да ќе ме чуе. А се почесто се обидувам да ја поправам, оти е скршена. Знам дека Вруток и жубореше во градите, та очите се претвараа во две притоки и кога ке се слееја, сета душа истекуваше во тие води. Но, јас ги познавам, многу добро ги познавам. Ги чувствувам понекогаш кога ми се вовлекуваат в постела навечер, или кога ми се измолкнуваат во утрата. Не остануваат тие долго оти се курви та со нив носат триста болести. Преку ден не работат, се плашат од луѓе па спијат скриени некаде во некоја бездна носејќи го сето невреме со нив. А таа, и таа се научи како нив. Кога сака доаѓа, кога сака си оди. Во главно на секое заминување чекам да се врати, но се враќа се поретко гледам. Затоа и ја заборавам. Вруток мене ми го остави, можеби го заборави, можеби веќе и го прерасна градниот кош, па не го собира, оти е малечка. Ама едно нешто паметам, ги паметам притоките, очите кои го опишуваа неверојатниот спој на Јонско и Егејско море, каде водата е тиркизна, а длабочината оди до бескрај, нешто налик на мојте.
Ама ме измачува вака аман!
Па оставиме на мира, ниту ми е до спомени, ниту пак до секс.  


Херој

Продира другата страна како светлина низ излитена ткаенина. Како низ прозорец наѕира душата и се кикоти како мало дете. Понекогаш отворените дупки се шират, а понекогаш, многу ретко се зацелува по некоја на крајчињата, се протнува по некое конче од љубов и ја ткае младоста во очите. Го гушкам силно, го држам во прегратка, но не знам зошто од другата страна не го добивам истото. Се сеќавам дедо, многу добро паметам иако бев малечка, човече кое трчкаше секаде по тебе и секогаш гордо носеше по некое дрвце за да се згрееме. Па нели бев дрварче, нели бев најмало, најубаво, па нели ти беше најдобриот дедо на целиот свет, па нели дедо. А еве, јас пораснав, а ти ... ти полека заминуваш. Всушност сите полека заминуваме, од првиот момент, од првиот плач, сите одиме натака, натаму води патеката, натаму е судено. Но, ајде да се вратиме малце назад, само малце, само за да почувствувам уште еднаш, а и ти да се присетиш, да не забораваш исто како што јас никогаш не заборавив. Ќе те пронајдам таму, та и да си на другиот крај на небото, и ќе исправам многу грешки, и повторно ќе ми бидеш херој дедо, највисокиот, најсилниот и најхрабриот човек во светот! 


Смешни емоции

Тажна е тишината која струи низ воздухот и низ градиве. Сакам нешто да кажам, но не можам да го преведам, да го дешифрирам. Ми се мешаат чувства, мисли, сеќавања. Нешто недостига.. но, нешто секогаш недостига. Си велам по некогаш „што треба да биде, ќе биде“, но ништо не бидува. Секое утро исто, секој ден празен, секоја ноќ тажно збунета. А што всушност треба да биде? Што очекувам јас дека ќе биде? Па виновна сум! Танцувам на самиот раб на сигурноста, каде од другата страна не ме дочекува провалија, туку нешто многу познато, многу мое. Само чекам кога ќе биде она големо БУМ кога се ќе се промени. Сега, не, не дека го очекувам тој пресврт, го сакам, туку ми се ежи снагата кога ќе помислам дека еден ден ќе се разбудам во сосема нов свет, и тој може да биде многу подобар, но мирисот на споменот демне, и старото место каде раснела една љубов секогаш ќе ги буди старите чувства. А сакам така, кога некои места, парфеми, песни евоцираат емоции, стари добро познати емоции, па симатична отсутна насмевка го обележува лицето. Ехх.. ноќва мириса на нешто многу дообро познато, на многу затајани чувства, на многу заборавени луѓе, на многу драги места, и се смеам, а очите се полнат со солзи, ама јас се смеам! Убаво ми е на душичката што чувствувам толку многу, толку искрено, толку смешно што тера на плачење. Се прашувам понекогаш, каде ли ќе завршам, со кого, ќе ми навираат ли емоции како сега, ќе го сакам ли животот волку многу та да го анализирам од секое ќоше или ќе замре чувството дека всушност никогаш не треба да се заборавиме себе како секоја возрасна личност. Дека не треба да умреме пред време затоа што сме дале живот, дека соништата се наши соништа кои имаме можност да ги оствариме и многу години подоцна затоа што не умираме, туку се раѓаме во еден нов почеток каде сеќавањето од претходниот живот се заминати возови кои не се враќаат, но пругата трепери од нивната тежина и брзина. Па добро, се надевам ќе имам за што да пишувам, ќе имам чувства и мисли за бркање и доловување како сега, а до тогаш, па има време. Туку, се потрошија, се потрошија зборовите за вечерва, сега е тишина, умот не се бунтува туку си прилегнува, ќе спие, а од утре се од почеток. :)))


Сенки


Посакувам да не сум јас,
посакувам многу често
да сум едноставно ти.
Да заборавам на сите 
болни, 
тешки спомени
да навлезам во твојот ум,
и понекогаш во туѓо тело да сум.
Да почувствувам туѓа болка, 
утеха лажна за миг, 
да насмевнам туѓи усни, 
по долгиот скриен крик, 
да заспијам со друга мисла, 
туѓа совест да ме каса, 
карма туѓа да ме втаса.
 
Кога едноставно би била ти 
би се потсетила колку вредам,
би си кажала по некој утешен збор,
би си подарила прегратка силна, 
и охрабрувачки поглед 
од туѓи очи би си пратила јас,
и всушност не знам во кое тело би живеела
ниту под чије име би умрела,
но, чекај!
 
Сенките се мртви од раѓање нивно,
а премногу живи под закрила туѓа,
грда судбина или избор тежок,
ги држат врзани за асфалтот жежок, 
и немаат тие каде да одат,
само се вкрстуваат по долгиот пат, 
и чезнеат по слобода своја, 
а окови сами си ставаат пак.


Darling...

Знаеш, од време на време се раѓаат ликови како тебе, прекрасни, да го засенат загаденото во луѓето со нивната чистота. Ама има проблем, баш тие, тие најмногу патат бидејќи не можат да си го најдат другиот дел од себе за да бидат целосни и да поврзат насмевка со очите. Ама тука си, близу, и можеби само ти и тој ме охрабрувате да се потрудам и да бидам подобра затоа што можам да бидам гад, ѓубре, безвредно парче хартија на кое е испишано толку многу, а кажано толку малку. Знам дека и ова ќе се расипе, за некој ден, за некој месец, можеби за некоја година, но зборовите остануваат, не се забораваат, а јас сакам да те паметам по тоа што кога сакаш, сакаш вистински, знам. Но сепак, никој не е совршен, а маните се единствената работа што не прават различни. Избегав од темата хаха, ама некој работи само доаѓаат на памет и мораш да ги запишеш. Инаку, сакав само да ти го честитам роденденот, онакако како најдобро знам, па вака: 
- Ти посакувам љубов, огромна, чиста, искрена
- Ти посакувам среќа, вистинска
- Ти посакувам луѓе до тебе кои заслужуваат да ги нарекуваат „луѓе“, затоа што веќе се вид во исчезнување
- Ти посакувам успех, да се вивнеш над сите и да пичиш ауди а6 по скопскиве улици (со мене у него) 
- Ти посакувам здравјето секогаш да те служи, и тебе, и твојте најмили, затоа што знаеме како е да изгубиш близок
- Ти посакувам тие, најскриените желби да ти се исполнат кога најмалку очекуваш, затоа што тогаш, така, е најубаво
- И не знам веќе што да ти посакам, ти посакувам тоа што ти го посакуваш да го добиеш, исполниш, освоиш, да успееш

Нека ти е среќен роденденот и да знаеш дека има луѓе кои се грижат за тебе и те сакаат, успеј за нив, за себе!
Те сакам <3 


Но, не можеш, те разбирам

Остави ги спомените да умрат во минатото, остави ја сета болка, сета вина и живеј тука, сега! Краток е животот за да ги oтвараш старите рани и повторно да крвариш. Кога ќе се завртиш назад, нека ти се насолзат очите од среќа не од тага и тоа нека биде само поттик за подобро утре.

И на крајот на денот сепак ќе се сетиш на она што можело да биде подобро, и пред заспивање ќе те пресече мислата која се обидуваш да ја заборавиш, и наутро повторно ќе ги отвориш очите со поглед кон иднината за вечерта да се свртат во обратната насока. 


За кого ли?

Се откажав од тебе многу многу одамна и многу пати. Кренав раце и оставив работите да течат онака како што животот наводно решил. Не, не решил тој, туку одлуките спијат длабоко во мене закопани во душата и немаат плоча која ќе го носи нивното име, немаат ништо само гледаат да се сокријат што подлабоко за никогаш да не бидат пронајдени.

После долго време вчера те видов, а како да го видов најголемиот непријател и најблискиот пријател, оружјето и лекот, пеколот и рајот, а само видов човек. Ме потсети на дамнешни времиња кога јас бев таа која се плашеше додека ти не се откажуваше па дури и тоа да значеше збогум за сите околу тебе. Јас пак, ненаситно го сакав и најмалиот момент на внимание од најмалку значајната личност за мене, а тебе те оставив да чекаш на крајот на редот. 


ангел чувар

Кога не би бил тука
одамна би се изгубила во тагата
кога не би ја стишувал сета бука
одамна би верувала во лагата
кога не би ми бил сонце
темнина би ме обвила
кога не би ме заштитувал
болката би ме покрила.
 
Ти благодарам што ме чуваш
што се грижиш 
што ми простуваш
што ги премолчуваш мојте зборови тешки
што замижуваш на мојте глупави грешки
ти благодарам на сета подршка твоја
за утешната прегратка во светов без боја 
би ти зборувала уште долго
но минатото не се менува
останува рана со крв засирена
останува флека во платно впиена.  
 
Кога ќе ме нема
немој, не ме заборавај
ако не за добро
по лошо помни ме 
и понекогаш во тишината 
сети се, спомни ме
потсетисе како било некогаш
како сум врескала
„ТВОЈА ЗАСЕКОГАШ“


САКАМ

Кога ќе се свртиш назад, што гледаш? Со секој ден старееме и ќе старееме додека не се потроши и последното отчукување на срцето. И ќе жалиме за се она што не сме направиле и ќе умреме за повторно да се родиме. Оваа сегашност некогаш ќе се сведе на она „Паметиш ли?“ и душата ќе се полни со спомени, и очите ќе се полнат со солзи, и срцето ќе се полни со тага.

Го сакам сонцето во пролет - пријатно е, го сакам дождот во есен - наликува на душата моја, го сакам животот - прекрасен е. А дискутабилни се исповедиве мои, еднаш - вака, друг пат - така, еднаш - бело, друг пат - црно. Не ме осудувајте, бури владеат во мене, а љубовта ја дискутирам тогаш кога ќе стапнам на копно по долгото патување.

Ме мачи тоа што се уште не успевам да се пронајдам себе си, да ги обележам границите до каде ова мое „јас“ може да оди и да се одвојам од толпата која и онака не е продуктивна.

Понекогаш кога емоциите се потрошени, ми недостига и тагата. Тоа е глупаво, едноставно потсетува на тоа дека никогаш вистински и не си сакал некого. А колку многу посакувам... како животов да не вреди без тие жестоки емоции, како да не се важни другите околу мене, како да тоа е единственото нешто што недостига за среќа.

И што воопшто значи тоа „среќа“? Не ми се допаѓаат среќните луѓе, не затоа што се среќни, туку затоа што не верувам во таа нивна вкочанета насмевка. Преоптовареноста со темната страна на животот прави да сонувам често. Сонувам сонови кои ме уништуваат, ме закопуваат и ме оставаат да се изборам со сета тежина на црната земја. Ме фаќа паника и гребам со ноктите и пробувам да викам и конечно земам здив. Има сонови кои ми ги одземаат сите оние кои ги сакам и има сонови кои ми ја одземаат душата и ја гледам како заминува и ме остава таму некаде надвор, сама. И конечно има сонови кои даруваат мир за кога ќе се разбудам да ме пренатрупаат со грубоста на реалноста.

Се би дала да можам светот да го направам подобро место за живеење, би ја дала душата на ѓаволот, желбата на скршениот и насмевката на тажниот човек, но не вреди, и нив би ги продале за ситни пари!


Ти благодарам

Уживав, те гледав, несвесно се смеев зошто знаев дека завршува. Се присетив, како си играше со мене затоа што рацете ти беа цврсти, силни, машки. Потпрена на ѕидот, со обвиткани нозе околу твојата половина, ги чувствував воздишките во вратот, на градите, на усните. Сега, се сеќавам и пишувам да не заборавам колку се смеев, колку беше збунет кога требаше да ме оставиш и повторно се јави.

Се надевам, можеби, повторно ќе заѕвониш. А не сме еден за друг, не сме воопшто. Ме гулицкаат мисливе, спомениве на тебе. Кога ми рече „ќе те женам“ хаха, се засрамив. Има многу моменти за толку кратко време кои се борам да не ги заборавам. А има и многу кои со задоволство би ги изоставила, но тогаш би ти припаѓал зборот „совршен“, а и она „копиле“ ти стои совршено.

И нема веќе да имаш можност да ме замолчиш со бакнеж, затоа што нема јас да имам можност да се расправам самата со себе додека ти ме гледаш и се смешкаш онака, некако, симпатично.

Ма остави, глупост. Се ова беше една голема глупост. Причина за да ме јаде совеста од двете страни. Ќе помине, ќе помине и ова, и мојата „бламирана“ врска, како што ја викаше. Остави.. уште сум под импресии. Ќе помине..