Амин!

Сега сфаќам κолκу сум гρешела. Ниту животот е суρов, ниту светот е сив, ниту судбината е κρива. Човечκата душа е полна со завист, омρаза, желба за болκа. Не ме изненадува ништо, дуρи ни збоρовите κои излегуваат од усните κои ги баκнував стρасно. Сега κога го допρев дното ќе можам да се исκачувам нагоρе повтоρно, само сега спρемна на се што ме чеκа по пат. Спρемна на сите погледи полни омρаза, души полни злоба, лица на κои ќе ми застане погледот идолизиρајќи ги за на κρај да станам нивни ρоб. Само, веρувам во κаρма и тоа е она што ме теши. Да ги видам поρазени поρобувачите, да ги видам сκρшени ρасипувачите, да ја видам κρајната пρесуда на животот не ρазмислувајќи ни за миг на туѓата болκа, оти κога газат газат до κρај, па κога боли, неκа боли до κρај!!!



Прашина

Повторно несоница, а умов ми го зграпчиле црни мисли со доза на недостасување. Секоја вечер вака, секоја ноќ тешка, секое утро тмурно. Би поднела се, би ја издржала и најголемата физичка болка, би замижала на секое понижување, само да знам дека тие ќе бидат тука, покрај мене до крајот.

Не ми треба ништо друго, само да се до мене, да дишиме, плачеме, да се смееме заедно. Се друго нека оди по ѓаволите, тие вредат повеќе од воздухот кој ми ги полни градите, а знам ќе заминат. Ќе ме остават пустушејќи ми го животот. Ќе треба да живеам без нивната љубов, грижа, прегратка. И знам, нема да издржам. Ќе се предадам и ќе оставам животот да ме гази и конечно ДА МЕ ЗГАЗИ! 


Осека!

Животот поминува, и досадна сум веќе со овие филозофии. Со секој изминат ден старееме и ќе старееме додека не се потроши и последното отчукување на срцето. И ќе жалиме за се она што не сме направиле и ќе умреме за повторно да се родиме. Оваа сегашност некогаш ќе се сведе на она „Паметиш ли?“ и душата ќе се полни со спомени, и очите ќе се полнат со солзи, и срцето ќе се полни со тага.

Брчките кои ќе го обележат лицето нема да направат да не уживам во сонцето во пролет, или да не го сакам дождот, или да го прежалам се она што заминало. Се тоа останува тука, во душата, го стегам толку силно за случајно да не ми се испушти од рацете и да заспие во заборавот.

Се враќам назад секоја вечер кога го слушам дишењето на веќе пораснатата девојка која спие секоја ноќ близу до мене. Се сеќавам на нејзиното ведро детско лице и плави очи, се сеќавам како среќата додека полека расневме се претвори во солзи, се сеќавам дека не ја разбирав таа болка и само немо набљудував ветувајќи дека никогаш нема да се пораснам во паднат човек.

И што се случува сега, детето во мене полека изумира, се раѓа нешто ново, но далеку од онаа невина убавина, расне во мене и ми го запира здивот. Веќе го зафатило срцето, белите дробови, умот и ги притиска, а тие залудно даваат отпор. Се случува... се случува онаа метаморфоза, само што наместо да ги ослободам крилјата на пеперутката, тие се лепат за телото сраснувајќи со него. Бури владеат во мене, море од разбрануван немир чии бранови ги ронат насмеаните очи и усни.

Понекогаш, бурата запира и наеднаш, осека. Емоциите се потрошени, а тогаш ми недостига и тагата. Во тие моменти сакам да сонувам, почесто со отворени очи. Пробувам да изградам слика, совршена слика исполнета со љубов и кога конечно ја завршувам, ќошето ја распарува на пола и таа веќе станува минато. Психата ми го дозволува тој мир само за да ме пренатрупа со грубоста на реалноста.

Си недостигам самата на себе понекогаш, а не можам да се пронајдам. Барам бар мал дел од тоа мое „јас“ за конечно да можам да се одвојам од толпата правејќи сопствен пат во џунглата. А кога ќе се пронајдам, талкањето ќе стане минато. Навечер, како димот од цигарата да ми ги исполнува градите и не сака да излезе. Сакам да вреснам, да му кажам да си оди, да добијам малку мир и мирен сон, но никој не ме слуша бидејќи зборовите заглавуваат онаму кај грлото, а другиот лик во мене цинично се смее додека душата бара спас.

Понекогаш сум спремна да ја дадам неа, душата, на ѓаволот само за малку мир, најчесто навечер. Понекогаш, се надевам на подобро утре, понекогаш сакам само да се раздени, а понекогаш силно ја гушкам ноќта бидејќи се губам во неа и за миг не постои болка, тага, празнотија. Бидејќи за миг не постојам јас. 


Една меѓу ѕвездите

Не знам како го сфаќате секој збор што стои зад моето име, не знам дали сте го почувствувале тој немир, не знам дали работите ќе ги гледате позитивно или негативно, ама знам дека секој осетил таква болка каква што можат само очите да опишат.

Никогаш не сум била на страната на лажната, привремена светлина, но никогаш и не сум седела во темниот дел чекајќи го најлошото. Сенката ми била доволна за да ги разбистрам мислите и да ги согледам работите такви какви што се со ладна глава. Најтешко е кога мозокот не сака да мисли на ништо друго освен на загубата, бидејќи тогаш нема светлина, нема темнина, нема сенка, има само вистина која се случува или ќе се случи.

Што ако вртите глава секој пат кога ќе ве пресече помислата дека ќе останете сами? Животот не бира место, време, тој само го прави она кое најверојатно би требало да биде „за наше добро“. Само јас никогаш не изнајдов ништо добро во сопствените разочарувања, знам дека сите грешки на кои сум се сопнала требало да ги заобиколам, не да се обидувам да ги прескокнам. Смешно е што сеуште пробувам да ги оправдам постапките кои наскоро ќе влезат во листата на грешки и ќе останат таму.

А што да правам, не сум инат само пробувам да го пронајдам она доброто во луѓето и секогаш ама баш секогаш се што наоѓам е само една голема празнотија. Поради тој ќорсокак, често сум сурова кон самата себе, одземајќи си го последниот миг мир, размислувајќи за сопствените недостатоци кои го потхрануваат туѓото незадоволство од самата егзистенција. Тогаш пробувам да го пронајдам она трулото, она што не чини и го менувам, го пребојувам во сите бои, го украсувам со сите можни украси за на крај тој мал дел од мене да личи на некој друг. Тогаш душата се полни со солзи, а очите се суви, суви од оганот што гори и ќе изгори се во мене!

А вечерва се изгубив меѓу ѕвездите и не знам која сум, само знам дека сум еднолична, досадна, тажна. Понекогаш светам силно, како ѕвездата северница, како самото сонце! Друг пат сум нежна, скромна, желна за љубов. Сега, сега сум ништо вредно, сега сум само дел кој ја пополнува сложувалката, сега сум само солзи и зборови и душа и молитва. Што вреди денот кога небото црно? Што вреди сонцето кога ноќта се спушта по него?

Мисливе се одвратна работа, пробувам да најдам зборови, да опишам за да сфатам и самата, а само пијам се повеќе и повеќе од солзите на депресијата, на тагата, на разочарувањето. Верувам дека имам чиста душа и прекрасна насмевка која одекнува во погледот, но се што се покажува и се што излегува од мене се само збеснати емоции испреплетени во борба со самите себе од изгубеноста.

Ете, ми помина уште една вечер кога очите молчеа, а душата плачеше. Ете, заглавив уште една вечер надевајќи се на подобро утре, а утрото знам, разочарувачки сончево со недоволен број преспиени саати. Ете, повторно ќе легнам надевајќи се дека некогаш ќе го пронајдам изгубениот дел од себе! 


Црна филозофија!

Ме обви полека таа тежина и ме притисна како да ме гушка давајќи утеха. Натежнале очните капаци доловувајќи ја целата емоција. Побарав местенце кое ќе го претворам во рај, а тоа свена и се затвори трескајќи ми ја вратата пред лицето. Лицето ли... слика насликана со боите на тагата и претопена со зраците на сонцето. Oд болката што тлее и срцето ќе прсне и вените ќе се отворат и целото тело ќе откаже, а погледот ќе остане закован.

Бесцелно е тешењето, бесцелно е да ја бараш смислата на животот се додека не го пронајдеш сопствениот поглед во туѓите очи, се додека не се пронајдеш себе во испишаните редови на туѓата душа, се додека да го најдеш седиштето чиј број е испишан на картата и конечно да седнеш и да уживаш во претставата.

Луѓето се плашат од загуби, се плашат да не ја изгубат личноста која им значи, се плашат да не ја изгубат почитта, се плашат да не се изгубат самите себе, а во сета оваа збрка забораваат на едно нешто: - Луѓето не се добиваат, луѓето не се губат, луѓето само поминуваат оставајќи нешто свое зад себе колку да не потсетува на нивната егзистенција. Но ние си ги присвојуваме убивајќи им ја слободата, нарекувајќи ги „наши“, а потоа кога ќе заминат останува празно местото кое толку долго сме го приготвувале само за нив. Тогаш очите ја измиваат сета прашина која го замаглувала погледот погледнувајќи во стапките кои останале како траги од некогашното присуство.

Во ред е солзите да ни го измијат лицето и болката да остави лузни само разликата помеѓу мене и сите други луѓе е таа што јас за разлика од сите вас им го покажувам патот на оние кои се цврсто решени да останат, затоа што знам дека кога-тогаш ќе заминат и повторно светот ќе биде црн, луѓето неподносливи, а болката-љубов.

А види, зборувам за другите оставајќи го сопствениот страв во позадина. Страв кој предизвикува несоница, растревоженост, растрепереност, солзи и молитва!

Боли до коска секое негово заминување бидејќи некогаш тоа ќе биде засекогаш! Знам дека никогаш нема да бидам подготвена да ја пуштам неговата дланка, да се ослободам од неговиот глас, да ги избиршам сите спомени, да живеам мртва и се тоа за на крај да завршам потпирајќи се повторно на надежта, или само на празната Пандорина кутија. 


Кандид, зборови полни благодарност и солзи на трогнатата душа!

Светот е убав, најубав од сите можни светови. Светот е совршено место за живеење, место полно со празнотија чија тишина е мелодија за нечии уши. Светот е совршен за оној чиј поглед досега до ќошето во собата, за оној кој упорно влегува од просторија во просторија погледнувајќи надовор само преку прозорецот. Токму во тој најубав свет љубовта е совршена, а животот пак, здодевен. Од која страна ја гледаат совршеноста? Тилот на девојката претставува љубов? Морската шир која не носи се подалеку од местото каде сакаме да си го создадеме тој навидум совршен свет, сепак, претставува совршенство? За оптимистот Кандид, можеби и е совршенство.

Светот ваков или онаков живееме во него, животот го поминуваме борејќи се секој ден за она подобро утре. Можеби песимистот во нас зазема преголемо место, а можеби и светот е онолку грд колку што ни дозволуваат очите да видиме, а кожата да почувствуваме. Животот ни е мизерен, посегаме по матријалното оставајќи ги вистинските вредности да скапат на дождот. А еднаш познавав еден човек кој и после сиот ќотек и сите неволји успеа да си ја пронајде сопствената рајска градина. Градина исполнета со реалистички поглед на светот, градина исполнета со мир кој вреди цело богатство. Дури и тогаш кога животот му приредуваше горки изненадувања, тој не се откажа, па сепак ова е најубавиот свет од сите можни светови. Во овој свет човек нема што не би направил за љубовта која не е совршена, но животот таков каков што е го прави совршен. Светот е по малку убав дури и тогаш кога и покрај подадената рака, некој те фрла во вода да потонеш, дури и тогаш кога крвавите стапала и болката не ти дозволуваат да одиш понатаму, дури и тогаш кога е по малку грд.

Нашата рајска градина не чека некаде далеку, а ќе ја пронајдеме тогаш кога ќе бидеме подготвени. Најголемите изненадувања во животот доаѓаат тогаш кога ќе го заработиме рајот по успешно поминатиот пекол. И се ќе дојде на свое место, и градината во наши раце тогаш кога погледот ќе може да биде сконцентриран само на неа.


Покојна душа!

Веќе и зборовите ги потрошив, и мислите ја изгубија вредноста, и срцето ги сотре емоциите, а душата се уште зјае празна. Исто како собата на крајот на ходникот полна со пајажини. Оној кој погледна подлабоко, не можеше да го издржи ехото на болката и самотијата.

Покрај сите избледени слики има една, една која свети како икона! Не ја барајте смислата, оној на кој стравот му ја ежи снагата, ќе разбере. И немам веќе што да кажам, а се што барам е само да не ме оставиш во оваа празнотија, во оваа црна ноќ која трае и трае.

Земјата натежнува на градите, потоа и на телото, а заштита и љубов нуди само твојата прегратка. 


Сам и мртов!

Те гледам и се смеам. И се смеам на твојата глупавост, на твојата наивност, на твојата пропаст! Му се ситам на твојот страв и го чувствувам!

Предолго те држев за раката додека ти висеше и правеше акробации на самиот раб на карпата.

Трепериш знам, безизлезноста на ситуацијата прави да се гушиш! Крвта ти го полни мозокот, ти пулсира главата, а рацете ти се потат до немај каде.

Сега, што ќе правиш? Ќе потонеш во сопствениот срам за кој веруваш дека е успех, знаеш исто како кога тонеш во жив песок и мислиш дека е кал. И конечно ти доаѓа до грлото, брадата, устата, ноздрите, а на крајот ти ги покрива очите и не гледаш ништо, а всушност гледаш се!

Сега те оставам тука, на крајот на оваа слепа уличка и си заминувам за никогаш повеќе да не се изгубам во твојот лавиринт на себичноста и лагата!

Избор секогаш има иако не секогаш ни се допаѓа! Па, јас сега бирам да те пуштам да се раскостиш доле на карпите со поглед полн незадоволство од посакуваното задоволството!


Илузија!

Луѓево не се ништо друго, туку едно длабоко разочарување. Се менуваат како годишни времиња или уште полошо како денот и ноќта. Создаваат илузија, мислиш си пронашол ангел чувар, а добиваш рогови од ѓаволот!


Со љубов, за неа!

Еј, каде ти е насмевката? Те познавам, те познавам доволно добро да го видам болното во насмеаните усни. Те познавам доволно за да го препознаам она затруеното во чистата душа која зборуваше само за љубов. Те познавам доволно за да знам дека внатрешноста ти плаче и бара помош ама твојата немилосрдност ја замолчува брзо.

Знам дека си премногу горда за да признаеш дека водиш битка со самата себе, знам дека мразиш сожалување, но никој тоа не ти го пружа. Погледни и ќе ја видиш разликата помеѓу љубовта и грижата и зборовите кои нудат сожалување.

Знам дека светов е никаков, дека разочарува во секој ќош и знам дека луѓето се страшни ама постои нешто добро. Имаш толку многу за да се бориш. Требаше да ги видиш тие очи скршени и тие солзи, можеби тогаш ќе сфатеше кого имаш тука и колку значи.

Светот е грд ама за нас го разубавуваме. Самотијата не помага ниту пак тишината во ноќта, ниту цигарата, ниту алхохолот, ниту празниот стомак.

Што би правеле без тебе? Да можеш на момент да ги погледнеш своите очи преку моите ќе разбереш, да можам на момент да погледнам низ твоите очи наоколу, ќе се изборев. Тоа што те боли тебе, не разјадува нас и копа се по длабоко и по длабоко.

Ајде заедно да успееме затоа што вредиш и совршена си онаква каква што си, инаетчика што секогаш ќе ја сакаме. И само надевај се дека ќе те оставиме сама, твојата војна е и наша. Борби може губиме - војни никако! 
Подигни ја свеста и живеј! Ајде избори се и успеј за себе, за нас!


Блиц прошетка!

И што се случува после се? Емотивен куп! Несреденост, немир, празнина, гужва, крик, иронична насмевка и прелив од болка. Сега гледам дека ништо не сум гледала. Ме засече малце, ме гребна острината на еден збор, па наместо крв бликнаа солци и црнила од раната.

Воздишката после кикотењето лебди во воздухот. Ја гледам и по некое време замавнувам со раката и го вртам погледот, сфаќам дека всушност лебдат еден куп прашања.

Што правам со животов? Сте се запрашале некогаш? Нема бегање, нема засолниште, нема љубов. Нагоре високо, надолу длабоко. Дождови, црни облаци, олуја, бура, бранување, секавица која го распарува небото на две половини. Го дели и остава бразда светлина, синило, небесно синило. Помеѓу моите распарани две половини се гледа самотија и бескрајна борба. 

Скалила, стрмни бескрајни скалила. Не знам до каде сум, не знам уште колку имам, но тие се таму и се наддаваат. А мускуливе болат, снагата не издржува, а инаетот и маглава не дозволуваат да застанам да земам здив за момент, да ги исполнам градите, да го одморам срцето, да ги расплачам очиве, да ги насмеам усните, да ги разведрам мислите. 

Се прашувате како е? Зошто би ве интересирало? Задоволство? Јасно како ден е туѓото битие во очите, САМО ВО ОЧИТЕ! 

Како да ви го опишам недостатокот на кислород? Замислете една работа. Море, разбранувано, мрачно. Водата ве влече надолу, а градите ви се полнат со вода. На крај се предавате, и вака и онака ќе умрете и ги отварате очите со истото чувство. Живи навидум, мртви во себе. И што понатаму?

Најдете го патот во пустина!

Најдете го патоказот во густата шума каде се изгледа исто!
Најдете ја позитивата во фактот дека сте изгубиле човек! 

Ајде насмевнете се! Насмевнете му се на животот кој камшикува! А му се смееме сите, онака тонејќи додека ја голтаме неговата солена вода! Му се смеам додека песокот на Сахара ми ја полни плуќата!

И после пожарот пламените јазици оставаат траги чисто да се сетиме, а пепелот? Пепелот ќе се чисти цел живот па дури и тогаш кога месото ќе се одвои од коскиве! Па дури и тогаш кога ќе скапе! Па дури и тогаш ќе се смеам! 


По цена на среќата!

Денес некој ми рече: Како си? После нашиот последен разговор од кој останав запрепастен ми остана во мислите. Знаеш, ретко кој ја има таа привилегија да знае што има и што еден ден ќе изгуби, но проблемот е што свесните луѓе се лишени од среќа!


Од инает

И конечно сфати, толку беше... телото, душата, разумот се предаваа. Од неа остануваше само бледа сенка на некогашниот одблесок. И кога веќе часовникот почна да ги одбројува часовите, минутите, секундите таа почна да потклекнува.

Сега тешкиот чекор ја рефлектираше болката, изгубеноста и тагата. Очите, тежнееа да го исплачат сиот умор и пропадната надеж, а срцето.. тоа крвареше, крвареше оддамна. Рацете не и беа веќе подадени за да ги стегне некој и да ја подигне, решително ги држеше длабоко во џебовите стиснати затоа што знаеше, сега мора сама да си помогне, да се исправи и да продолжи да чекори па дури и онака тврдоглаво како некогаш, од инает. 


Силуета на празната душа

Цигара за цигара, болката во градите сеуште присутна, никако да излезе заедно со димот.

Срцебиење.. 

Вино.. црвено вино слатко како мед со некоја кисела жичка која ја разбива монотонијата гребејќи го грлото. 

Lana Del Rey во позадина и конечно малку мир. 

Погледот заталкува некаде далеку, а сепак досега до ќошето кај вратата.

Реков не пушам веќе, ама како да не си ја трујам душата кога и крвта која срцево ја испумпува е црна, црна како ноќта, црна како твојте очи. И веќе не можам да ја поднесам несреденоста во умов или гужвите во совеста, бидејќи срцето празно не може да биде повредено.

И ѓаволот сега би се плашел од студот во моите очи и пеколот во моето битие!


На здравје

  И ете останав без зборови.. пресушија мислите, пресушија чувствата, клокотот од изворот на среќата и болката замре. Само отчукувањето на твоето срце како мелодија го исполнува просторот. Борејќи се со ѕидот граден за да не бидам повредена, тоа очајно чука на портите разоружано и рането, желно за малку љубов и внимание.

Гледајќи од високите ѕидини наздравувам со осаменоста и празнотијата во душава со црвено вино точено дирекно од вените на моите раце. И не се грижам повеќе дали те боли или не, бидејќи кога јас молев за помош ти крвнички удираше уште еднаш и уште еднаш и уште еднаш.

Нема да ти ја возвраќам болката на таков начин, туку ќе те оставам да се измачуваш себеси миејќи ја мојата крв од твоите раце со солзите на твојата совест. Па кога изнемоштен и покрај сиот напор нема да ја смириш душата која те пече жигосана и кога конечно ќе ја предадеш битката, ќе ти се приближам со чаша полна твоја крв за да си ја изгаснеш жедта и ќе ти речам: -На здравје! И ќе те одминам, ќе заборавам дека си постоел, дека си ме обележал.

Ќе ја заборавам сета тага на север со тебе, заменувајќи ја со љубовта некаде на југот!