Пресврт

Секогаш ти бев љубоморна, од кога знам за себе љубоморев на твојот круг на луѓе, на начинот на кој го живееше животот, на храброста која ја имаше да не се појавиш кога требаше. Ти љубоморев на вниманието кое го добиваше од нашите родители, се борев секој момент да зграбам барем мало внимание од нашите родители, се борев за љубовта која ти ја добиваше иако никогаш не беше доволно добра. Ти љубоморев се додека не сфатив дека сето тоа внимание и сета таа љубов е поради нешто што тебе ти недостасуваше и не можеше да биде надополнето на ниту еден начин и се откажав затоа што иако ти не се бореше, јас губев. 

Ти си инвалид, можеш да ги движиш рацете, можеш да ги движиш нозете, можеш нормално да комуницираш, можеш нормално да размислуваш, само не можеш да живееш нормален живот затоа што ти смислата за нормалното одамна ја загуби. Допирот со реалноста го изгуби и сега лебдиш и не сакаш да бидеш спасена затоа што се плашиш. Си заборавила како е да стоиш на сопствените нозе, да ги напрегаш мускулите за да се помрднеш од место, да тргнеш било каде за да не те однесе ветерот како сребрен прав.

Ти си ми сестра и јас и ти сме многу различни ама во душичката сме исти. И јас го имам истиот инвалидитет само што јас никогаш не му се предадов целосно. Не потклекнав пред наредбите, не ги затворив очите пред оние кои ми нанесуваа болка, ги гледав во нивните две црни дупки на главата и понекогаш ги колнев понекогаш се колнев, но никогаш не се предадов целосно. Знаев дека ќе јадеме и пиеме заедно, ќе плачеме и ќе се смееме заедно, ќе се повредуваме меѓу себе ама на крај секој ќе си го плати својот дел од сметката. Јас се уште се борам, претам, ги напрегам тетивите до пред кинење за еден мал чекор, та се одмарам.

Конечно си најдов нешто мое, тој ме најде мене и ти одлучи да ги ставиш твоите безобразни дланки на него. Во тој момент посакав дланките да ги ги отсечам, да ти се сронат пред стапалата, пепел да се сторат и твоите очи станаа како истите тие црни рожници кои навестуваа битка, на кои им објавив војна. Никогаш не смееше да го посакаш она што беше мое затоа што ти се твое веќе имаше. Се додека...

Таа ноќ милион сабји ми ги пресекоа колениците и срцето ми чукаше како брза милионска коњаница. Го крена телефонот да побараш нешто од мене, нешто што никој на овој свет не може да го даде. Побара да те ослободам од тие окови, од тие ланци со тие насолзени очи, а се држеше за решетките како некој со сила да сака да ти ги отргне тие пругави сенки од лицето.

Сестро, плачев таа ноќ со тебе иако сум плачела безброј ноќи од тебе и знаев дека секој чекор е болен и знаев дека секој е погрешен. Тие две мали, невини душички во чии рожници се собрани сите можни сонца не знаеа дека нивна беше таа иднина за која се одлучуваше, за која јачеа болки, за која течеа солзи, за која се голтна една голема кнедла и се прикрија прстите прелепени на образ, та се нацрта насмевка оти си мајка.

И сега сите глумиме среќа, сите глумиме како една друга вистина да се случила, сите глумиме нечија смрт, а ти која си поигра со туѓи животи глумиш живот.

Не си ти роб сестро, не си ти ничија играчка, не сум ни јас и не играј си со она кое долго време го обликувам како глина, извајано со многу труд и желба. Меѓу нас никогаш нема да има граница ако знаеш до каде е твојата со нешто мое.


Пцости

Потонав во темнина повторно, ја опипав и ја гушнав толку силно како драга пријателка која со години не сум ја видела и и дозволив да ме одвлече онаму каде веќе сум била. Онаму каде добро знам што и каде стои, каде останало се таму каде што сум оставила. Се обидов да ја заборавам и да ја избришам од мојот живот, се обидов да ја убијам ама ми досудија доживотен затвор во таа ќелија. Низ решетките проѕира сончев зрак, ме милува и нежно ме буди, ме теши како никој друг до сега. Ми дава се во момент кога немам ништо повеќе. "Лудача! Пичка ти мајчина!" - Ми згрмува неговиот глас та се сецнувам. Ме лазат морници... "Човечки е да се прости, ајде разбери!" - Омраза ми будиш еј! Те мразам! Та сега згрмив јас и повторно тие досадни мравки низ телото до мозокот. Пулсот го чувствувам во слепоочниците, тие тиркиз боја рожници ми темнеат, усните ми модреат, ликот ми се замрачува. Едно жарче и се вивна оган до небесни височини и над. Којзнае каде животот ќе ме одведе, којзнае утре дали ќе се разбудам во пепел и дим, којзнае како чија ќе завршам..


Јас низ неа

Кога животот ќе ти даде една единствена шанса да ги видиш твоите солзи во туѓи очи, да го видиш своето страдање како извира од туѓа душа, да ги видиш твоите неостварени желби како чукаат во туѓо срце, сета болка, сите делчиња од мозаикот, сета проклета надеж веќе знаеш дел од туѓа судбина. Додека ја гледав како го распостелува своето каење пред неговите нозе додека тој ја турка од себе посакав еднаш животот да биде фер и барем едната од нашите испишани судбини да ја промени. Додека го гледав тоа себепонижување посакав барем таа да не простува. Додека гледав како таа младост се претвара во бура посакав барем таа да замине. Не можев да и помогнам, не можам ни самата себе да си помогнам и додека таа јачеше на глас, јас крварев однатре и тоа беше една наша мала тајна. Тајна на странци која таа никогаш нема да ја дознае. Војуваш сам, таков човек човек како мене војува сам. Војува со сите, војува со себе, војува со воздухот што го дише и секогаш носи тешка медаља на губитник иако секој ден успева да преживее. Чувствуваш премногу и пресилно. Пребрзо ти чука срцето чиниш тапани удираат во гради, сите извици на цело племе ти се насобираат во гркланот и конечно солзи се разлеваат. Ти се раскинува душичката, ти се цепи та полека зацелува и не ти е јасно зошто и не сфаќаш до кога и ... тишина. Поминува ден за ден, сеуште лутам низ времето, се обидувам да научам, но никако да запаметам. Сега барем знам не сум сама, за жал. Живот полн искушенија доживуваш и нема граница, нема одмор, нема.. само диши. Еј животе, еј ...


И ако е се во мојата глава

Можеби се е во мојата глава, можеби замислувам, можеби измислувам, но јас и ти бевме нешто друго. Јас и ти се поврзавме на некој друг начин, на некоја друга планета додека стоевме цврсто на Земјата. Јас и ти разговаравме, се држевме за рака, гледавме зајдисонца, дочекувавме изгрејсонца, водевме љубов и се чувавме на некој друг свет кој е само наш. Можеби го посакувам тоа толку силно што се чини вистина, се надевам вистина е. Самото наше присуство во иста просторија го правеше воздухот густ и леплив што дури човек ќе се замори дишејќи. Нашите души страсно се љубеа многу пати додека гледавме на различни страни и додека зборувавме за други луѓе, некои наши минати љубови и болки, а никогаш збор не изустивме за она нашето. Ниту кога ме бакна цврсто држејќи ме во прегратка и кога ја стиша сета бука, ниту кога те држев под рака како отсекогаш да си бил и ќе бидеш само мој, ниту кога те болеше мојата тага, ниту кога се преправав дека спијам кај тебе на рамо пијана само да го чувствувам мирисот на твојата испотена кожа со изветреан парфем и ти знаеше дека будна сонувам и едвај градите ти се подигаа, ниту кога се збогувавме таа утрина ама не засекогаш, само додека не дојде нашето време. Чудно ли е кажи ми оти те разбирам и без зборови, да го чувствувам ова? Ти бев ли јас тебе нешто во некој друг свет во некое друго време? Чудно ли е што си ми сеуште прибежиште и причина за насмевка иако не сум те видела? Знаеш ли каква топлина чувствувам при секоја помисла на сето наше минато и каква надеж гаам за некоја наша иднина? Кажи ми да не те чекам таму каде нема да дојдеш, да не те барам таму каде ќе те нема ако за тебе не постоеше ништо само немој да оставиш рушевини од моите соништа. Остави тие никого не болат, ќе ги чувам и ќе им се враќам секој пат кога волјата да го почнам денот ќе ми исчезне или кога ќе останам цел ден во кревет за да се сеќавам или кога ќе ме боли душата до распарчување. Остави да развлечам насмевка понекогаш додека ме галат туѓи раце, да се насмевнам барем да не умирам иако твојот лик ми е во умот, а некој туѓ пред очи. И да е се во мојата глава, јас никогаш нема да го дадам оној наш свет, а тебе ќе морам.


Мртов живот

Во еден момент го освојуваш светот, а во другиот веќе вресокот ги го задушува перницата. Во еден момент чиниш не ти треба никој, а во другиот те гуши осаменост.

Порано мислев добро е, додека има луѓе добро е, потоа мислев да ги одбирам подобро е. Тие што останаа не им давам минута од мојот ден, тие продолжија, а јас продолжив да заостанувам. Мојата комфорна зона, мојата и неговата соба и само нашите срцебиена некогаш беа доволни, сега ми се само утеха од самотијата. Ги избуткав сите, го учев да стане како мене - сам човек ама никогаш не мислев дека ќе останеме само ние двајца. 

Им ги одземам луѓето на луѓето, си ги одземав и од себе ама како да си помогнам, како да се прелажам, како да се утешам? Како да му речам оди оти сам ќе самуваш, подобро без мене отколку само мене да ме имаш. И лош живот е подобар од мртов живот, а мојов умре одамна. 


Те барав, те најдов

Те барав тебе во туѓи очи,
те барав во туѓи прегратки,
те барав во туѓи кревети,
те барав на туѓи гради,
те барав на туѓи усни,
те барав во туѓи насмевки,
те барав во туѓи солзи,
те барав и не те најдов
во ничии зборови,
во ничија утеха,
во ничија страст.

Те најдов како стоиш пред мене
и гледајќи те
сфатив дека сум гледала низ тебе.
Те имав најдено одамна,
се немав најдено јас самата. 

Кога те најдов сфатив колку си ми недостасувал.

 


никогаш да не беше мој

Не знам јас за љубов 
ниту пак омразата ме гушка
во мене воздивнува душа,
празна, гола, пуста. 

Не знам јас за среќа
ниту за копнеж на перница мокра
јас знам за тага
и за жиг што го носам.

Како во пустина ништо не заживува
така емоција не се раѓа
како во гроб, каде светлина не пробива
така очиве ми гледаат црна темнина.
 
Ми недостига понекогаш насмевката твоја
кожата ми пука по допирот твој
и рани отварам војни водам 
посакувам никогаш да не беше мој. 
 

 


Само за неа

Кога ќе отидев ќе излезеше, ќе ме пречекаше, ќе се насмевнеше, ќе ме нагостеше. Тоа ми беше втор дом. Ништо посвое од моите два дома немав. Ништо потуѓо сега откако неа ја нема. Мислев и на моите деца таа ќе им биде баба, и моите деца ќе ја знаат како што ја знаев јас, и на моите деца ќе им влезе под кожа. 

Денот кога замина ја барав и се ми изгледаше како шега. Нејзините собни папучи свртени нанадвор, чудната тишина во таа куќа. Ни глас ни траг, а само од прозорот мој требаше да погледнам и ќе ја видев. Јас ја барав, таа се беше скрила да замине во тишина. Да не ни го слуша плачот, да не ни ја гледа тагата. Замина и остави празнина, ги остави најмилите, најсаканите. Ги остави оние кои и причинуваа толкава среќа колку и болка. Не остави нас и како парче душа да ми зема со себе. 

Не поминува ден, не поминува ноќ да не помислам. Се обидувам да ја запаметам таква каква што беше, жива, насмеана, со широко срце и добра душа. Како ме викаше, како ми збореше, како ја гледав од прозор кога доаѓа.

Кога ја испраќав и зборував, и кажував каде доаѓаше и како ќе ни недостига, и зборував за животот кој секојдневно го живееше, ја молев да стане да се насмее, да проговори, па кафе да и сварам и да запалиме по една. Не стана, не проговори, молкум си замина. Не остави да ја споменуваме, да  ја паметиме. 

Си замина да се одмори ама знаеше ли дека никогаш повеќе нема да се врати? 


Да умрам за среќа

„Чија жртва и чиј роб сум?“, се прашувам.

Своја?

Негова?

Сираче?

Да знаев, да научев како да се носам со тагата брош ќе ја сторев и гордо ќе ја покажував

„погледни свету како ми сјаат очите после солзите“.

Не научив, можеби и никогаш нема да научам. 

Можеби никогаш нема да умеам да умрам за среќа. 


Ах љубов

Вистина или лага?
Копнеж за копнеж по некого
Пеперутки по целото тело
Бессони ноќи од трепет

Љубов 

Кому да те дадам кога погледот не застанува
Душа не сака ни да чуе бар дел да дарува
Срце со татнежи мирува
А желба гори, пепел ме сторува

Љубов 

Вистина или лага?
Вистина сум речи...
Ребра чиниш решетки
Умот чиниш затвор
Тело бара допир, стисок, лузна
А бега од раце сечии

Ах љубов...


Кога ќе се најдат две изгубени души, стануваат една или не останува ниедна?

Кога во овој свет на лага и измама, болка и тага, солзи и вресок, бес и празнотија ќе се сретнат две „болни“ души, две изрезбани од болка, некогаш невини и наивни души што се случува? Можат ли тие да опстојат секоја сама на овој свет или им треба нечија друга душа да ги пополни дупките во нивната, да ги израмни браздите, да ги излекува, да им биде мелем? Кога една болка што живее во телото на еден човек ќе наиде на болка слична на неа која сепак има друг дом...

 Оваа моја болка, оваа моја душа наиде на една туѓа. Се опипаа, се запознаа, видоа дека се налик една на друга и посакаа да останат заедно оти се разбираа. Меѓутоа понекогаш се случува сосема нешто неочекувано и настанува војна. Чија болка е поголема, чија душа е помала? Помислив полесно е кога двајцата го допираме истото дно значи ќе имаме иста цел, ќе доживееме ист успех, ќе зграбиме малку среќа и жал ми е што толку многу погрешив. Човек лесно се залажува, најлесно е да веруваш дека има надеж, најтешко е кога таа надеж ќе ти влепи 2-3 жестоки и ќе исчезне и тогаш во лутината и јас си влепувам уште 2-3 колку да бидам сигурна дека следниот пат нема да ја повторам истата грешка.

Војната завршува, неговата душа е помала, мојата е загубена. Ниту тој успеа, ниту јас успеав. За мене подобро е сама да си ги излекувам раните, за него потребно е некој друг да ја чувствува неговата болка за тој да се засити и да сфати дека преболел, само, душичката му се смалила, не му е поголема од зрно ориз. Се обидов да впивам и да молчам, се обидов гласно да викам и да грмам, се обидов солзите да му ги покажам, соновите да му ги раскажам, желбите да му ги откријам, а тој со неговата малечка душа мислеше дека се излекувал, дека ми помага, не сфаќаше дека ме изгуби. 

Мојата душа е кревка, се крие од светлината, се крие во темнината. Се учи како да се лекува. Кутрата сеуште се надева, но јас научив да не и верувам за нејзино добро. 

Кога ќе се најдат две изгубени души, стануваат една или не останува ниедна?

Сепак, кога ќе се најдат две изгубени души и кога ќе се судрат две болки, најдобро е да замижат и да се разминат додека не се распарчиле, додека не се смалиле, додека не исчезнале па можеби кога ќе се ослободат, кога ќе зацелат ќе се пронајдат. Ако им е така пишано, ќе успеат. 


Сето тоа е само живот што се случува

Се ослободив од едни ланци, од едни окови, едвај, со душичката се протнав низ клучалката. Ете толку ослабев, ме собра. Се ослободив од 4 годишно изгладнување и на излезот се фатив во стапица. Ме пречека насмевка и ширум раце за преграта, ме пречека храна и вода, ме пречека едно „те сакам“ и се излажав. Никогаш не требаше да ја прифатам таа твоја подадена рака оти секоја претходна в оган ме фрлала, исто како сега твојава.

Се понадевав за момент иако надежта за поинаква, помалку болна љубов ја закопав. Посакав да се издигнам над тоа што бев, подолу и онака не можев. Меѓутоа ти со таа твоја насмевка дел по дел ме освои, сега мислиш дека ме поседуваш, но се оттуѓувам. Свесна дека тоа не сум јас, јас сум многу повеќе од празни разговори, љубезни насмевки и климање со главата. Јас сум многу повеќе од просечни желби и успеси, јас сум многу повеќе од празен ум и проста маса, јас не сум за тебе.

Поентата ми е што овој пат не знам на што да се надевам. Во минатото се надевав на одреден крај за кој бев сигурна дека ќе дојде, а сега не знам каде стојам и накаде треба да тргнам.

Најмногу ме плаши тоа што ти не си виновен, ти веројатно не ни насетуваш, ти само сакаш. А јас сакам слобода! Јас сакам да војувам против светот и да го освојам, јас сакам да војувам за љубов и ноќта да и легнам во прегратка, јас сакам да можам да си дозволам да купам малку среќа, јас сакам мир после целата бучава и сакам после сето тоа едно парче рај за мене и за ангелчето што ќе го родам и тогаш можеби би можела да се смешкам љубезно додека климам со главата, тогаш можеби би била тоа што сега очекуваш да бидам.

Како да ти кажам дека не сум спремна да се смирам? Ќе можеш ли да ме сакаш таква луда, незапирлива, ненаситна? Ќе го разгориш ли жарчето за да стане пламен? Ќе можеш ли тогаш да бидеш во чекор со мене или се плашиш од по некоја изгореница? Те молам, ако не си спремен за предизвикот, отвори ми го патот и заборави ме. Ти не си виновен, ниту сум пак јас, сето тоа е само живот што се случува.

Биди ми предизвик, биди ми партнер, биди ми сопатник и понекогаш земи ме в прегратка да се одморам, но не ме запирај оти не можеш. Залудно е да се обидуваш да ме скротиш, никогаш нема да успееш, никогаш нема да ти простам.

Се бунтувам и борам додека не се изморам нема да застанам. Всушност не сум ни сигурна колку твоето присуство ми е навистина важно. 


Се збогуваш додека не заборавиш

Пробуваш да најдеш, да ископаш, да откорнеш, но ти останува само да измислиш. Да фантазираш за една љубов еднаш некогаш, да си нацрташ пеперутки во утробата, со показалците да развлечеш насмевка и солзите да ти се слеваат по рабовите на насмеаното лице. И тогаш си велиш „еј, па имаш толку многу причини зошто баш тој“, причини, измислени, посакувани, по некоја во минатото реална.
Погледот ти е заматен од емоциите во очите и не ги гледаш недостатоците, го гледаш него со блага насмевка, одалечен, со вперен поглед на кај тебе, а всушност гледа низ тебе. Му крадеш бакнеж, а всушност крадеш спомен и се нурнуваш во негова прегратка која некогаш беше твоја и чувствуваш лад. А тој, тој се сторил камен, тој се сторил прав оти само го замислуваш. Сепак го гледаш, го допираш, но оној што го сакаше испарува како летен дожд на жежок асфалт. Течат солзи и емоции затоа што знаеш дека никогаш повеќе нема да биде со него, никогаш повеќе нема да ти се врати. 
Се збогуваш додека не заборавиш, се збогуваш затоа што немаш избор. 


Нема да биде лесно ама бидете сигурни дека ќе вреди!

Многу пати во животот ќе слушнете „Имаш преголеми амбиции, многу ќе патиш поради тоа“ и само едно ќе ви кажам, не им верувајте само насмевнете им се. Подемите и падовите се составен дел од човечкиот живот меѓутоа која е поентата ако се задоволиш со тоа што го имаш и со тоа што си? Каде е авантурата со која стигаш до она ветеното, подоброто? Можеби стравот ме туркаше назад и пробуваше да ме успори 4 години, но погодете кој излезе како победник? Не беше лесен период, во моментите на тотална загубеност направив големи грешки за кои нема оправдување, сепак, победив. Излегов од една лоша врска со тешки последици ама го остварив тоа што го реков. Можеби по втор пат во мојов живот првата рунда со следниот предизвик ја загубив ама не ја загубив надежта и амбицијата и можеби трет пат се соочувам со истите зборови кои ми одекнуваат во главата „можеби ќе трае долго ама ќе се избориш“ и се борам секој ден и барам одговори секој ден и пак заглавувам со секој нов ден ама животот не чека, поминува и тоа што е мое ќе го зграпчам. Не, не сум премногу амбициозна само го сакам тоа што знам дека можам да го остварам, можам да го имам. Не велам дека ќе биде лесно не знам од каде тие зборови, никогаш не реков дека ќе биде лесно ама велам ќе вреди. Секоја непреспиена ноќ, секој умор до болка, секоја солза за секоја изгубена битка ќе вреди. Секое искуство се брои и кога ќе се свртиш назад ако гледаш во рамна линија со мали тахикардии не си успеал, си успеал тогаш кога на врвот на секоја планина ќе гледаш развеано твое знаменце, си ја освоил! 
Знаете, за мои 20 години имам 3 работни искуства, една страшно болна врска, една голема препрека колку Шара и една мала надеж. Горда сум на тоа што направив од мене, но сум далеку од задоволна. Чекор по чекор и скала по скала доаѓам!


На збор нема да ти верувам

Не вели "верувај ми" - немам зошто.
Немам ниту желба, немам ниту место за уште една рана. 
Ќе одиме заедно низ животот и ќе видам, ќе знам дали треба да ти верувам. Ќе решам дали да те фатам за рака или да го кренам штитот, само не вели "верувај ми" оти нема, нема да ти поверувам никогаш ниту на лагата ниту на вистината. 
Доколку чекориш со мене по мојата стаза и со едната рака ја држиш мојата, а од другата страна сончеви зраци галат сечило не барај да ти верувам оти ти сам на себе не си веруваш та острицата ќе ти ја отсече раката со која ме држиш или пак ќе ми се смести во плешката, можеби ќе допре до срцето. 
Толку ли е тешко зборот да биде вистина, да не се колебам, да не мерам на терезија. Кажи ја вистината барем нема да се раниме, нема на душа да си тежиме. 
Зошто искривени зборови излегуваат низ тие бели, прави заби? Зошто усните ти обликуваат лаги? Зошто очите ти се немирни? Погледни ме, ја заслужив сета реалност. 
Не ги сакам соништата, не ги сакам фантазиите. Сакам да верувам дека љубов постои, дека ќе се склопчам во нечија прегратка и мирисот на дом ќе ме обземе. Сакам да верувам дека нечии очи ќе зрачат среќа и ќе ме галат со поглед секогаш кога ќе ги почастам со моето присуство. Сакам да верувам дека во светов постои еден за секој еден дека постои некој мој кој ќе ме гали додека спијам, ќе ме бара со дланките кога ќе заспие, ќе ме држи цврсто во прегратка, а сепак нежно. Сакам да верувам дека солзи радосници ќе се слејат кога ќе ме види во бело и дека нашето "засекогаш" ќе започнува секој ден и ќе трае вечно. Нов почеток - вечно. 
Верувам во љубов и таа нема да ме разочара. Ќе дојде таква каква што сум ја замислила, вистинска. 
Одлучивме да веруваме во клиширани фрази, емоциите ги направивме чиниш на продажба се. Зошто ја уништивме сета убавина? 
Немој не ми вели "верувај ми" и тоа е лага. Речи "држи ме за рака, ќе ти покажам" и ќе појдам по тебе. Ќе ти дадам шанса да ми ја раскажеш твојата приказна и можеби да ја зачнеш нашата.
Верувај ми, на збор нема да ти верувам.