Кажав „да“!

Published on 03/03,2020

Кажав „да“ иако во мене се беше мртво.
Додека клекнат пред мене со очи полни надеж чекаше да зборнам јас само сакав да ме снема. Немав душа во мене да се израдува, да се растрепери. Немав срце во мене да прескокне, да тупоти. Имав само ладен поглед и едно "зошто сега?" во умот. Кажав „да“ оти три години се сторија, кажав „да“ оти никогаш немаше да го оставам. Сакав да врескам „не!“ оти знаев портите од стариот живот ми се затворија. 23 години. Зрно грашок, па полна шака смеа, па детски гласен џагор, па солзи од прва љубов, па "добре дојде во светот на возрасните", па "те сакам", па имаше уште толку многу за мене, а сега како да нема ништо. Тој праша, јас кажав „да“. Сега сме тој во една, јас во друга соба. Сега спијам понемирно отколку кога спиев сама. Сега кажав „да“ и понесреќна не знам дали некогаш сум била. Поизгубена не знам дали некогаш сум се чувствувала, понесакана не знам дали некогаш би била. А носам прстен и како карпа ми тежи, ме потсетува на сите мои сонови и желби и на нивниот "величествен" крај.
Кажав „да“ и како во смрт да ме испратија, свесна дека никогаш исто повеќе не може да биде. Никогаш ништо исто повеќе не ќе биде.


Comments

Leave a Reply

Додај коментар





Запамти ме