Сето тоа е само живот што се случува

Published on 11/12,2017

Се ослободив од едни ланци, од едни окови, едвај, со душичката се протнав низ клучалката. Ете толку ослабев, ме собра. Се ослободив од 4 годишно изгладнување и на излезот се фатив во стапица. Ме пречека насмевка и ширум раце за преграта, ме пречека храна и вода, ме пречека едно „те сакам“ и се излажав. Никогаш не требаше да ја прифатам таа твоја подадена рака оти секоја претходна в оган ме фрлала, исто како сега твојава.

Се понадевав за момент иако надежта за поинаква, помалку болна љубов ја закопав. Посакав да се издигнам над тоа што бев, подолу и онака не можев. Меѓутоа ти со таа твоја насмевка дел по дел ме освои, сега мислиш дека ме поседуваш, но се оттуѓувам. Свесна дека тоа не сум јас, јас сум многу повеќе од празни разговори, љубезни насмевки и климање со главата. Јас сум многу повеќе од просечни желби и успеси, јас сум многу повеќе од празен ум и проста маса, јас не сум за тебе.

Поентата ми е што овој пат не знам на што да се надевам. Во минатото се надевав на одреден крај за кој бев сигурна дека ќе дојде, а сега не знам каде стојам и накаде треба да тргнам.

Најмногу ме плаши тоа што ти не си виновен, ти веројатно не ни насетуваш, ти само сакаш. А јас сакам слобода! Јас сакам да војувам против светот и да го освојам, јас сакам да војувам за љубов и ноќта да и легнам во прегратка, јас сакам да можам да си дозволам да купам малку среќа, јас сакам мир после целата бучава и сакам после сето тоа едно парче рај за мене и за ангелчето што ќе го родам и тогаш можеби би можела да се смешкам љубезно додека климам со главата, тогаш можеби би била тоа што сега очекуваш да бидам.

Како да ти кажам дека не сум спремна да се смирам? Ќе можеш ли да ме сакаш таква луда, незапирлива, ненаситна? Ќе го разгориш ли жарчето за да стане пламен? Ќе можеш ли тогаш да бидеш во чекор со мене или се плашиш од по некоја изгореница? Те молам, ако не си спремен за предизвикот, отвори ми го патот и заборави ме. Ти не си виновен, ниту сум пак јас, сето тоа е само живот што се случува.

Биди ми предизвик, биди ми партнер, биди ми сопатник и понекогаш земи ме в прегратка да се одморам, но не ме запирај оти не можеш. Залудно е да се обидуваш да ме скротиш, никогаш нема да успееш, никогаш нема да ти простам.

Се бунтувам и борам додека не се изморам нема да застанам. Всушност не сум ни сигурна колку твоето присуство ми е навистина важно. 


Comments

Leave a Reply

Додај коментар





Запамти ме