Сегашно минато

Не и беше јасна играта која животот ја ставаше на „replay“ цело време. Не и беше јасна целта, не ни можеше да ја насети, па сепак играше. Гледаше како животот и поминува со секое заспано зајдисонце, гледаше и не можеше ништо да направи да го спречи тоа. Духот во неа умираше оставајќи страшна дупка позади себе. А сакаше таа, сакаше толку многу да направи, да биде вредно потрошеното време, да се развива во сите свери на животот, а наместо тоа, закржлаве и заглави во еден период од животот кој го живееше веќе по 100ти пат.

Не сакаше да оди понатаму затоа што не го имаше изживеано моментот целосно, доволно, затоа што знаеше дека заминува и дека со секој нареден ден избледува по некој детал и некое чувство повеќе.

Се заспиваше самата себе, а никој не го гледаше тоа. Како би можел? Сега, сега седи во темната соба и по стоти пат бара зборови да ја опише презирта кон времето, кон самата себе, кон неспособноста да го остави минатото таму каде што припаѓа. Сега се бори да земе воздух од самообвинувањата кои ја гушат. Сега се бори со часовникот кој упорно ги брои секундите, минутите, часовите и ја носи зората на врата.

Некогаш ја сакаше, некогаш ја презираше ноќта, а сега, сега не беше веќе важно и онака се ќе помине и ќе остане во минатото. Единствената разлика меѓу неа и животот е што животот секој ден подарува нова можност, нов ден, нова сегашност и нова иднина која ќе стане минато, а таа секој ден се буди гледајќи во минатото, во веќе догорената свеќа, во чадот чиј мирис избледува, во истите моменти, спомени и кажани зборови кои молат да бидат заборавени.

И чудно, единствениот нејзин проблем можеби беше самото постоење на минатото! 


We were made to love

Во грдотијава која не опкружува, сите наоѓаме по некој со кој се издигнуваме високо над облаците, со кој гледаме многу подалеку во иднината, нашата иднина. Тогаш грдотијата станува наша грдотија, среќата - наша среќа, болката - наша болка, а љубовта - наша водилка. А имав среќа, јас те пронајдов тебе. Колкав дел од себе, се прашувам, вложив во ова кое сега е сиот мој живот, колкава доза на труд, трпение, надеж?

Се плашев знаеш, се плашев многу пати кога столбовите се нишаа при силните ветрови, се плашев кога ти заминуваше, се плашев кога јас заминував, а никогаш не се напуштивме. Секогаш постоеше нешто посилно од сиот инат со кој се расправаш, од целата болка со која се борев, од огромната желба за живот.

Секогаш постоеше ти, едноставно ти. Ништо повеќе, ништо помалку. И секогаш постоев јас, комплицирано јас, со сиот мој инат, со целата моја гордост. Ништо повеќе и ништо помалку. Ме сакаше секогаш, ме сакаш се уште, ќе ме сакаш знам! Те сакав и јас, и како да останав таму, во тоа некое наше заедничко минато, во оваа некоја наша заедничка сегашност, во таа некоја наша заедничка иднина, или можеби некаде измеѓу.

Ама не е повеќе важно затоа што постоиме ние! Створени да се љубиме, створени да се сакаме, створени за да го затресеме тлото со нашата болка, створени за да го отвориме небото со нашата љубов! И знам, оваа наша бајка ќе заврши со солзи, многу љубов и едно ветување, ветување на празно место до мене, или до тебе, за тогаш кога ќе се пронајдеме некаде на другата страна, на второто поглавје од нашата книга! 


Круг

Многу зборови останаа недоречени. Се плашеа прстите да го напишат тоа што го чувствуваше душата, а го дефинираше умот. Страшна темнина демнеше заземајќи дел по дел, играјќи си со телото, умот како со кукла. Сега нешто попушти, зајакна снагата, се разгореа зениците, се затресе тлото, а болката, болката затаја треперејќи плашливо.

Се бори, се гуши таму некаде, полека заспива. Јас пак, ја нишам како бебе, полека и пеам, и пеам некоја приспивна песна што ми ја пееле мене, што сум ја научила како мала, што ме смирувала додека стравот го диктирал ритамот на срцето.

Ќе ја одржувам во живот, понекогаш и ќе ја будам, да ме потсети на сето она што ја создало, да ме потсети на сите суровости на животот, да ме потсети на тоа колку сум била храбра. А знам дека откако конечно ќе умре, ќе се прероди како феникс од сопствената пепел.

Тогаш, прво ќе запее милно, а потоа ќе почне да ја клука душата, да распарчува, да си игра со неа како со сложувалка додека јас ги собирам парчињата. И така ќе си играме. Понекогаш од инает ќе се смеам, додека се вгнездува во леглото направено од крв, од инает ќе се смеам додека солзите ми го милуваат лицето, од инает ќе се смеам, од инает, затоа што знам на крај таа ќе се измори, а јас иако исцрпена ќе изнајдам сили, ќе ја земам во дланките и ќе ја оставам да изгори, да се стори пепел за да порасне пак, така голема и силна, исто толку моќна, можеби и повеќе.

И цел живот ќе се бориме и за заемното постоење, и за заемното уништување затоа што ниту таа ќе постои ако ме нема мене, ниту јас ќе живеам ако ја нема неа.


Само понекогаш..

Ми недостигаш понекогаш, ми недостига онаа среќа во очите кога ќе те видев иако знаев дека твојот поглед ја бараше неа. Топлите јунски денови и прегратката која направи никој околку нас да не постои. Се сеќавам сега, кога ќе ве погледнам, таа ми значеше нешто во животот, а ти, ти беше оној по кој копнеев. И за жал никогаш вистински не те добив, тоа беше само привид, присутно отсуство.

Ма остави, не бевме еден за друг никогаш, среќа еден од нас го знаеше тоа, среќа еден од нас имаше храброст да стави каков-таков крај. И добро, барем те паметам по добро, по пеперутките во стомакот, по насмевката од која ми се укочуваше лицето, по некогашната верба за вистинска љубов, но не приземна, туку онаа возвишена, чиста, детска, бескрајна.

Веќе заборавив на лошото, на тоа што ме заборави, на тоа што сакаше да ме заборавиш. Така требало да биде, а ти биди среќен и јас сум, само понекогаш, само понекогаш недостигаш. 


Блед поглед

Касно е. Утрото тропа на прозорeцот додека ноќта тивко испарува, заминува. Посакувам да можев зборовиве да ги исплукам од усните и да ги спојам како сложувалка. Посакувам да најдев вистински опис на празнотијата во душава. Мирот конечно ми ја гали кожата, ми ги затвора очите, ми шепоти милни зборови додека да заспијам, а потоа ме чува прегрнувајќи ме како да ќе избегам ако ме пушти. Се е тоа убаво, ама затапува чувството на живост, вистинско постоење, адреналинско отчукување на срцето.

Којзнае, можеби и не сум за таков живот, можеби сум родена во погрешно време, но на вистинско место, можеби припаѓам некаде во друга земја или во друг временски период на постоење, само не сега.

А реков, доцна е.. сонот спие место мене. Добра ноќ. 


Актери

Е убаво е кога се сакаат луѓево, си гледаат низ розеви наочари, зениците чиниш срциња им се, а душата трула, расипана. Ги гледаш и се топиш, а тие пак главна улога играат во претставава, чинам „Живот“ се викаше. И цело време ги посматраш, си вртиш филмови во главата, па едно време патиш, депресивен си, те гризе совеста за бившите и на крај секој од нив завршува зад завесата осамен и празен. Шуплив како изгризана срцевина на дрвото. И тогаш ја виткаш картата и не ја фрлаш, ја ставаш така стуткана во џебот за нареден пат кога ќе гледаш некоја копија на истата, да се потсетиш дека веќе го знаеш крајот, а полезноста од повторното гледање е никаква.