Да ви ги раскажам приказните
Сакам да раскажам. Сакам да ви ги раскажам приказните, како мојата. Сакам оти не знаете колку сме слични. Колку мојата душа наликува на вашата, а вашата на нечија друга. Како прстени на синџир, исти сме исти. Ама јас сакам да ви покажам колку сме различни и колку сме луѓе. Сакав секогаш да ве потсетувам дека сите сме луѓе, но вие заборавате. Заборавате и со самододелената титула станувате предмет и повеќе не вредите. Ама сепак, слични сме. Та сите сме се крунисале некогаш сами, та сите носиме венци, круни и прстени кралски, та сите сме луѓе опредметени. Сакам да ви раскажувам за вас, за болката ваша, но сечија, за љубовта една, но повеќе-бројна, за среќата, за среќата. А како јас, чиј живот е типично пропаднато тинејџерство да ви зборувам за среќата? Па чија тага се опишува со среќата?
Заборави, заборави..
Ама сепак би ви ги раскажувала приказните, оти утеха ми се. Ете зошто ви ја раскажувам мојата, за утеха да ви биде. Зар туѓата тага не ви е утеха? Приказните ви се прекрасни. Прекрасно срцекршачки. Мислите не знам каде се вселува разочарувањето? Во срцето, знам, во очите. Та се тие не издаваат пред устата, а таа може и да молчи, ама очите, очите ве издаваат и кога не гледаат во мојте! Очите ве издаваат.
Приказните ви се тажни, како мојата. И болни, премногу болни та морав да повторам за да не заборават другите. Оти забораваат. Многу пати сакав и јас да ги заборавам ама многу добро ги паметам. Секоја приказна е вредна за раскажување. Јас знам кога тагувате. Јас знам кога ви плаче душата и кога креветот значи болка. Јас знам кога се кршите оти парчињата ме сечат. Јас знам кога немате зборови, па јас зборувам наместо вас, знам кога да зборувам. Јас знам кога сте среќни, но не ве наоѓам тогаш. Намерно оставам да ме заборавите во толпата. Сама.. јас сакам и кога сум сама, та својата приказна си ја раскажувам. Јас сакам да ви зборувам за тагата во приказните ваши, за болката кога сте осамени, повредени, кога сте живи! Јас сакав и за среќата да ви зборувам, но нема да се согласиме. Вие раскажете ја неа, тоа вие најдобро умеете. Раскажете ја среќата, а јас ќе ви ги раскажувам приказните.