Херој
Продира другата страна како светлина низ излитена ткаенина. Како низ прозорец наѕира душата и се кикоти како мало дете. Понекогаш отворените дупки се шират, а понекогаш, многу ретко се зацелува по некоја на крајчињата, се протнува по некое конче од љубов и ја ткае младоста во очите. Го гушкам силно, го држам во прегратка, но не знам зошто од другата страна не го добивам истото. Се сеќавам дедо, многу добро паметам иако бев малечка, човече кое трчкаше секаде по тебе и секогаш гордо носеше по некое дрвце за да се згрееме. Па нели бев дрварче, нели бев најмало, најубаво, па нели ти беше најдобриот дедо на целиот свет, па нели дедо. А еве, јас пораснав, а ти ... ти полека заминуваш. Всушност сите полека заминуваме, од првиот момент, од првиот плач, сите одиме натака, натаму води патеката, натаму е судено. Но, ајде да се вратиме малце назад, само малце, само за да почувствувам уште еднаш, а и ти да се присетиш, да не забораваш исто како што јас никогаш не заборавив. Ќе те пронајдам таму, та и да си на другиот крај на небото, и ќе исправам многу грешки, и повторно ќе ми бидеш херој дедо, највисокиот, најсилниот и најхрабриот човек во светот!