Осека!

Published on 04/08,2014

Животот поминува, и досадна сум веќе со овие филозофии. Со секој изминат ден старееме и ќе старееме додека не се потроши и последното отчукување на срцето. И ќе жалиме за се она што не сме направиле и ќе умреме за повторно да се родиме. Оваа сегашност некогаш ќе се сведе на она „Паметиш ли?“ и душата ќе се полни со спомени, и очите ќе се полнат со солзи, и срцето ќе се полни со тага.

Брчките кои ќе го обележат лицето нема да направат да не уживам во сонцето во пролет, или да не го сакам дождот, или да го прежалам се она што заминало. Се тоа останува тука, во душата, го стегам толку силно за случајно да не ми се испушти од рацете и да заспие во заборавот.

Се враќам назад секоја вечер кога го слушам дишењето на веќе пораснатата девојка која спие секоја ноќ близу до мене. Се сеќавам на нејзиното ведро детско лице и плави очи, се сеќавам како среќата додека полека расневме се претвори во солзи, се сеќавам дека не ја разбирав таа болка и само немо набљудував ветувајќи дека никогаш нема да се пораснам во паднат човек.

И што се случува сега, детето во мене полека изумира, се раѓа нешто ново, но далеку од онаа невина убавина, расне во мене и ми го запира здивот. Веќе го зафатило срцето, белите дробови, умот и ги притиска, а тие залудно даваат отпор. Се случува... се случува онаа метаморфоза, само што наместо да ги ослободам крилјата на пеперутката, тие се лепат за телото сраснувајќи со него. Бури владеат во мене, море од разбрануван немир чии бранови ги ронат насмеаните очи и усни.

Понекогаш, бурата запира и наеднаш, осека. Емоциите се потрошени, а тогаш ми недостига и тагата. Во тие моменти сакам да сонувам, почесто со отворени очи. Пробувам да изградам слика, совршена слика исполнета со љубов и кога конечно ја завршувам, ќошето ја распарува на пола и таа веќе станува минато. Психата ми го дозволува тој мир само за да ме пренатрупа со грубоста на реалноста.

Си недостигам самата на себе понекогаш, а не можам да се пронајдам. Барам бар мал дел од тоа мое „јас“ за конечно да можам да се одвојам од толпата правејќи сопствен пат во џунглата. А кога ќе се пронајдам, талкањето ќе стане минато. Навечер, како димот од цигарата да ми ги исполнува градите и не сака да излезе. Сакам да вреснам, да му кажам да си оди, да добијам малку мир и мирен сон, но никој не ме слуша бидејќи зборовите заглавуваат онаму кај грлото, а другиот лик во мене цинично се смее додека душата бара спас.

Понекогаш сум спремна да ја дадам неа, душата, на ѓаволот само за малку мир, најчесто навечер. Понекогаш, се надевам на подобро утре, понекогаш сакам само да се раздени, а понекогаш силно ја гушкам ноќта бидејќи се губам во неа и за миг не постои болка, тага, празнотија. Бидејќи за миг не постојам јас. 


Comments

Leave a Reply

Додај коментар





Запамти ме