Кандид, зборови полни благодарност и солзи на трогнатата душа!

Светот е убав, најубав од сите можни светови. Светот е совршено место за живеење, место полно со празнотија чија тишина е мелодија за нечии уши. Светот е совршен за оној чиј поглед досега до ќошето во собата, за оној кој упорно влегува од просторија во просторија погледнувајќи надовор само преку прозорецот. Токму во тој најубав свет љубовта е совршена, а животот пак, здодевен. Од која страна ја гледаат совршеноста? Тилот на девојката претставува љубов? Морската шир која не носи се подалеку од местото каде сакаме да си го создадеме тој навидум совршен свет, сепак, претставува совршенство? За оптимистот Кандид, можеби и е совршенство.

Светот ваков или онаков живееме во него, животот го поминуваме борејќи се секој ден за она подобро утре. Можеби песимистот во нас зазема преголемо место, а можеби и светот е онолку грд колку што ни дозволуваат очите да видиме, а кожата да почувствуваме. Животот ни е мизерен, посегаме по матријалното оставајќи ги вистинските вредности да скапат на дождот. А еднаш познавав еден човек кој и после сиот ќотек и сите неволји успеа да си ја пронајде сопствената рајска градина. Градина исполнета со реалистички поглед на светот, градина исполнета со мир кој вреди цело богатство. Дури и тогаш кога животот му приредуваше горки изненадувања, тој не се откажа, па сепак ова е најубавиот свет од сите можни светови. Во овој свет човек нема што не би направил за љубовта која не е совршена, но животот таков каков што е го прави совршен. Светот е по малку убав дури и тогаш кога и покрај подадената рака, некој те фрла во вода да потонеш, дури и тогаш кога крвавите стапала и болката не ти дозволуваат да одиш понатаму, дури и тогаш кога е по малку грд.

Нашата рајска градина не чека некаде далеку, а ќе ја пронајдеме тогаш кога ќе бидеме подготвени. Најголемите изненадувања во животот доаѓаат тогаш кога ќе го заработиме рајот по успешно поминатиот пекол. И се ќе дојде на свое место, и градината во наши раце тогаш кога погледот ќе може да биде сконцентриран само на неа.


Покојна душа!

Веќе и зборовите ги потрошив, и мислите ја изгубија вредноста, и срцето ги сотре емоциите, а душата се уште зјае празна. Исто како собата на крајот на ходникот полна со пајажини. Оној кој погледна подлабоко, не можеше да го издржи ехото на болката и самотијата.

Покрај сите избледени слики има една, една која свети како икона! Не ја барајте смислата, оној на кој стравот му ја ежи снагата, ќе разбере. И немам веќе што да кажам, а се што барам е само да не ме оставиш во оваа празнотија, во оваа црна ноќ која трае и трае.

Земјата натежнува на градите, потоа и на телото, а заштита и љубов нуди само твојата прегратка. 


Сам и мртов!

Те гледам и се смеам. И се смеам на твојата глупавост, на твојата наивност, на твојата пропаст! Му се ситам на твојот страв и го чувствувам!

Предолго те држев за раката додека ти висеше и правеше акробации на самиот раб на карпата.

Трепериш знам, безизлезноста на ситуацијата прави да се гушиш! Крвта ти го полни мозокот, ти пулсира главата, а рацете ти се потат до немај каде.

Сега, што ќе правиш? Ќе потонеш во сопствениот срам за кој веруваш дека е успех, знаеш исто како кога тонеш во жив песок и мислиш дека е кал. И конечно ти доаѓа до грлото, брадата, устата, ноздрите, а на крајот ти ги покрива очите и не гледаш ништо, а всушност гледаш се!

Сега те оставам тука, на крајот на оваа слепа уличка и си заминувам за никогаш повеќе да не се изгубам во твојот лавиринт на себичноста и лагата!

Избор секогаш има иако не секогаш ни се допаѓа! Па, јас сега бирам да те пуштам да се раскостиш доле на карпите со поглед полн незадоволство од посакуваното задоволството!


Илузија!

Луѓево не се ништо друго, туку едно длабоко разочарување. Се менуваат како годишни времиња или уште полошо како денот и ноќта. Создаваат илузија, мислиш си пронашол ангел чувар, а добиваш рогови од ѓаволот!


Со љубов, за неа!

Еј, каде ти е насмевката? Те познавам, те познавам доволно добро да го видам болното во насмеаните усни. Те познавам доволно за да го препознаам она затруеното во чистата душа која зборуваше само за љубов. Те познавам доволно за да знам дека внатрешноста ти плаче и бара помош ама твојата немилосрдност ја замолчува брзо.

Знам дека си премногу горда за да признаеш дека водиш битка со самата себе, знам дека мразиш сожалување, но никој тоа не ти го пружа. Погледни и ќе ја видиш разликата помеѓу љубовта и грижата и зборовите кои нудат сожалување.

Знам дека светов е никаков, дека разочарува во секој ќош и знам дека луѓето се страшни ама постои нешто добро. Имаш толку многу за да се бориш. Требаше да ги видиш тие очи скршени и тие солзи, можеби тогаш ќе сфатеше кого имаш тука и колку значи.

Светот е грд ама за нас го разубавуваме. Самотијата не помага ниту пак тишината во ноќта, ниту цигарата, ниту алхохолот, ниту празниот стомак.

Што би правеле без тебе? Да можеш на момент да ги погледнеш своите очи преку моите ќе разбереш, да можам на момент да погледнам низ твоите очи наоколу, ќе се изборев. Тоа што те боли тебе, не разјадува нас и копа се по длабоко и по длабоко.

Ајде заедно да успееме затоа што вредиш и совршена си онаква каква што си, инаетчика што секогаш ќе ја сакаме. И само надевај се дека ќе те оставиме сама, твојата војна е и наша. Борби може губиме - војни никако! 
Подигни ја свеста и живеј! Ајде избори се и успеј за себе, за нас!


Блиц прошетка!

И што се случува после се? Емотивен куп! Несреденост, немир, празнина, гужва, крик, иронична насмевка и прелив од болка. Сега гледам дека ништо не сум гледала. Ме засече малце, ме гребна острината на еден збор, па наместо крв бликнаа солци и црнила од раната.

Воздишката после кикотењето лебди во воздухот. Ја гледам и по некое време замавнувам со раката и го вртам погледот, сфаќам дека всушност лебдат еден куп прашања.

Што правам со животов? Сте се запрашале некогаш? Нема бегање, нема засолниште, нема љубов. Нагоре високо, надолу длабоко. Дождови, црни облаци, олуја, бура, бранување, секавица која го распарува небото на две половини. Го дели и остава бразда светлина, синило, небесно синило. Помеѓу моите распарани две половини се гледа самотија и бескрајна борба. 

Скалила, стрмни бескрајни скалила. Не знам до каде сум, не знам уште колку имам, но тие се таму и се наддаваат. А мускуливе болат, снагата не издржува, а инаетот и маглава не дозволуваат да застанам да земам здив за момент, да ги исполнам градите, да го одморам срцето, да ги расплачам очиве, да ги насмеам усните, да ги разведрам мислите. 

Се прашувате како е? Зошто би ве интересирало? Задоволство? Јасно како ден е туѓото битие во очите, САМО ВО ОЧИТЕ! 

Како да ви го опишам недостатокот на кислород? Замислете една работа. Море, разбранувано, мрачно. Водата ве влече надолу, а градите ви се полнат со вода. На крај се предавате, и вака и онака ќе умрете и ги отварате очите со истото чувство. Живи навидум, мртви во себе. И што понатаму?

Најдете го патот во пустина!

Најдете го патоказот во густата шума каде се изгледа исто!
Најдете ја позитивата во фактот дека сте изгубиле човек! 

Ајде насмевнете се! Насмевнете му се на животот кој камшикува! А му се смееме сите, онака тонејќи додека ја голтаме неговата солена вода! Му се смеам додека песокот на Сахара ми ја полни плуќата!

И после пожарот пламените јазици оставаат траги чисто да се сетиме, а пепелот? Пепелот ќе се чисти цел живот па дури и тогаш кога месото ќе се одвои од коскиве! Па дури и тогаш кога ќе скапе! Па дури и тогаш ќе се смеам!