Кога ќе се најдат две изгубени души, стануваат една или не останува ниедна?

Published on 12/15,2017

Кога во овој свет на лага и измама, болка и тага, солзи и вресок, бес и празнотија ќе се сретнат две „болни“ души, две изрезбани од болка, некогаш невини и наивни души што се случува? Можат ли тие да опстојат секоја сама на овој свет или им треба нечија друга душа да ги пополни дупките во нивната, да ги израмни браздите, да ги излекува, да им биде мелем? Кога една болка што живее во телото на еден човек ќе наиде на болка слична на неа која сепак има друг дом...

 Оваа моја болка, оваа моја душа наиде на една туѓа. Се опипаа, се запознаа, видоа дека се налик една на друга и посакаа да останат заедно оти се разбираа. Меѓутоа понекогаш се случува сосема нешто неочекувано и настанува војна. Чија болка е поголема, чија душа е помала? Помислив полесно е кога двајцата го допираме истото дно значи ќе имаме иста цел, ќе доживееме ист успех, ќе зграбиме малку среќа и жал ми е што толку многу погрешив. Човек лесно се залажува, најлесно е да веруваш дека има надеж, најтешко е кога таа надеж ќе ти влепи 2-3 жестоки и ќе исчезне и тогаш во лутината и јас си влепувам уште 2-3 колку да бидам сигурна дека следниот пат нема да ја повторам истата грешка.

Војната завршува, неговата душа е помала, мојата е загубена. Ниту тој успеа, ниту јас успеав. За мене подобро е сама да си ги излекувам раните, за него потребно е некој друг да ја чувствува неговата болка за тој да се засити и да сфати дека преболел, само, душичката му се смалила, не му е поголема од зрно ориз. Се обидов да впивам и да молчам, се обидов гласно да викам и да грмам, се обидов солзите да му ги покажам, соновите да му ги раскажам, желбите да му ги откријам, а тој со неговата малечка душа мислеше дека се излекувал, дека ми помага, не сфаќаше дека ме изгуби. 

Мојата душа е кревка, се крие од светлината, се крие во темнината. Се учи како да се лекува. Кутрата сеуште се надева, но јас научив да не и верувам за нејзино добро. 

Кога ќе се најдат две изгубени души, стануваат една или не останува ниедна?

Сепак, кога ќе се најдат две изгубени души и кога ќе се судрат две болки, најдобро е да замижат и да се разминат додека не се распарчиле, додека не се смалиле, додека не исчезнале па можеби кога ќе се ослободат, кога ќе зацелат ќе се пронајдат. Ако им е така пишано, ќе успеат. 


Comments

Leave a Reply

Додај коментар





Запамти ме