Скитник
Како и обично, леден израз на лицето, горд од и цигара во рака. Патување низ реалноста и илузијата, желбата и суровата вистина... и оддеднаш застана, животот и прелетуваше премногу брзо, па застана да го долови моментот. Булеварот преполн, но таа не се грижеше, смирено стоеше и ги гледаше луѓето. Цигарата догоруваше, димот и го криеше остриот поглед полн лутина. Ја забележаа едни туѓи очи, и пријдоа туѓи чекори и освестувајќи се виде еден скитник. Гледајќи во него како во огледало на душата, се виде себе си, сиромашна но духовно, напуштена, осамена, скитник кој талкаше низ спомените, низ минатото, низ чувствата, низ животот без одредена цел. И тој, како и сите други изусти едно „извинете“ бидејќи ја поттурна со рамото а потоа ја одмина и веќе на чекор зад неа најверојатно ја заборави, како да не ја видел, како да не и проговорил. Просто ја врати во реалноста каде немаше што да бара. И се скрши, се скрши од тага од разочарување и немајќи друг избор продолжи да чекори. Но не сакаше да си оди дома затоа што тагата беше вселена таму, во секое ќоше од станот, во секоја слика, во празната постела, беше вселена таму каде се сеуште мирисаше на него.