САКАМ
Кога ќе се свртиш назад, што гледаш? Со секој ден старееме и ќе старееме додека не се потроши и последното отчукување на срцето. И ќе жалиме за се она што не сме направиле и ќе умреме за повторно да се родиме. Оваа сегашност некогаш ќе се сведе на она „Паметиш ли?“ и душата ќе се полни со спомени, и очите ќе се полнат со солзи, и срцето ќе се полни со тага.
Го сакам сонцето во пролет - пријатно е, го сакам дождот во есен - наликува на душата моја, го сакам животот - прекрасен е. А дискутабилни се исповедиве мои, еднаш - вака, друг пат - така, еднаш - бело, друг пат - црно. Не ме осудувајте, бури владеат во мене, а љубовта ја дискутирам тогаш кога ќе стапнам на копно по долгото патување.
Ме мачи тоа што се уште не успевам да се пронајдам себе си, да ги обележам границите до каде ова мое „јас“ може да оди и да се одвојам од толпата која и онака не е продуктивна.
Понекогаш кога емоциите се потрошени, ми недостига и тагата. Тоа е глупаво, едноставно потсетува на тоа дека никогаш вистински и не си сакал некого. А колку многу посакувам... како животов да не вреди без тие жестоки емоции, како да не се важни другите околу мене, како да тоа е единственото нешто што недостига за среќа.
И што воопшто значи тоа „среќа“? Не ми се допаѓаат среќните луѓе, не затоа што се среќни, туку затоа што не верувам во таа нивна вкочанета насмевка. Преоптовареноста со темната страна на животот прави да сонувам често. Сонувам сонови кои ме уништуваат, ме закопуваат и ме оставаат да се изборам со сета тежина на црната земја. Ме фаќа паника и гребам со ноктите и пробувам да викам и конечно земам здив. Има сонови кои ми ги одземаат сите оние кои ги сакам и има сонови кои ми ја одземаат душата и ја гледам како заминува и ме остава таму некаде надвор, сама. И конечно има сонови кои даруваат мир за кога ќе се разбудам да ме пренатрупаат со грубоста на реалноста.
Се би дала да можам светот да го направам подобро место за живеење, би ја дала душата на ѓаволот, желбата на скршениот и насмевката на тажниот човек, но не вреди, и нив би ги продале за ситни пари!