После сонот

Published on 02/11,2014

Понекогаш размислувам токму за тоа... за смртта. Бездна која одзема тела, души, цели животни приказни оставајќи го мирисот на споменот да не грее кога веќе прегратката не може. И токму тогаш сакам да ја истурам сета моја љубов, за „утре“ да не ми тежи на душата кога ќе ги нема.

Гласот од дневната на истоштената жена која со сите сили се бори против неуредноста. Топлиот поглед и единствената љубов на човекот кој сега ја крие младоста на својата душа со брчките на својата кожа. Грижата која куќата ја прави ДОМ, се еден ден ќе замине со нив. Ќе се отвори дупка, ќе има празнина, ќе има бездна иста како онаа која ќе ги однесе. Небото, сина надеж за подобра егзистенција после смрта,а сепак лага.

Споменот е тука, но човекот ќе го нема. Некогашната реалност ќе престојува тука некаде, во воздухот, во тукушто измиените чинии, во мирисот на цвежото цвеќе кое го сака баба, во празното место на каучот, во празните столици на трпезата, во топлото кафе со млеко.

Некогашната реалност ќе тлее и ќе бледнее оставајќи место за нова радост бидејќи тие така сакаат, но нивната љубов не се заменува, нивното место во срцево не се пополнува, нивната добрина не се заборава, а болката за нив не згаснува.

Простете ми за откинатото парче душа и мир и не заминувајте без поздрав, бидејќи заминувањето е сепак избор. На крај ќе ве најдам како што ве најдов тука и можеби повторно ќе ме држите во раце близу градите пеејќи нешто добро познато и нишкајќи, запознавајќи ме со љубовта која можат да ја пружат само баба и дедо.

До следното видување, ве сакам. 


Comments

Leave a Reply

Додај коментар





Запамти ме