Едно ново „ние“
Доволно ми беше да ме држиш за дланка. Да го гледам совршеното совпаѓање на прстите на кои како украс им стоеше прстенот на твојата лева рака. Изгледаше маженствено. Доволно беше да знам дека си близу, макар и кога се лутев за глупости. Те запознавав. Сега, те знам. Сепак, ме збунуваш сеуште. И ти си збунет, а толку си сладок кога нервозно шеташ со раката низ копчињата во кола. Ги палиш светлата, ги гасиш. Го фаќаш воланот, но сепак не тргнуваш.
Еј, хаха, ти се верува ли.. се размрда нешто таму во внатрешноста, затруено од туѓа крв и некако почна да се меша со нешто сосема ново, но не успеавме. Дете ти ги загулицка чувствата. Смеевме ли? Не... никако не можевме, не смеевме. Барем остана некој убав, сладок спомен на кој сеуште се смеам, и тогаш насмевката се ротира за 180 степени и станува нешто сосема поинакво.
Можеби можевме да имаме се, но болката со болка не се лечи. Ќе зацели раната твоја, а онаа мојата, се уште се отвара и шири. Ма не е важно, барем некогаш за момент постоеше она не „јас и ти“, туку „ние“!