Скитник
Како и обично, леден израз на лицето, горд од и цигара во рака. Патување низ реалноста и илузијата, желбата и суровата вистина... и оддеднаш застана, животот и прелетуваше премногу брзо, па застана да го долови моментот. Булеварот преполн, но таа не се грижеше, смирено стоеше и ги гледаше луѓето. Цигарата догоруваше, димот и го криеше остриот поглед полн лутина. Ја забележаа едни туѓи очи, и пријдоа туѓи чекори и освестувајќи се виде еден скитник. Гледајќи во него како во огледало на душата, се виде себе си, сиромашна но духовно, напуштена, осамена, скитник кој талкаше низ спомените, низ минатото, низ чувствата, низ животот без одредена цел. И тој, како и сите други изусти едно „извинете“ бидејќи ја поттурна со рамото а потоа ја одмина и веќе на чекор зад неа најверојатно ја заборави, како да не ја видел, како да не и проговорил. Просто ја врати во реалноста каде немаше што да бара. И се скрши, се скрши од тага од разочарување и немајќи друг избор продолжи да чекори. Но не сакаше да си оди дома затоа што тагата беше вселена таму, во секое ќоше од станот, во секоја слика, во празната постела, беше вселена таму каде се сеуште мирисаше на него.
Совршено совпаѓање
Се лизна уште една солза по образот, полна со празнотија. Градите и беа празни, срцето механички ја пумпаше крвта, а погледот и беше мрачен без љубов. Стуткана во клопче, гушкајќи го мракот посака да ги затвори очите и никогаш повеќе да не ги отвори. Воздухот кој го земаше не и беше доволен, се бореше за уште, се бореше за живот.. и се откажа. Конечно им се препушти на животните провалии, а кога падна доле не се слушна тресок, не се слушна ниту најмал звук бидејќи се што беше таа, избледе и полека полека исчезнуваше, таа совршено се вклопуваше во сложувалката наречена сивило.
Сивилото на мојот град
Кога ќе погледнам наоколу во луѓето кои ме одминуваат, во нивните задлабочени погледи каде е отсликано сивилото, сивилото на нивните животи, сивилото на овој град. Кога пробувам да ја разберам нивната болка и тага и кога конечно ќе ја сфатам желбата за подобро утре, гледам дека се што се случува во нивните животи е отсликано во мојот, твојот, нашиот живот. Oвој свет е соба преполна со злата од „Пандорината кутија“, но и покрај таа гужва, тажно е што се чувствуваме осамени... не сами, осамени! Кога во секого од нас ја гледам незаситеноста на сопствената душа од туѓата болка по не знам кој пат се потсетувам на сивилото на мојот град! Тоа сивило кое постои за да биде уништено, тоа сивило кое копнее по капка боја од животното уживање, тоа сивило кое се закотвило во нашите души, а сепак бара излез од таму , тоа сивило кое треба да биде гостин само на онаа осамена клупа на крајот од паркот. А тоа сивило, искапено во солзи кои раскажуваат цели животни приказни ја составува единствената болна вистина за постоењето на тела, а не души, сонови неисполнети, ледници НЕ чувства, и сосема малку чиста љубов која ја поседуваат оние малку среќните, оние кои имаат барем малку човечност во себе!
Крај на првиот почеток
Телефонот ѕвонеше непрекинато, таа само немо зјапаше во екранот кој го покажуваше неговото име. Немаше намера да разговара со него, и онака нивната приказна беше завршена. Но нешто ја копкаше и не и даваше мир, и после се имаше малку надеж за нив двајцата. Се истетерави, го зема телефонот и се што слушна од другата страна беше: мила овој е мој последен повик и не сакав да заврши без да те потсетам дека те сакам. Збогум.
Конечно и стана јасно дека го загуби целиот свет, онаа грутка надеж што ја чуваше во дланките се срони и и се излизга низ прстите, а таа остана со прашината од спомените во рацете.
Можеби сме го утнале времето кога сме решиле да бидеме заедно. Можеби реалноста не ни го дозволува тој луксуз да го доживееме врвот сега иако крвнички посегаме по него. Можеби среќата и љубовта чекаат на нас некаде во иднината.
Карма
По тешката ноќ конечно се разбуди, ги отвори очите и ја почувствува празнината. Како нож го расече длабоко во срцето не создавајќи, туку проширувајќи ја единствената рана која се отвори оној ден кога таа замина. Се натера да стане но кога се исправи на нозе тишината го потапка по рамо велејќи му: - Од тебе и денес ништо не бидува.
Ги затвори очите, чувствувајќи го единствениот мирис кој правеше чувствата да му се измешаат, да збеснат, да направат хаос во неговото тело и во неговите мисли. Ги затвори очите, чувствувајќи го тој парфем, парфемот на неговата сакана која сега остана во спомените, а на него му остана да се потсетува на неа и да ги оживува чувствата бидејќи се уште не сакаше и не беше способен да ги закопа во минатото, таму каде што припаѓаа.
Се прибра полека полека, ханзапластот од лажната надеж се уште му помагаше и ја затвораше раната колку-толку па бидејќи не сакаше никој, дури ни таа да знае колку му го преврте светот наопаку и колку го повреди, се воздржа од воздишките и солзите за неа и набрзина излета низ вратата оставајќи го отстојаниот воздух да сведочи за она што тој навистина е.
Беше горд човек, беше оној што повредува, а не тој од другата страна, но сега сфати, сфати што значи да бидеш губитникот со развеано бело знаме со крвави траги и не му се допаѓаше воопште. Научен беше да го има тоа што го посакува, но овој пат она што го посакуваше му одзема се, се освен гордоста. Ја чуваше како најдрагоценото нешто, единственото нешто што му остана и најверојатно ќе ги затвори очите со неа. Со неа во него сигурно, а покрај него?
Таков е светот - никаков!
Хаос, лудило, неред. Гужва и празнина, експлозии и музика, војна и мир! И на крајот остана сама држејќи ја Пандорината кутија во рака. Колку поразително е кога дознаваш дека не можеш да сметаш на никого освен на самиот себе, и дека можеби надежта е навистина единствениот сопатник на скршеното срце, празното човеково битие и обележаната душа. Колку бесмислено, глупаво, несфатливо... толку многу луѓе, а ретко среќаваш човек па кога си сам, таа тутканица прави да се чуствуваш само поосамен. А таков е светот - никаков! Себичен и празен, само од некаде ѕирка и се пробива низ маглата по некој зрак светлина, а за едно вакво место тоа малку многу значи!
Сива реалност
Срцето силно и биеше, дишеше брзо и трепереше. Се бореше со реалноста. Сакаше само да остане таму каде што се наоѓаше секоја ноќ, во една совршена приказна, во сонот. Толку беше совршено, толку реално, толку исцрпувачко.. но сепак, секое утро сето тоа исчезнуваше, како магијата на Пепелашка и повторно ја враќаше во една сива вистина наречена живот. Не не, не беше црна беше само сива, затоа што сеуште се пронаоѓаше себеси.