Црна филозофија!
Ме обви полека таа тежина и ме притисна како да ме гушка давајќи утеха. Натежнале очните капаци доловувајќи ја целата емоција. Побарав местенце кое ќе го претворам во рај, а тоа свена и се затвори трескајќи ми ја вратата пред лицето. Лицето ли... слика насликана со боите на тагата и претопена со зраците на сонцето. Oд болката што тлее и срцето ќе прсне и вените ќе се отворат и целото тело ќе откаже, а погледот ќе остане закован.
Бесцелно е тешењето, бесцелно е да ја бараш смислата на животот се додека не го пронајдеш сопствениот поглед во туѓите очи, се додека не се пронајдеш себе во испишаните редови на туѓата душа, се додека да го најдеш седиштето чиј број е испишан на картата и конечно да седнеш и да уживаш во претставата.
Луѓето се плашат од загуби, се плашат да не ја изгубат личноста која им значи, се плашат да не ја изгубат почитта, се плашат да не се изгубат самите себе, а во сета оваа збрка забораваат на едно нешто: - Луѓето не се добиваат, луѓето не се губат, луѓето само поминуваат оставајќи нешто свое зад себе колку да не потсетува на нивната егзистенција. Но ние си ги присвојуваме убивајќи им ја слободата, нарекувајќи ги „наши“, а потоа кога ќе заминат останува празно местото кое толку долго сме го приготвувале само за нив. Тогаш очите ја измиваат сета прашина која го замаглувала погледот погледнувајќи во стапките кои останале како траги од некогашното присуство.
Во ред е солзите да ни го измијат лицето и болката да остави лузни само разликата помеѓу мене и сите други луѓе е таа што јас за разлика од сите вас им го покажувам патот на оние кои се цврсто решени да останат, затоа што знам дека кога-тогаш ќе заминат и повторно светот ќе биде црн, луѓето неподносливи, а болката-љубов.
А види, зборувам за другите оставајќи го сопствениот страв во позадина. Страв кој предизвикува несоница, растревоженост, растрепереност, солзи и молитва!
Боли до коска секое негово заминување бидејќи некогаш тоа ќе биде засекогаш! Знам дека никогаш нема да бидам подготвена да ја пуштам неговата дланка, да се ослободам од неговиот глас, да ги избиршам сите спомени, да живеам мртва и се тоа за на крај да завршам потпирајќи се повторно на надежта, или само на празната Пандорина кутија.