Те сакам

Љубов се случува баш така, додека да трепнеш полека ја пушташ раката која си ја држел толку време за просторот меѓу прстите да се ослободи за некој друг.

 

Те сакам само за мене, тие очи само мене да ме гледаат, тие усни само мене да ме љубат, тие раце само мене да ме галат и тоа срце само за мене да чука. Не сакам да поделам ниедна твоја насмевка, воздишка, тага. Не сакам да те делам со светот, ниту со една личност од него.

 

Го најдов конечно мојот дел од сложувалката кој недостигаше, те најдов тебе и така ми прилега сета твоја љубов и внимание, несебичност и нежност, страст и жар, искреност и хумор. Така ми прилега храброста да љубиш безвремено. Јас не се вклопувам во туѓи светови, ти не припаѓаш во туѓи светови, затоа си создадовме еден наш кој започна со искреност и заврши со љубов, а она измеѓу беше разбирање и утеха.

 

Доволно беше луд да ме освојуваш, доволно бев луда да ти дозволам.

 

Ми ја врати онаа детска гласна смеа, искрена, ти благодарам за тоа. Ми покажа како треба да бидам сакана и чувана, мазена и пазена, разгалувана. Ми го врати сјајот во очите, ми ги разигра пеперутките. Ми го врати „животот“ во животот. Ми покажа дека се е возможно, дури и тоа некој кој не верува дека човек може да се смени, сепак се менува.

 

Секогаш постоеше ти, едноставно ти. Ништо повеќе, ништо помалку. И секогаш постоев јас, комплицирано јас, со сиот мој инает, со целата моја гордост. Ништо повеќе и ништо помалку. Ама не е повеќе важно затоа што постоиме ние! Створени да се љубиме, створени да се сакаме, створени за да го затресеме тлото со нашата болка, створени за да го отвориме небото со нашата љубов! 

 

И што можам поубаво и поискрено да ти кажам од тоа дека:

Ти си моја слабост

Со тебе животот мој има смисла

Ти си моја љубов

Ти си моја среќа

Ти си се што некогаш сум сакала да имам со еден човек:

Авантура, Вечна љубов, Смеа до солзи, Солзи од љубов, Спонтаност, Искреност, Доза љубомора, Разбирање, Сигурност.

 

Солзите скротени со насмевки и прегратки, страста скротена со допири и бакнежи, лутината.. лутината скротена со љубов. Љубов родена во твоите очи, заспана на твоите усни, згрижена во твоето срце, а сепак создадена за да биде подарена. Кога би те опишувала не би пронашла зборови за да ги отсликам тие топли очи и ведрата насмевка, цврстата прегратка и пеперутките кои ми го разјадуваат мешето. Љубов не е само те сакам, ми недостигаш и уште некои излитени фрази кои механички се изговорени, љубов си ти.

 

Јас го скротив ѕверот во тебе, ти го стиша хаосот во мене.

 

Љубов ретко се наоѓа знаеш.. и ако некогаш ме сакаш помалку од овој момент пушти ме.

 

Не сум можела да замислам дека некогаш некој толку ќе ме сака и дека сум способна некого толку многу да сакам. Не сум можела да замислам дека некогаш толку многу ќе ми недостига твоето присуство и ќе ме боли твоето отсуство. Не сум ни помислила дека љубовта може да биде волку прекрасна и да ми се случи мене. Никогаш не мислев дека некој за толку кратко време ќе ме скрши и ќе зацелам на сосема поинаков начин. Поздрав, понежен, поромантичен и толку нереален, магичен.

 

Ти стана подобар човек Јас останав будалетинка ама тоа сум јас. Смотана, смешна, несмасна.

 

Никогаш не ми беше јасна таа твоја насмевка која и пркосеше на болката и погледот полн со љубов кој врескаше „сакај ме“. Никогаш не дознав со што го заслужив ова твое внимание. И тоа твое „ти простувам“ кога ќе те повредев, а го направив тоа многу пати. Секогаш барав повеќе, повеќе дури и од максимумот кој ти ми го пружи и понекогаш сепак не беше доволно.  И после палетата бои која ми ја внесе во животот и покрај реката солзи што би ти кажала повеќе?

 

Сакам будни ноќи поминати кај тебе на гради оти таму бучавата на цел овој свет ја нема. Само твоето срцебиење

 

Сакам ноќи со страст и љубов. Сакам ноќи после кои ќе се разбудам и ќе ме гледаш ти насмеан, најубав.

 

Сакам денови како што знаеме ние да си ги направиме Смешни Со љубов Со готвење Со филмчиња Добро музиче Чајче понекогаш Чоколадо Чипс Пиво

 

Сакам денови со "те сакам будалче мое" Сакам ноќи со "те љубам животе мој" А ги сакам и оние со "ми недостигаш".

 

Сакам денови и ноќи со тебе оти повеќе не знам како без тебе.

 

Ти благодарам за секоја моја насмевка, за секоја солза од среќа, за пеперутките, за прегратките, за бакнежите, за чоколадите со бисквити, за секоја испушена цигара кај мене пред порта, за секое „тука сум“ кога сум ти рекла „ми требаш“. Ти благодарам за се што ми пружи и што даде од себе. И најголемо благодарам за тоа што ме научи да сакам и што ми го смени животот толку многу што понекогаш не сум сигурна дали е јаве или сон. 


Да се збогуваме како ни доликува

Јас и ти завршивме, но јас и ти не се збогувавме соодветно. 

Знаеш кога ќе се вратам назад и кога ќе почнам од почеток, од нашиот почеток се сеќавам на три работи: нашиот прв бакнеж, моето неконтролирано смеење и првиот пат кога покажав дека ти верувам.

Не бев јас, беше ти. Ти не знаеше да ме скротиш, ти не беше доволно луд за мене. Беше премногу едноличен, досаден, предвидлив. Беше плачко кој газот не можеше да си го избрише сам. Кога би ме прашал некој која реченица најмногу сум ја мразела и најмногу си ја изговарал таа би била „не можам“. 

Не те засакав вистински никогаш оти не ми беше предизвик. Беше некој кој се читаше како буквар, кој не знаеше да ужива во животот, во љубовта на вистински начин.

Потоа те повредив, те изневерив од досада. Потоа повторно оти можев. Третиот пат беше затоа што бев толку многу повредена што сакав да страдаш, а всушност да не знаеш. Ти се одмаздував за сите непреспиени ноќи, за сите солзи, се сета моја болка, за секое мое ебено повраќање пред да излезам, за срцебиењето, за недостигот на воздух, за недостигот на љубов, за недостигот на зрелост. Но, како бива, ти дозна и страдаше и страдав и јас повторно. 

Јас знаев дека нашиот крај доаѓа од самиот почеток. Јас знаев дека ти не можеш да бидеш со мене, дека јас не можам да бидам со тебе. Јас знаев дека кога тогаш ќе те повредам, но не знаев дека ти ќе ме повредуваш. Но, бараше излез веројатно. И не, не те оправдувам воопште и не се оправдувам, едноставно се случило и сега дојдовме до крајот.

Знаев дека сакаш слобода, не знаев дека ја сакам и јас. Знаев дека повеќе и не ти бев важна, не знаев дека можеш да ме искористуваш. Знаев дека повеќе нема љубов, не знаев дека толку бргу ќе најдеш нова, но јас ја најдов пред тебе ха!

Хаха, ма остави не е важно. Важно јас и ти завршивме и сега како што е редот треба да се збогуваме. Всушност јас се збогувам со тебе оти се од тебе почна да ми смета, секое парче спомен, смеата која наликува на твојата, најситниот подарок. Ти си за во попрости, но побогати кругови на луѓе. Јас, јас сум можеби од посиромашните, но оние што љубат вистински, оние чиј живот никогаш не е досаден, едноличен, како тебе.

И за крај, ти благодарам и те мразам за патот кој го помина со мене и за лекциите. Понекогаш не ми се верува дека сме завршиле и ми доаѓа да скокнам од радост кога ќе помислам на тебе, а не чувствувам ништо. Понекогаш се сеќавам на твојата смеа и на твоите бакнежи, но не би ги бакнала тие усни никогаш повеќе. И само понекогаш сакам да те заборавам, да не постоиш никаде никогаш повеќе. 

Јас се обидувам да ја дефинирам мојата среќа конечно и тоа без тебе и ти благодарам што ме пушти толку лесно да си одам, веројатно не си ме ни држел, но така звучи поубаво.

Збогум грешко, збогум лекцијо, време е за иднина во која не нема „нас“. 


Исто како месечината

Таа беше како месечината
Занесно убава,
бескрајно далечна, магична
Блескаше во полн сјај, а сепак
темнееше во тишина.
Беше надеж во безнадежност
Беше љубов во безљубие
Беше ред во безредие
Беше сила во снеможеност
Ама темнееше.

Месечината е како мене
насмеано тажна
бескрајно далечна, магична
расплакана пред себе 
насмеана за другите 
кисело ведра
скршено целосна 
дел на виделина
дел во темнина. 

Јас сум како неа
и ние сме исти
гледај не, не допирај не 
како стакло
како прашина
ќе се распрснеме,
а зрачиме храброст,
а зрачиме вечност,
а зрачиме убавина
и темнееме 
исто како месечината.

 


Само понекогаш лагата е подобра од вистината

Премолчувањето е лага, лагата е лага, искривувањето на вистината е лага и понекогаш лагата е подобра од вистината. 

Понекогаш дознаваш некои вистини кои те болат и благодарен си поради искреноста, понекогаш ти си на ред да кажеш некои вистини кои ќе го болат некој друг и одбираш да премолчиш. Само понекогаш таа одлука е правилна, но секогаш тоа го дознаваме веќе откако ќе го направиме изборот да молчиме или да изговориме некои реченици кои ќе ја жигосаат личноста. И скоро секогаш грешиме.  

Секогаш сум ги градела моите најцврсти врски врз болна вистина и сурови зборови и понекогаш некое „жал ми е“ и сега кога се најдов помеѓу два огна, љубовта и пријателството одбрав да ги задржам двете. Да ги сочувам такви какви што ги изградив, чисти со болка.

Чиста лага, искривена вистина и нечии солзи ми ја разорија утробата и можеби згрешив. Ако ја премолчев таа вистина која ја изговорив можеби и само можеби никогаш не ќе ме печеше како лага.

Барам да ми простите за тоа што можеби ве издадов, но го сакав само најдоброто. Барам да ми простите што ги прекршив моите ветувања за наше добро. Барам да ми простите што сум толку лоша пријателка и толку лош сопатник. Но, ве сакам со се што имам и со се чисто што ми останало. Со се што не е затруено.

Ве одбрав вас, за вас да ви верувам за во ваша закрила да плачам, за вие да ме буткате напред кога ќе се откажам. Ве одбрав вас и правам се што можам да ве сочувам, но не секогаш се оди по план. Можеби ќе ме разберете, можеби нема, но во ред е. 

Само не сакав да ве пече вистината, но ве докрајчи лагата.

Велам никогаш повеќе. Никогаш повеќе.