Луѓе свртени кон празнотијата во себе
Имаше право за тоа што ми рече. Јас се променив. Затаив некаде во себе, се заборавив, направив и другите да ме заборават, се изборив за тишината и тогаш ме пресече. Мислев дека си налик на мене, а беше толку далеку од тоа. Суви цепеници, така ги нарече луѓето свртени кон празнотијата во себе. Одбив да признаам, но ете сега пак се враќам кон срцето на стеблото цедејќи го сокот од внатрешноста.
Некогаш, ноќната несоница ја надокнадував со дневно преспивање, сега, проблемот е поголем и ни тоа не помага, оти немирот и силното срцебиење го изнесуваат телото од креветот и го сместуваат на столот пред компјутерот за залудно да го троши времето.
Би сакала само еден ден некој да ги почувствува моите зборови, да сфати дека ништо не е лага, дека и тие се премалку да ги опишат пукнатините и рапавоста на душата. Ме боли таму некаде, кај градите. Ме повива стравот и го стега градниот кош, го отежнува дишењето, ја зголемува паниката. Во тој момент се повикувам на солзите, но и тие молчат.
Ми тежи животот, а не го заслужувам затоа што не го живеам. Се провлекувам со бледата сенка покрај оние кои оставаат силни траги по пат. За чекор, ја поминав финалната линија на уште еден круг, и сега повторно полека низ калта. Станав зависна од студенилото кое и низ погледнот и низ усните излегува, а се топи покрај него. Тогаш се опуштам и наеднаш се повлекувам, не баре светот ќе се потопи ако си дозволам да уживам во денот, во неговото присуство и конечно во пријатната тишина.
Не дозволувајте да се навлечете на тагата, излезот е некаде далеку скриен. Не дозволувајте да постоите, а да не живеете. Не ја трујте душата, не ја убивајте за на крај да завршите како мене, како сите луѓе свртени кон празнотијата во себе!