Карма

Published on 11/24,2013

По тешката ноќ конечно се разбуди, ги отвори очите и ја почувствува празнината. Како нож го расече длабоко во срцето не создавајќи, туку проширувајќи ја единствената рана која се отвори оној ден кога таа замина. Се натера да стане но кога се исправи на нозе тишината го потапка по рамо велејќи му: - Од тебе и денес ништо не бидува.

Ги затвори очите, чувствувајќи го единствениот мирис кој правеше чувствата да му се измешаат, да збеснат, да направат хаос во неговото тело и во неговите мисли. Ги затвори очите, чувствувајќи го тој парфем, парфемот на неговата сакана која сега остана во спомените, а на него му остана да се потсетува на неа и да ги оживува чувствата бидејќи се уште не сакаше и не беше способен да ги закопа во минатото, таму каде што припаѓаа.

Се прибра полека полека, ханзапластот од лажната надеж се уште му помагаше и ја затвораше раната колку-толку па бидејќи не сакаше никој, дури ни таа да знае колку му го преврте светот наопаку и колку го повреди, се воздржа од воздишките и солзите за неа и набрзина излета низ вратата оставајќи го отстојаниот воздух да сведочи за она што тој навистина е.

Беше горд човек, беше оној што повредува, а не тој од другата страна, но сега сфати, сфати што значи да бидеш губитникот со развеано бело знаме со крвави траги и не му се допаѓаше воопште. Научен беше да го има тоа што го посакува, но овој пат она што го посакуваше му одзема се, се освен гордоста. Ја чуваше како најдрагоценото нешто, единственото нешто што му остана и најверојатно ќе ги затвори очите со неа. Со неа во него сигурно, а покрај него? 


Comments

Leave a Reply

Додај коментар





Запамти ме