Црни дамки на белите страници љубов
Се изгубивме некаде тука, во просторот на болното, празното. Се поткина парталчето кое не држеше припиени еден за друг, кое не држеше близу еден до друг. Сега, чекор по чекор заостануваш зад мене, и иако не сакам, мене надежта ме бутка напред, тебе болката те влече назад. Како жива песок ти го проголтува телото... жалосно.
Те влечев со мене колку по далеку можев, на некое побезбедно место, а сега се лизгаш низ прстиве како песок и веќе не те гледам. Јас, јас заглавувам на истото место каде те испуштив од раце и те гледам како тонеш, не сакам да продолжам напред. Со задоволство би останала токму тука, додека времето не ме проголта, додека сонцето не ме стопи, додека не се соединам со земјата. Иако знам дека кога ќе дојде вистинското време ти ќе завршиш на едниот, а јас на другиот крај, а средината ќе ја одбележат наши спомени. Не сакам да заминам, не се уште, не сега, не утре, не... никогаш.
И би се борела до последната капка крв за да го одржам во живот она нешто „наше“ кое нема облик, не може да се допре, не може да се види, може само да се почувствува како ги парчосува градите на милион делчиња. И би се борела, затоа што таму секогаш ќе живее оној голем дел од мене, оној значаен период од младоста, оној дух кој се надевам животот барем малку ти го обои кога сивилото беше неподносливо.
И се надевам некогаш ќе можеш да ме разбереш мене, и сите мои чудни и болни потреби кои на тебе можеби не ти значеа ништо, а мене - живот. И тогаш ќе сфатиш зошто јас и ти не бевме еден за друг никогаш, а сме совршен крој за заемна утеха, нескршлива љубов и минлива болка.
Покрај се, не верувам дека ќе заборавам како ме гушкаше твојот парфем кога ти не беше тука, а ќе се обидам, верувај ќе се обидам да не ги заборавам и сите црни дамки кои ни ги испрскаа страниците полни љубов и разбирање. И онака важна е целосната слика која ситните грешки на сликарот ја прават совршена и единствена, исто како нашата љубов.