После сонот

Понекогаш размислувам токму за тоа... за смртта. Бездна која одзема тела, души, цели животни приказни оставајќи го мирисот на споменот да не грее кога веќе прегратката не може. И токму тогаш сакам да ја истурам сета моја љубов, за „утре“ да не ми тежи на душата кога ќе ги нема.

Гласот од дневната на истоштената жена која со сите сили се бори против неуредноста. Топлиот поглед и единствената љубов на човекот кој сега ја крие младоста на својата душа со брчките на својата кожа. Грижата која куќата ја прави ДОМ, се еден ден ќе замине со нив. Ќе се отвори дупка, ќе има празнина, ќе има бездна иста како онаа која ќе ги однесе. Небото, сина надеж за подобра егзистенција после смрта,а сепак лага.

Споменот е тука, но човекот ќе го нема. Некогашната реалност ќе престојува тука некаде, во воздухот, во тукушто измиените чинии, во мирисот на цвежото цвеќе кое го сака баба, во празното место на каучот, во празните столици на трпезата, во топлото кафе со млеко.

Некогашната реалност ќе тлее и ќе бледнее оставајќи место за нова радост бидејќи тие така сакаат, но нивната љубов не се заменува, нивното место во срцево не се пополнува, нивната добрина не се заборава, а болката за нив не згаснува.

Простете ми за откинатото парче душа и мир и не заминувајте без поздрав, бидејќи заминувањето е сепак избор. На крај ќе ве најдам како што ве најдов тука и можеби повторно ќе ме држите во раце близу градите пеејќи нешто добро познато и нишкајќи, запознавајќи ме со љубовта која можат да ја пружат само баба и дедо.

До следното видување, ве сакам. 


Конечна катарза!

Сивило, празнина, монотонија и болка, доволен е еден поглед и цела приказна раскажана. А кога ќе ја видиш не можеш да одолееш на таа нејзина горда насмевка. Се бранеше со таа горделивост, ладнокрвност и дигнат меч како после победа. Оклопот непробиен, само изгребан но телото рането.

И не сакаше сожалување, не сакаше никој да знае што се случува внатре во неа, не сакаше некој да ја потапка по рамо и да и каже дека се ќе биде добро. Не не, затоа што најчесто завршуваше со нож во плеќите.

Навикнати се луѓето да си ги бројат победите над веќе поразените.

Паѓаше доле подавајќи рака и на оние кои не и значеа ништо, затоа што знаеше како е да бидеш сам.

Знаете секогаш постои онаа одредена точка во животот, одреден момент на свесност кога почнуваме да губиме контрола над сопствениот живот, па накострежени од самата помисла на изгубена борба ги креваме штитот и мечот борејќи се со сето она кое ни ја разјадува душата и ни го разнишува тлото под нозете, за конечно на крајот да доживееме катарза!


Because „art never comes form happines“

Го држам пенкалото во рака и патувам со мислите низ спомените кои носат страдање, болка, солзи, а од друга страна насмевка, радост и пријатен душевен мир. Секогаш мислев дека и ти како и сите други ќе заминеш, а сепак ти ги посветив сите љубовни песни и длабоки стихови кои го одземаат здивот. Кога би се вратила на раскрсницата во тој студен јануар би останала таму не одбирајќи страна, не одбирајќи ниту една од уличките бидејќи иако сите падови вредат за летот не би можела повторно да ги надминам оние стравови од тоа да не те изгубам, да не ми се излизгаш низ прстите и да испариш на сонцето.

Сите писма кои ти ги напишав, а напишав многу содржеа одредена доза тага, страв, љубов и копнеж затоа што уметноста никогаш не доаѓа од среќата. Знаеш, понекогаш помислувам дека можеби премногу те вовлекував во светот на оние кои болно го сакаат и создаваат зборот, а ти знаеше да ми покажеш дека ме сакаш на многу едноставен начин.

Јас секогаш сакав да ги величам работите. Кога би ја доживеал длабочината на сета моја љубов, најверојатно би можел да ги освоиш и највисоките врвови на најопасните планини. Многу пати ме натера да се двоумам и да се покаам за изборот што го направив, па сакав да се свртам, да се вратам назад и да те заборавам, да се преправам дека никогаш и не сум те знаела, дека никогаш не си постоел, дека никогаш не сме имале нешто наше, нешто посебно, нешто вредно за солзите. Тогаш во тие моменти ќе тргнев на север, бидејќи ти веќе го освојуваше југот. И од некоја икс причина секогаш се враќав назад, како кутре што го отфрлиле, но си го пронашло домот повторно.

Знаеш, можев да бидам многу пократка користејќи ги оние излитени фрази, но јас не робувам на клишеа. И конечно, крајот на уште едно писмо е тука, а мислите ќе продолжат да ги бараат оние зборови кои ја доловуваат вистинската вредност на сите овие чувства за кои и она „те сакам“ е премалку.


Време е за крај, време е за збогум..

Време е за крај. Знам дека никогаш нема да ми простиш и нема да сфатиш зошто си одам но време е за збогум. Сега е мој ред да заминам и некогаш „да се сеќавам без болка“, а твој ред е да најдеш некоја која ќе биде подготвена да ти ја возврати љубовта која си спремен и способен да ја пружиш. Јас ќе уживам во слаткиот вкус на слободата до оној момент кога ќе се почувствувам спремна да водам битки за љубовта. Па, до тогаш чувај ми се и биди среќен и не грижи се за мене, и онака тоа не го заслужив од тебе. На крај, сети се: љубовта е за двајца! 



Спомени

Готово, се изморив веќе патејќи по минатото, по секоја завршена приказна, но желбата да ги оживеам сите чувства и моменти победнички слави во психава! И ме бутка се подлабоко и подлабоко се до последниот спомен од детството кој го гледам како низ магла и повторно стрмно нагоре до акцентираните болни и среќни сеќавања по кој посегнувам и ја повлекувам дланката немо читајќи го денешниот датум испишан на неа.

И минатото ми дава до знаење дека некои нешта како и овој живот се случуваат еднаш, а спомените ќе живеат вечно во нас! 

 


1000 Извини!

Се сврте назад и погледна. Солзите навираа и во нејзиното паметно главче одекнуваа илјада извини, упатени кон сите кои таа ги сакаше. Но ехото запираше онаму зад забите кои го држеа како најголем криминалец кој ако го ослободат ќе направи многу злодела.

Ги погледна луѓето кои некогаш и беа драги, а сега ја одминуваат поради ѕидот кој не успеа никој да го урне и само таа ги имаше клучевите од огромните железни порти. Сега стоеше пред уште еден предизвик, доволен да ја скрши на пола. Ах, кога би можела.. кога би можела да ИСЧЕЗНАМ само да почувствувам мир, барем малку мир во душата. Ах, кога би можела да го запрам времето и да ја вдишам таа тишина. Ах, кога би можела така едноставно да се сменам, да вбризгам некоја течност во вените и одново да живеам.

Грешка по грешка без „извини“, чекор по чекор газејќи се по длабоко, одлука по одлука носејќи ме во пропаст, врата зад врата, мир и тишина, осаменост! А се е толку едноставно, извини. „Извини што не ти се јавив“, или „извини што не ти кренав кога ме бараше“, или „извини што не бев искрена“, или „извини што, што тишината ми треба како дрога, а по дејството ме боли душата па земам уште една доза“.

А надвор од овие четири ѕида е животот! На колку личности ли треба да им кажам извини за надвор да ме измами сонце? 



Насмевка

Тишина... надвор под нулата, исто како во нејзиното срце, а сепак насмевка. Поглед благ насочен кон маглата која одбива да замине, поглед задлабочен во перфектното непровидно сивило. Косата растурена, кому му е грижа за тоа? И онака таа несреденост ја прави повеќе привлечна. Крв црвен кармин и ги нагласува полните усни... насмевка. Се што се случи тогаш, кога го остави, упорно ја прогонуваше не давајќи и мир и спокој, тој избор, тој ден, тој крај па сепак - насмевка. Болката и стана животен сопатник, кожа која крвареше, пријател со кого плачеше, спомен кој не умираше, трофеј кој си го додели сама на себе и тажна песна која ја пееше – секогаш со насмевка!  


A.Василевска

Kога зборовите заглавуваат онаму кај грлото , мислите се бунтуваат за сопствената слобода! 


Annie Oakley

"I ain't afraid to love a man.
I ain't afraid to shoot him, either" 


Скитник

Како и обично, леден израз на лицето, горд од и цигара во рака. Патување низ реалноста и илузијата, желбата и суровата вистина... и оддеднаш застана, животот и прелетуваше премногу брзо, па застана да го долови моментот. Булеварот преполн, но таа не се грижеше, смирено стоеше и ги гледаше луѓето. Цигарата догоруваше, димот и го криеше остриот поглед полн лутина. Ја забележаа едни туѓи очи, и пријдоа туѓи чекори и освестувајќи се виде еден скитник. Гледајќи во него како во огледало на душата, се виде себе си, сиромашна но духовно, напуштена, осамена, скитник кој талкаше низ спомените, низ минатото, низ чувствата, низ животот без одредена цел. И тој, како и сите други изусти едно „извинете“ бидејќи ја поттурна со рамото а потоа ја одмина и веќе на чекор зад неа најверојатно ја заборави, како да не ја видел, како да не и проговорил. Просто ја врати во реалноста каде немаше што да бара. И се скрши, се скрши од тага од разочарување и немајќи друг избор продолжи да чекори. Но не сакаше да си оди дома затоа што тагата беше вселена таму, во секое ќоше од станот, во секоја слика, во празната постела, беше вселена таму каде се сеуште мирисаше на него.


Совршено совпаѓање

Се лизна уште една солза по образот, полна со празнотија. Градите и беа празни, срцето механички ја пумпаше крвта, а погледот и беше мрачен без љубов. Стуткана во клопче, гушкајќи го мракот посака да ги затвори очите и никогаш повеќе да не ги отвори. Воздухот кој го земаше не и беше доволен, се бореше за уште, се бореше за  живот.. и се откажа. Конечно им се препушти на животните провалии, а кога падна доле не се слушна тресок, не се слушна ниту најмал звук бидејќи се што беше таа, избледе и полека полека исчезнуваше, таа совршено се вклопуваше во сложувалката наречена сивило.


Сивилото на мојот град

Кога ќе погледнам наоколу во луѓето кои ме одминуваат, во нивните задлабочени погледи каде е отсликано сивилото, сивилото на нивните животи, сивилото на овој град. Кога пробувам да ја разберам нивната болка и тага и кога конечно ќе ја сфатам желбата за подобро утре, гледам дека се што се случува во нивните животи е отсликано во мојот, твојот, нашиот живот. Oвој свет е соба преполна со злата од „Пандорината кутија“, но и покрај таа гужва, тажно е што се чувствуваме осамени... не сами, осамени! Кога во секого од нас ја гледам незаситеноста на сопствената душа од туѓата болка по не знам кој пат се потсетувам на сивилото на мојот град! Тоа сивило кое постои за да биде уништено, тоа сивило кое копнее по капка боја од животното уживање, тоа сивило кое се закотвило во нашите души, а сепак бара излез од таму , тоа сивило кое треба да биде гостин само на онаа осамена клупа на крајот од паркот. А тоа сивило, искапено во солзи кои раскажуваат цели животни приказни ја составува единствената болна вистина за постоењето на тела, а не души, сонови неисполнети, ледници НЕ чувства, и сосема малку чиста љубов која ја поседуваат оние малку среќните, оние кои имаат барем малку човечност во себе!


Крај на првиот почеток

Телефонот ѕвонеше непрекинато, таа само немо зјапаше во екранот кој го покажуваше неговото име. Немаше намера да разговара со него, и онака нивната приказна беше завршена. Но нешто ја копкаше и не и даваше мир, и после се имаше малку надеж за нив двајцата. Се истетерави, го зема телефонот и се што слушна од другата страна беше: мила овој е мој последен повик и не сакав да заврши без да те потсетам дека те сакам. Збогум. 

Конечно и стана јасно дека го загуби целиот свет, онаа грутка надеж што ја чуваше во дланките се срони и и се излизга низ прстите, а таа остана со прашината од спомените во рацете. 

Можеби сме го утнале времето кога сме решиле да бидеме заедно. Можеби реалноста не ни го дозволува тој луксуз да го доживееме врвот сега иако крвнички посегаме по него. Можеби среќата и љубовта чекаат на нас некаде во иднината. 


Карма

По тешката ноќ конечно се разбуди, ги отвори очите и ја почувствува празнината. Како нож го расече длабоко во срцето не создавајќи, туку проширувајќи ја единствената рана која се отвори оној ден кога таа замина. Се натера да стане но кога се исправи на нозе тишината го потапка по рамо велејќи му: - Од тебе и денес ништо не бидува.

Ги затвори очите, чувствувајќи го единствениот мирис кој правеше чувствата да му се измешаат, да збеснат, да направат хаос во неговото тело и во неговите мисли. Ги затвори очите, чувствувајќи го тој парфем, парфемот на неговата сакана која сега остана во спомените, а на него му остана да се потсетува на неа и да ги оживува чувствата бидејќи се уште не сакаше и не беше способен да ги закопа во минатото, таму каде што припаѓаа.

Се прибра полека полека, ханзапластот од лажната надеж се уште му помагаше и ја затвораше раната колку-толку па бидејќи не сакаше никој, дури ни таа да знае колку му го преврте светот наопаку и колку го повреди, се воздржа од воздишките и солзите за неа и набрзина излета низ вратата оставајќи го отстојаниот воздух да сведочи за она што тој навистина е.

Беше горд човек, беше оној што повредува, а не тој од другата страна, но сега сфати, сфати што значи да бидеш губитникот со развеано бело знаме со крвави траги и не му се допаѓаше воопште. Научен беше да го има тоа што го посакува, но овој пат она што го посакуваше му одзема се, се освен гордоста. Ја чуваше како најдрагоценото нешто, единственото нешто што му остана и најверојатно ќе ги затвори очите со неа. Со неа во него сигурно, а покрај него? 


Таков е светот - никаков!

Хаос, лудило, неред. Гужва и празнина, експлозии и музика, војна и мир! И на крајот остана сама држејќи ја Пандорината кутија во рака. Колку поразително е кога дознаваш дека не можеш да сметаш на никого освен на самиот себе, и дека можеби надежта е навистина единствениот сопатник на скршеното срце, празното човеково битие и обележаната душа. Колку бесмислено, глупаво, несфатливо... толку многу луѓе, а ретко среќаваш човек па кога си сам, таа тутканица прави да се чуствуваш само поосамен. А таков е светот - никаков! Себичен и празен, само од некаде ѕирка и се пробива низ маглата по некој зрак светлина, а за едно вакво место тоа малку многу значи!