Блиц прошетка!
И што се случува после се? Емотивен куп! Несреденост, немир, празнина, гужва, крик, иронична насмевка и прелив од болка. Сега гледам дека ништо не сум гледала. Ме засече малце, ме гребна острината на еден збор, па наместо крв бликнаа солци и црнила од раната.
Воздишката после кикотењето лебди во воздухот. Ја гледам и по некое време замавнувам со раката и го вртам погледот, сфаќам дека всушност лебдат еден куп прашања.
Што правам со животов? Сте се запрашале некогаш? Нема бегање, нема засолниште, нема љубов. Нагоре високо, надолу длабоко. Дождови, црни облаци, олуја, бура, бранување, секавица која го распарува небото на две половини. Го дели и остава бразда светлина, синило, небесно синило. Помеѓу моите распарани две половини се гледа самотија и бескрајна борба.
Скалила, стрмни бескрајни скалила. Не знам до каде сум, не знам уште колку имам, но тие се таму и се наддаваат. А мускуливе болат, снагата не издржува, а инаетот и маглава не дозволуваат да застанам да земам здив за момент, да ги исполнам градите, да го одморам срцето, да ги расплачам очиве, да ги насмеам усните, да ги разведрам мислите.
Се прашувате како е? Зошто би ве интересирало? Задоволство? Јасно како ден е туѓото битие во очите, САМО ВО ОЧИТЕ!
Како да ви го опишам недостатокот на кислород? Замислете една работа. Море, разбранувано, мрачно. Водата ве влече надолу, а градите ви се полнат со вода. На крај се предавате, и вака и онака ќе умрете и ги отварате очите со истото чувство. Живи навидум, мртви во себе. И што понатаму?
Најдете го патот во пустина!
Најдете го патоказот во густата шума каде се изгледа исто!
Најдете ја позитивата во фактот дека сте изгубиле човек!
Ајде насмевнете се! Насмевнете му се на животот кој камшикува! А му се смееме сите, онака тонејќи додека ја голтаме неговата солена вода! Му се смеам додека песокот на Сахара ми ја полни плуќата!
И после пожарот пламените јазици оставаат траги чисто да се сетиме, а пепелот? Пепелот ќе се чисти цел живот па дури и тогаш кога месото ќе се одвои од коскиве! Па дури и тогаш кога ќе скапе! Па дури и тогаш ќе се смеам!