Кога се буди денот тој ме дочекува и цел ден љубов ми расплетува. Со него ми се кавгите, со него ми се насмевките, и солзите, и животот.
Кога наѕира ноќта тој ме држи во прегратка, дури згужвана од нежниот притисок и цела таа љубов, па ме љуби страсно додека капки пот се насобираат под градите, меѓу бутовите, под задникот. Како солзи се слеваат, се тркалаат, страдаат што не се од тебе и оставаат бразди бели по кожата моја.
Тој ми ги слуша маките иако не ме разбира, иако понекогаш ми доаѓа очите да му ги извадам, и јазикот да му го откорнам, и посакувам душата во пеколот да му црвјоса.
Со него ќе се смирам, неколку погледи, неколку зборови и веќе лежам во сопствената длабнатина во неговите гради кои тешко се подигаат. Исцртано и издлабено го гледам моето тело кај него на левата страна и не знам дали е за радост, дали е за тага оти не го чувствувам како дом туку знам само мое е и му се враќам.
И тогаш некоја таква ноќ наоѓаш начин кога најмалку те барам, под клепки да ми се протнеш и да те видам на сон како да стоиш во сува реалност пред мене та само рака останува да пружам и да те допрам.
Ќе ми се насмевнеш како да ми префрлаш оти те оставам тебе поради некој погрешен. Со поглед ми велиш "те чекам". Јас се инаетам, се лутам оти толку долго те немало, толку долго си чекал да ми дојдеш, да ме потсетиш дека не си ме заборавил. Од зеници ти читам дека се уште живее она нашето, невиното, неискусеното. Иако сме залутале сепак понекогаш се среќаваме иако на сон, многу вистински.
Се разгорува она мало жарче кое не го гасевме туку го придушувавме за да тлее и вивнува висок пламен. Тоа мене пепел ме сторува, ме жигосува, ми ги полни градите со дим додека те гледам како ми се насмевнуваш и ме предизвикуваш да тргнам на кај тебе, да го земам она што е мое. Јас се воздржувам оти ти си безобразно воздржан и од силното срцебиење ги отварам очите.
Твојот лик пред очи ми стои и за последен пат ми се искрадува воздишка меѓу усните кои сум ги загризала со забите неосетно. Знам оти и кај тебе на гради од левата страна има издлабено едно тело и таа ја пополнува таа празнина.
Го земам телефонот и пишувам порака "добро утро, те сакам", и му ја праќам нему за уште еден ден без тебе да започне.