Се збогуваш додека не заборавиш

Пробуваш да најдеш, да ископаш, да откорнеш, но ти останува само да измислиш. Да фантазираш за една љубов еднаш некогаш, да си нацрташ пеперутки во утробата, со показалците да развлечеш насмевка и солзите да ти се слеваат по рабовите на насмеаното лице. И тогаш си велиш „еј, па имаш толку многу причини зошто баш тој“, причини, измислени, посакувани, по некоја во минатото реална.
Погледот ти е заматен од емоциите во очите и не ги гледаш недостатоците, го гледаш него со блага насмевка, одалечен, со вперен поглед на кај тебе, а всушност гледа низ тебе. Му крадеш бакнеж, а всушност крадеш спомен и се нурнуваш во негова прегратка која некогаш беше твоја и чувствуваш лад. А тој, тој се сторил камен, тој се сторил прав оти само го замислуваш. Сепак го гледаш, го допираш, но оној што го сакаше испарува како летен дожд на жежок асфалт. Течат солзи и емоции затоа што знаеш дека никогаш повеќе нема да биде со него, никогаш повеќе нема да ти се врати. 
Се збогуваш додека не заборавиш, се збогуваш затоа што немаш избор. 


Нема да биде лесно ама бидете сигурни дека ќе вреди!

Многу пати во животот ќе слушнете „Имаш преголеми амбиции, многу ќе патиш поради тоа“ и само едно ќе ви кажам, не им верувајте само насмевнете им се. Подемите и падовите се составен дел од човечкиот живот меѓутоа која е поентата ако се задоволиш со тоа што го имаш и со тоа што си? Каде е авантурата со која стигаш до она ветеното, подоброто? Можеби стравот ме туркаше назад и пробуваше да ме успори 4 години, но погодете кој излезе како победник? Не беше лесен период, во моментите на тотална загубеност направив големи грешки за кои нема оправдување, сепак, победив. Излегов од една лоша врска со тешки последици ама го остварив тоа што го реков. Можеби по втор пат во мојов живот првата рунда со следниот предизвик ја загубив ама не ја загубив надежта и амбицијата и можеби трет пат се соочувам со истите зборови кои ми одекнуваат во главата „можеби ќе трае долго ама ќе се избориш“ и се борам секој ден и барам одговори секој ден и пак заглавувам со секој нов ден ама животот не чека, поминува и тоа што е мое ќе го зграпчам. Не, не сум премногу амбициозна само го сакам тоа што знам дека можам да го остварам, можам да го имам. Не велам дека ќе биде лесно не знам од каде тие зборови, никогаш не реков дека ќе биде лесно ама велам ќе вреди. Секоја непреспиена ноќ, секој умор до болка, секоја солза за секоја изгубена битка ќе вреди. Секое искуство се брои и кога ќе се свртиш назад ако гледаш во рамна линија со мали тахикардии не си успеал, си успеал тогаш кога на врвот на секоја планина ќе гледаш развеано твое знаменце, си ја освоил! 
Знаете, за мои 20 години имам 3 работни искуства, една страшно болна врска, една голема препрека колку Шара и една мала надеж. Горда сум на тоа што направив од мене, но сум далеку од задоволна. Чекор по чекор и скала по скала доаѓам!


На збор нема да ти верувам

Не вели "верувај ми" - немам зошто.
Немам ниту желба, немам ниту место за уште една рана. 
Ќе одиме заедно низ животот и ќе видам, ќе знам дали треба да ти верувам. Ќе решам дали да те фатам за рака или да го кренам штитот, само не вели "верувај ми" оти нема, нема да ти поверувам никогаш ниту на лагата ниту на вистината. 
Доколку чекориш со мене по мојата стаза и со едната рака ја држиш мојата, а од другата страна сончеви зраци галат сечило не барај да ти верувам оти ти сам на себе не си веруваш та острицата ќе ти ја отсече раката со која ме држиш или пак ќе ми се смести во плешката, можеби ќе допре до срцето. 
Толку ли е тешко зборот да биде вистина, да не се колебам, да не мерам на терезија. Кажи ја вистината барем нема да се раниме, нема на душа да си тежиме. 
Зошто искривени зборови излегуваат низ тие бели, прави заби? Зошто усните ти обликуваат лаги? Зошто очите ти се немирни? Погледни ме, ја заслужив сета реалност. 
Не ги сакам соништата, не ги сакам фантазиите. Сакам да верувам дека љубов постои, дека ќе се склопчам во нечија прегратка и мирисот на дом ќе ме обземе. Сакам да верувам дека нечии очи ќе зрачат среќа и ќе ме галат со поглед секогаш кога ќе ги почастам со моето присуство. Сакам да верувам дека во светов постои еден за секој еден дека постои некој мој кој ќе ме гали додека спијам, ќе ме бара со дланките кога ќе заспие, ќе ме држи цврсто во прегратка, а сепак нежно. Сакам да верувам дека солзи радосници ќе се слејат кога ќе ме види во бело и дека нашето "засекогаш" ќе започнува секој ден и ќе трае вечно. Нов почеток - вечно. 
Верувам во љубов и таа нема да ме разочара. Ќе дојде таква каква што сум ја замислила, вистинска. 
Одлучивме да веруваме во клиширани фрази, емоциите ги направивме чиниш на продажба се. Зошто ја уништивме сета убавина? 
Немој не ми вели "верувај ми" и тоа е лага. Речи "држи ме за рака, ќе ти покажам" и ќе појдам по тебе. Ќе ти дадам шанса да ми ја раскажеш твојата приказна и можеби да ја зачнеш нашата.
Верувај ми, на збор нема да ти верувам.


Зошто се променивме?

Меѓудругото јас се променив. Знаете каде е иронијата? Јас бев таа што викаше дека никогаш нема да се промени поради никого и јас бев таа што прва го сврте листот. Се имав најдено и се оставив, а се барав со години. Ги оставив тие луѓе кои можеби не ми беа подршка ама ми беа позитива, тие луѓе што ми беа и љубов и другарство. Оставив се позади мене затоа што условите „налагаа“ така. Им бев лута, не разбирав како можеа да продолжат со животот како ние и таа училница да не сме се случиле никогаш. Како можеше да ме гледа со тој ист поглед како да гледа било која, а ме бакнуваше во чело, плачев во негова прегратка, ми даде утеха со поглед и замина со друга под рака. Всушност јас него никогаш не го преболев. Може и збор да не прозбориме со месеци, со години и можеби мојот дом не бие кај него во гради и можеби никогаш повеќе нема погледите да ни се сретнат, оти мојот е зад решетки, но тој знае и јас знам и тоа е доволно. И сега зошто се променивме? Зошто се менуваме за други луѓе? Го изопачуваме нашиот живот за некого да наречеме љубов и зошто? За утре да ти ги урне соништата, за утре да ти ја закопа надежта, за утре да те нарече моја како предмет, негова сопственост. Додека полека ти го краде срцето го губиш чувството за реалниот живот, забораваш дека тоа еден ден можеби и ќе исчезне и вртиш грб, заминуваш. Се менуваме затоа што ги земаме луѓето здраво за готово, затоа што очекувањата се тие, дека кога и да им го свртиш лицето тие ќе гледаат во твоите очи и одеднаш гледаш во нечиј тил, во сечиј тил. 

Сум направила многу грешки кои сум ги платила со здравје, солзи, несоница и драги луѓе и мислев дека знам што понатака меѓутоа се променив, ја направив најголемата грешка и го прекршив ветувањето дадено пред себе и не знам зошто го направив тоа. Не знам зошто се променив, не знам зошто се променивме... 


Прости ми што јас тебе не можам да ти простам

Ќе ти ги простам моите солзи, ќе ти ги простам моите непреспиени ноќи, ќе ти го простам моето здравје ама никогаш мојата младост. Нема да ти ги простам моите пријатели, нема да ти ги простам ноќите до утрини, нема да ти ги простам сите туѓи бакнежи за твоите, за оние тажните и празни твои бакнежи. Нема да ти простам што гледам во огледало рана загноена оти не и дозволи да заздраве и што гнојот ми тече низ вените, ми го полни мозокот, ми ги заслепува очите.

Па ти беше љубов! Па ти беше се што некогаш сум сакала од некого, со некого, но повеќе не си. Те нема на платното на кое почнав да сликам, всушност те има таму некаде под другите бои кои се слеваат и везат една приказна во која твојата улога завршува меѓутоа нема да биде заборавена.

Нема да бидат заборавени сите оние моменти и цело твое време кое ми беше посветено мене, ќе ги заборавам сите лаги затоа што ти го прљаат образот, ќе ти ги паметам очите кои ги издаваа твоите емоции, твојата самодоверба, твојот бес и најпосле сета таа твоја љубов која кога беше тука ми покажа каде ми се крилјата и како се лета. Ќе те паметам така како што јас сакам, од тебе ќе изградам нов лик како во романите и ќе се сеќавам со насмевка, но нема да ти простам затоа што ми отиде и како брат и како љубов.

Прости ми, не можам да ти простам што со години беше тука и сега се делиме. Прости ми што јас тебе не можам.


Ќе ме сакаш ли вечно?

Ќе ми ѕирнеш во душата ако случајно ѕирнеш низ прозор додека занесено играм и пеам и се смеам сама во соба, или додека се гледам во огледало со пламен во очите, или додека се борам со болката плачејќи и врескајќи, ќе се заљубиш можеби во начинот на кој се бодрам сама себе и си држам говор или можеби во оној мој сонлив изглед наутро во твоја маица. Велам ќе се заљубиш, мислам повторно кога ќе ја видиш онаа моја поинаква страна во моите 4 ѕида.

Можеби ќе гледаш во мене додека јас го гледам моето голо тело пред огледало, немо и со восхит. Можеби ќе сфатиш колкава љубов имам за тебе кога случајно ќе ме фатиш како гледам наши слики и со стрелката ти го галам лицето. Можеби ќе те насмевнат моите будалаштини и фактот што сеуште знам да се расплачам кога умира Муфаса, можеби ќе те натажат моите тажни погледи, насолзени очи и искривената фацка од болка понекогаш.

Можеби ќе ме видиш во мојот свет онаков каков што сум си го замислила и ќе влезеш во него приквечерта кога ќе се изморам од емоциите и ќе ме прегрнеш, ќе ми читаш поезија, ќе ме држиш за рака и ќе ме бакнеш во чело, ќе ти заспијам на гради. Пред зори ќе заминеш, но ќе можеш ли да одолееш да не го видиш моето утринско протегнување во кревет и насмевката кога ќе прочитам "добро утро, те сакам"?

Ќе можеш ли да одолееш да не ти се муртам секое утро кога ќе треба да станам рано или да не ти се смешкам кога ти ќе треба да станеш рано?

Ќе можеш ли, ќе можеш ли сепак да ме сакаш вечно? Да ми ги бришеш солзите поради глупост, да пееш со мене, да играш со мене, да глумиш филмски сцени со мене, ќе можеш ли да готвиш со мене, ќе можеш ли да ми донесеш шоља топло млеко кога после цел ден лежење пак ќе ме мрзи да се мрднам или да ме однесеш да мочкам? Ќе можеш ли да ме слушаш кога нема да ми се живее или да ме гушнеш цврсто кога ќе сакам да заминам? Ќе можеш ли да се справиш со сите тие спротивности? Ќе ме гушнеш ли на крајот од денот да ти заспијам в прегратки како дете?

Ќе ме сакаш ли вечно?


За мене и мојата сенка

Оние мисли кои ти го пијат мирот, оние нејасни стравови кои ти го цицаат сонот, она „не можам, готово е“ кое мозокот ти го впива како сув сунгер, срцебиењето, вртоглавиците, треперењето, потењето, задушувањето, паниката, солзите, криењето, желбата за смрт, напнатост, немоќ сето тоа мил мој е она темпо по кое живеам со години. Парализирана од сиот тој хаос гледам како пред мене се руши се што сум градела, гледам како пред себе се рушам јас. 

Те гледам тебе и си велам „Боже, па колкава среќничка сум јас“ и момент подоцна преплашена од сета убавина и мирот кој го чувствувам ме пресекува мисла „не ни помислувај на тоа, ова, ова е привремено, ова е уште една маска на уште едно лице на кое му направи место во твојот живот, а тој откако претставата ќе заврши, ќе замине, ќе остави дупка со безброј спомени и едно парталче за солзите“. И тогаш ти кажуваш глупост за да извлечеш насмевка и тогаш секоја твоја постапка ја поврзувам со разделба и додека те гледам со празен поглед се збогувам со тебе и со твојата љубов. Ме преплавуваат прашања: Зошто кога ме немаше ми ветуваше, ја искористи мојата слабост за да го добие моето присуство, ме залажа со еден чин од цела претстава, воведот ми го украде вниманието и сега кога тоа заврши тој се враќа на тоа што всушност отсекогаш бил. Зошто не може да го остави алкохолот и не ли помислува на тоа што ќе се случи откако ќе го почувствувам преку бакнежот и преку она неговото „те сакам, ми недостигаш“? Зошто кога ја знае секоја рана и секој страв ми отвара нови, со негов потпис на нив? Зошто ми ветуваше мирен живот, а сега трча за пари? Зошто претходно немав слушнато „не може, не можам“, а сега наоѓа причина и оправдување за секоја постапка и одлука? Зошто го повишува тонот и кажува работи кои човек кој моли за шанса за да ја докаже својата љубов не би ги помислил, а не да ги изговори?  Зошто сето негово внимание полека се претвара во невнимание? 

Јас не барав знаеш, не барав ништо од тоа, не барав да бидеш со мене, барав секој ден по некоја лага во која ќе верував додека не се опоравев, барав по некоја прегратка и некој да ме држи за рака, барав по некоја насмевка и разговор и по некој случаен, украден бакнеж. Јас не барав да ми дадеш се што носиш во себе, јас не ти ги барав солзите, јас не ти ги барав грижите, јас не барав од тебе да се откажеш од се. Барав да ми бидеш пријател и подршка. Јас не сакав да те повредам зошто знаев колку можам. Јас не можев да ти дадам се оти мене ме јаде тоа однатре. Ама се прелажав, реков можам, реков ќе успеам, реков тој нема да се откаже, секогаш ќе биде вака, ќе ми ги лечи раните, ќе ми биде засолниште, нема да слушнам неубав збор, нема да почувствувам непочитување, ова ќе биде бајка. Ама се прелажав.. Јас не можам да прогледам низ прсти, јас не можам да верувам кога ќе се откажеш, јас не можам да барам од тебе ништо, само не барај од мене да сум среќна со дел од нешто големо. 


Те сакам

Љубов се случува баш така, додека да трепнеш полека ја пушташ раката која си ја држел толку време за просторот меѓу прстите да се ослободи за некој друг.

 

Те сакам само за мене, тие очи само мене да ме гледаат, тие усни само мене да ме љубат, тие раце само мене да ме галат и тоа срце само за мене да чука. Не сакам да поделам ниедна твоја насмевка, воздишка, тага. Не сакам да те делам со светот, ниту со една личност од него.

 

Го најдов конечно мојот дел од сложувалката кој недостигаше, те најдов тебе и така ми прилега сета твоја љубов и внимание, несебичност и нежност, страст и жар, искреност и хумор. Така ми прилега храброста да љубиш безвремено. Јас не се вклопувам во туѓи светови, ти не припаѓаш во туѓи светови, затоа си создадовме еден наш кој започна со искреност и заврши со љубов, а она измеѓу беше разбирање и утеха.

 

Доволно беше луд да ме освојуваш, доволно бев луда да ти дозволам.

 

Ми ја врати онаа детска гласна смеа, искрена, ти благодарам за тоа. Ми покажа како треба да бидам сакана и чувана, мазена и пазена, разгалувана. Ми го врати сјајот во очите, ми ги разигра пеперутките. Ми го врати „животот“ во животот. Ми покажа дека се е возможно, дури и тоа некој кој не верува дека човек може да се смени, сепак се менува.

 

Секогаш постоеше ти, едноставно ти. Ништо повеќе, ништо помалку. И секогаш постоев јас, комплицирано јас, со сиот мој инает, со целата моја гордост. Ништо повеќе и ништо помалку. Ама не е повеќе важно затоа што постоиме ние! Створени да се љубиме, створени да се сакаме, створени за да го затресеме тлото со нашата болка, створени за да го отвориме небото со нашата љубов! 

 

И што можам поубаво и поискрено да ти кажам од тоа дека:

Ти си моја слабост

Со тебе животот мој има смисла

Ти си моја љубов

Ти си моја среќа

Ти си се што некогаш сум сакала да имам со еден човек:

Авантура, Вечна љубов, Смеа до солзи, Солзи од љубов, Спонтаност, Искреност, Доза љубомора, Разбирање, Сигурност.

 

Солзите скротени со насмевки и прегратки, страста скротена со допири и бакнежи, лутината.. лутината скротена со љубов. Љубов родена во твоите очи, заспана на твоите усни, згрижена во твоето срце, а сепак создадена за да биде подарена. Кога би те опишувала не би пронашла зборови за да ги отсликам тие топли очи и ведрата насмевка, цврстата прегратка и пеперутките кои ми го разјадуваат мешето. Љубов не е само те сакам, ми недостигаш и уште некои излитени фрази кои механички се изговорени, љубов си ти.

 

Јас го скротив ѕверот во тебе, ти го стиша хаосот во мене.

 

Љубов ретко се наоѓа знаеш.. и ако некогаш ме сакаш помалку од овој момент пушти ме.

 

Не сум можела да замислам дека некогаш некој толку ќе ме сака и дека сум способна некого толку многу да сакам. Не сум можела да замислам дека некогаш толку многу ќе ми недостига твоето присуство и ќе ме боли твоето отсуство. Не сум ни помислила дека љубовта може да биде волку прекрасна и да ми се случи мене. Никогаш не мислев дека некој за толку кратко време ќе ме скрши и ќе зацелам на сосема поинаков начин. Поздрав, понежен, поромантичен и толку нереален, магичен.

 

Ти стана подобар човек Јас останав будалетинка ама тоа сум јас. Смотана, смешна, несмасна.

 

Никогаш не ми беше јасна таа твоја насмевка која и пркосеше на болката и погледот полн со љубов кој врескаше „сакај ме“. Никогаш не дознав со што го заслужив ова твое внимание. И тоа твое „ти простувам“ кога ќе те повредев, а го направив тоа многу пати. Секогаш барав повеќе, повеќе дури и од максимумот кој ти ми го пружи и понекогаш сепак не беше доволно.  И после палетата бои која ми ја внесе во животот и покрај реката солзи што би ти кажала повеќе?

 

Сакам будни ноќи поминати кај тебе на гради оти таму бучавата на цел овој свет ја нема. Само твоето срцебиење

 

Сакам ноќи со страст и љубов. Сакам ноќи после кои ќе се разбудам и ќе ме гледаш ти насмеан, најубав.

 

Сакам денови како што знаеме ние да си ги направиме Смешни Со љубов Со готвење Со филмчиња Добро музиче Чајче понекогаш Чоколадо Чипс Пиво

 

Сакам денови со "те сакам будалче мое" Сакам ноќи со "те љубам животе мој" А ги сакам и оние со "ми недостигаш".

 

Сакам денови и ноќи со тебе оти повеќе не знам како без тебе.

 

Ти благодарам за секоја моја насмевка, за секоја солза од среќа, за пеперутките, за прегратките, за бакнежите, за чоколадите со бисквити, за секоја испушена цигара кај мене пред порта, за секое „тука сум“ кога сум ти рекла „ми требаш“. Ти благодарам за се што ми пружи и што даде од себе. И најголемо благодарам за тоа што ме научи да сакам и што ми го смени животот толку многу што понекогаш не сум сигурна дали е јаве или сон. 


Да се збогуваме како ни доликува

Јас и ти завршивме, но јас и ти не се збогувавме соодветно. 

Знаеш кога ќе се вратам назад и кога ќе почнам од почеток, од нашиот почеток се сеќавам на три работи: нашиот прв бакнеж, моето неконтролирано смеење и првиот пат кога покажав дека ти верувам.

Не бев јас, беше ти. Ти не знаеше да ме скротиш, ти не беше доволно луд за мене. Беше премногу едноличен, досаден, предвидлив. Беше плачко кој газот не можеше да си го избрише сам. Кога би ме прашал некој која реченица најмногу сум ја мразела и најмногу си ја изговарал таа би била „не можам“. 

Не те засакав вистински никогаш оти не ми беше предизвик. Беше некој кој се читаше како буквар, кој не знаеше да ужива во животот, во љубовта на вистински начин.

Потоа те повредив, те изневерив од досада. Потоа повторно оти можев. Третиот пат беше затоа што бев толку многу повредена што сакав да страдаш, а всушност да не знаеш. Ти се одмаздував за сите непреспиени ноќи, за сите солзи, се сета моја болка, за секое мое ебено повраќање пред да излезам, за срцебиењето, за недостигот на воздух, за недостигот на љубов, за недостигот на зрелост. Но, како бива, ти дозна и страдаше и страдав и јас повторно. 

Јас знаев дека нашиот крај доаѓа од самиот почеток. Јас знаев дека ти не можеш да бидеш со мене, дека јас не можам да бидам со тебе. Јас знаев дека кога тогаш ќе те повредам, но не знаев дека ти ќе ме повредуваш. Но, бараше излез веројатно. И не, не те оправдувам воопште и не се оправдувам, едноставно се случило и сега дојдовме до крајот.

Знаев дека сакаш слобода, не знаев дека ја сакам и јас. Знаев дека повеќе и не ти бев важна, не знаев дека можеш да ме искористуваш. Знаев дека повеќе нема љубов, не знаев дека толку бргу ќе најдеш нова, но јас ја најдов пред тебе ха!

Хаха, ма остави не е важно. Важно јас и ти завршивме и сега како што е редот треба да се збогуваме. Всушност јас се збогувам со тебе оти се од тебе почна да ми смета, секое парче спомен, смеата која наликува на твојата, најситниот подарок. Ти си за во попрости, но побогати кругови на луѓе. Јас, јас сум можеби од посиромашните, но оние што љубат вистински, оние чиј живот никогаш не е досаден, едноличен, како тебе.

И за крај, ти благодарам и те мразам за патот кој го помина со мене и за лекциите. Понекогаш не ми се верува дека сме завршиле и ми доаѓа да скокнам од радост кога ќе помислам на тебе, а не чувствувам ништо. Понекогаш се сеќавам на твојата смеа и на твоите бакнежи, но не би ги бакнала тие усни никогаш повеќе. И само понекогаш сакам да те заборавам, да не постоиш никаде никогаш повеќе. 

Јас се обидувам да ја дефинирам мојата среќа конечно и тоа без тебе и ти благодарам што ме пушти толку лесно да си одам, веројатно не си ме ни држел, но така звучи поубаво.

Збогум грешко, збогум лекцијо, време е за иднина во која не нема „нас“. 


Исто како месечината

Таа беше како месечината
Занесно убава,
бескрајно далечна, магична
Блескаше во полн сјај, а сепак
темнееше во тишина.
Беше надеж во безнадежност
Беше љубов во безљубие
Беше ред во безредие
Беше сила во снеможеност
Ама темнееше.

Месечината е како мене
насмеано тажна
бескрајно далечна, магична
расплакана пред себе 
насмеана за другите 
кисело ведра
скршено целосна 
дел на виделина
дел во темнина. 

Јас сум како неа
и ние сме исти
гледај не, не допирај не 
како стакло
како прашина
ќе се распрснеме,
а зрачиме храброст,
а зрачиме вечност,
а зрачиме убавина
и темнееме 
исто како месечината.

 


Само понекогаш лагата е подобра од вистината

Премолчувањето е лага, лагата е лага, искривувањето на вистината е лага и понекогаш лагата е подобра од вистината. 

Понекогаш дознаваш некои вистини кои те болат и благодарен си поради искреноста, понекогаш ти си на ред да кажеш некои вистини кои ќе го болат некој друг и одбираш да премолчиш. Само понекогаш таа одлука е правилна, но секогаш тоа го дознаваме веќе откако ќе го направиме изборот да молчиме или да изговориме некои реченици кои ќе ја жигосаат личноста. И скоро секогаш грешиме.  

Секогаш сум ги градела моите најцврсти врски врз болна вистина и сурови зборови и понекогаш некое „жал ми е“ и сега кога се најдов помеѓу два огна, љубовта и пријателството одбрав да ги задржам двете. Да ги сочувам такви какви што ги изградив, чисти со болка.

Чиста лага, искривена вистина и нечии солзи ми ја разорија утробата и можеби згрешив. Ако ја премолчев таа вистина која ја изговорив можеби и само можеби никогаш не ќе ме печеше како лага.

Барам да ми простите за тоа што можеби ве издадов, но го сакав само најдоброто. Барам да ми простите што ги прекршив моите ветувања за наше добро. Барам да ми простите што сум толку лоша пријателка и толку лош сопатник. Но, ве сакам со се што имам и со се чисто што ми останало. Со се што не е затруено.

Ве одбрав вас, за вас да ви верувам за во ваша закрила да плачам, за вие да ме буткате напред кога ќе се откажам. Ве одбрав вас и правам се што можам да ве сочувам, но не секогаш се оди по план. Можеби ќе ме разберете, можеби нема, но во ред е. 

Само не сакав да ве пече вистината, но ве докрајчи лагата.

Велам никогаш повеќе. Никогаш повеќе.  


За оној кој повремено ми се лизгаше меѓу редови, а јас не го гледав.

Мислев дека сакам, дека тоа што го чувствувам е она вистинското и дека онаа болка се вика љубов и згрешив... многу лесно му свртев грб на стариот живот, но останав гледајќи се очи во очи со старата јас. Онаа која трепетот ја издава оти се плаши, онаа која бега за да не боли, онаа која неуморно се бори со емоциите, со себе. Старата Јас налета на новиот Тој. Налетав на љубов која кога сакав да ја одминам ме зграпчи за половина и заигравме танго. Мислев песна е, повеќе од три минути не ќе да трае, а таа еве ја полн месец како ечи. Ме допира онаму каде што боли, остава траги онаму каде никој не бил, влегува онаму каде не сакам да влезе, се протнува низ клучалката и полека отвара однатре.

Неговите раце лизгаат по моето тело, неговите усни завршуваат на мојот врат, неговата машкост се бунтува да го раздразни моето меѓуножје и за цело тоа време тој ми ја љуби душата. Се сакаме, среќни сме!

Почнувам да слушам крцкање и потпукнување, тешка врата во мене се подотвара, толку многу ме збунува што срцето почнува да чука како лудо, напливот на крв со трескот ја затвара вратата. Си велам „ова овде ќе остане така, затворено, како до сега така отсега“. Исчезнува сета магија, Пепелашка легнува покрај каминот и заспива сама, се сеќава „Како до сега, така отсега“.

Тој останува да ме гледа збунето  и сфаќа дека не сум го разбрала текстот од онаа нашата и почнува да ми пее. Го гледам со презир, мразам кога ми се повторуваат истите работи по сто пати, пробувам да се изборам со нежноста која избива од мене, со срцето кое ми го дроби градниот кош и сака да излезе, да му слета на гради. И кожата ме издава, ги разбудила сите пори, не може да се засити та се поткрева. Толку силно го посакувам што со очи го пијам. 

Ми зборува за неговите соништа, ми зборува за неговата тага, ми зборува за нашата љубов и се напрегам да слушам оти се губам. Одеднаш сфаќам, не можам да го следам. Кукавички се измолкнувам од неговата прегратка, сосем „случајно“ ми се излизгува дланката од неговата и го оставам сам да го освојува целиот свет. Додека лакомо граба од животот ми доаѓа мисла „лага е“. Застанувам и тргнувам назад оти тоа не е мој свет, тоа небо над нашите глави не е мое небо, тоа што него му чука во гради не е за мене. Не припаѓам тука. 

Првите неколку чекори се лесни, сеуште го фаќам со поглед и одеднаш сфаќа дека ме нема, тргнува назад, се враќа. Се враќа да ме однесе онаму каде што сме тргнале, ме води со растреперена дланка додека не го почувствува мојот стисок кој вели „спремна сум“ за потоа повторно да се разнишам. 

Погледнувам навнатре, гледам носам жиг, носам белег кој вреска „Не заборавај!“. Набрзина влегувам онаму каде еднаш висеа катанци и гледам дека се раскомотил. Ме ужаснува помислата дека таму се е прљаво, ме ужаснува помислата на што налетал кога влегол. Заборавам на тоа дека не сум го почувствувала кога влегол.  Како крадец ми ги украде мислите и несоницата, љубовта и немирот, минатото и иднината и ме остави да постојам само во моментот со него. Но јас не можам да го следам, не можам да го подржам, не можам за него да се радувам, не можам се да оставам оти е лага, оти влегол, а не прашал. Заминувам.. заминувам..


Ме праша и си замина

Ме праша „Како ти е?“

Се насмевнав оти нема да ме разбере.

Ми рече „Кажи ми, те разбирам“

Почнав да му зборувам

За татнењето на срцето од стравот

За тупотот на коњаница од лутина

За застојот на воздух од љубов 

Почнав да му ги распостилам моите емоции

Да му ги цртам моите мисли

Да му ги изнесувам моите идеи

Мојот поим за среќа, тој

Мојот поим за љубов, тој

Мојот поим за тага, тој

Моето скршено срце, повторно тој.

И тој никогаш не разбра

тој никогаш не ни можеше да разбере

го направи тоа кое очекував да го направи

си замина.


Погрешни

Ние, жените сме чудни. Храбри лавици кои гризаат со забите и гребат со канџите за тоа што го сакаат и беспомошни пеперуги кога не убива тој што го сакаме. Тој кој всушност и никогаш не е наш, тој кој знае дека може да замине кога ќе му здосади и повторно да направи нова селекција и нов избор и повторно да биде среќен.

Ние, жените, мислиме дека ги држиме конците во наши раце, дека доколку сакаме ќе го заборавиме и дека тој ќе биде оној кој ќе моли за нашата љубов, но вистината е таа дека ние повторно ќе бидеме бирани, ние никогаш не бираме. Ние сме тие кои имаат потреба од љубов и внимание, нежност и бакнежи, долги прегратки и искрени погледи и затоа ние сме тие на кои најчесто им се излеваат емоциите, оти тие најчесто и ги немаат. 

Затоа и ние жените изневеруваме, за внимание и љубов, за она розевото на почетокот на врска кога тој ти докажува дека не е како другите и дека нема да те повреди и ти веруваш се до оној момент кога го докажува спротивното.

Затоа и ние жените стануваме кучки. Кога еден маж знае да ја сака својата жена, таа никогаш нема да стане она што ниту таа ниту тој не сакаат да стане. 

Безобρазна, дρсκа и ладноκρвна κучκа κоја ќе го дава телото за негов инат, повтоρно погρешно, и нема да чувствува болκа поρади тоа затоа што единствената болκа κоја ќе ја чувствува ќе биде пρедизвиκана од него. Од "човеκот на нејзиниот живот" κој полеκа се пρетвоρил во љубовниκ на неκоја дρуга или во ладноκρвен штетниκ κој нема хρабρост да пρизнае деκа не ја саκа повеќе.

Тој и ниκогаш не саκал затоа што не знае κаκо, и нема да дознае деκа не саκал додеκа не му се случи љубов со жена на κоја неκој дρуг таκов κаκо него и го отκоρнал сρцето и останала без срце, без љубов за давање.

Таа љубов, тоа е ρасипана плоча која ќе ја свири истата пρиκазна се додеκа не ги истρебите жените за саκање од овој свет и ги донесете κучκите за нивна замена. Само, тие нема да гρизаат и да гρебат за вас, тие ќе го гρизаат вашето месо и κанџите ќе ги заρинат во вашето сρце за да чујат κρиκ, за малκу да ја ублажат нивната болκа за потоа да станат уште пожедни за уште! 

Тие се погрешни, затоа што се срамат да ја сакаат својата жена пред цел свет. 

Тие, мажите, се создадени за да ја сакаат жената и преку неа да научат што е љубов, страст, доверба, грижа, нежност. И истите тие мажи се погрешни затоа што го сакаат она погрешното во жената, го бараат, го будат ѕверот во неа и потоа ја оставаат сама да се справува со ураганот од емоции затоа што таа е жена, а ние жените „сме такви“.

Затоа што ние, жените, не знаеме да бидеме среќни, затоа тие, мажите, се погрешни! 

 


Ај заеби.. и животот помина.

Не трепнувај! Нека ти станат очите суво крвави, поарно така верувај ми оти додека да трепнеш тој заминал, животот поминал. Кој да знае пустото та да го причува или да го испрати, кој да знае кој кога заминува.