Прости

 Камен ми тежина душава,
ја притиска,
безмилносно ја гмечи, 
кнедла ми стои во грлово
се закотвила, 
ми пречи. 

Можеби ќе навикнам на нив 
и на тешкиот избор свој
ќе живеам празен живот
поради кукавичлукот мој.
 
 Те молам 
позајми ми малку среќа,
мене тагата ме јаде однатре 
и немам веќе каде 
на која страна и да се свртам
болка, немир - секаде. 
 
Како ќе те погледам во очи,
со мојот поглед празен?
Ќе ми простиш ли некогаш
за животот тажен?
Ќе разбереш ли дека многу те сакав
но не онака како што сопатник се сака.
 


Црни дамки на белите страници љубов

Се изгубивме некаде тука, во просторот на болното, празното. Се поткина парталчето кое не држеше припиени еден за друг, кое не држеше близу еден до друг. Сега, чекор по чекор заостануваш зад мене, и иако не сакам, мене надежта ме бутка напред, тебе болката те влече назад. Како жива песок ти го проголтува телото... жалосно.

Те влечев со мене колку по далеку можев, на некое побезбедно место, а сега се лизгаш низ прстиве како песок и веќе не те гледам. Јас, јас заглавувам на истото место каде те испуштив од раце и те гледам како тонеш, не сакам да продолжам напред. Со задоволство би останала токму тука, додека времето не ме проголта, додека сонцето не ме стопи, додека не се соединам со земјата. Иако знам дека кога ќе дојде вистинското време ти ќе завршиш на едниот, а јас на другиот крај, а средината ќе ја одбележат наши спомени. Не сакам да заминам, не се уште, не сега, не утре, не... никогаш.

И би се борела до последната капка крв за да го одржам во живот она нешто „наше“ кое нема облик, не може да се допре, не може да се види, може само да се почувствува како ги парчосува градите на милион делчиња. И би се борела, затоа што таму секогаш ќе живее оној голем дел од мене, оној значаен период од младоста, оној дух кој се надевам животот барем малку ти го обои кога сивилото беше неподносливо.

И се надевам некогаш ќе можеш да ме разбереш мене, и сите мои чудни и болни потреби кои на тебе можеби не ти значеа ништо, а мене - живот. И тогаш ќе сфатиш зошто јас и ти не бевме еден за друг никогаш, а сме совршен крој за заемна утеха, нескршлива љубов и минлива болка.

Покрај се, не верувам дека ќе заборавам како ме гушкаше твојот парфем кога ти не беше тука, а ќе се обидам, верувај ќе се обидам да не ги заборавам и сите црни дамки кои ни ги испрскаа страниците полни љубов и разбирање. И онака важна е целосната слика која ситните грешки на сликарот ја прават совршена и единствена, исто како нашата љубов. 


Молитва

Многу често
ми недостигаат зборови,
а едно место 
каде мириса на липи и борови, 
полно е слогови
полно скршени зборови.
 
Си играм со нив, ги спојувам,
делчиња од сложувалка празна,
а многу се, премногу слични, 
и многу се, премногу безлични.
 
Секој збор - болка 
приказна сама за себе,
недостиг од капка мир, 
секој поглед - желба искрена, 
секоја солза - тајни вир.
 
Виновен никој не е,
вината ја носам само јас,
во душава темно се е, 
и тивок се слуша глас,
молитва со дланки споени 
за денови мирни броени. 


Конфучиe

Ако сретнеш човек со кој: 
- вреди да зборуваш а не зборуваш - си го изгубил човекот, 
- не вреди да зборуваш а зборуваш - си го изгубил зборот. 
Мудриот човек не ги губи ни човекот ни зборот.


страв

Почнаа бури да беснеат,
ноќите кошмари се сторија,
а клеткиве по мир чезнеат,
болките телото ми го соборија.
 
Врнеа солзи врели,
јачеа очите гласно,
усните се сторија снегови бели, 
се љубеа смртта и животот страсно. 
 
Војната заврши тажно
мртвите ги носеше на плешки еден човек 
и како повеќе да не му беше важно 
умре душата и мртва ќе биде до век.
 
На крајот, сепак останува стравот
победнички насмеан, горд на себе
полнејќи ја плуќата исто ко правот
гушејќи го човекот до смрт,
а потоа тебе.