Ќе ме сакаш ли вечно?

Published on 03/01,2017

Ќе ми ѕирнеш во душата ако случајно ѕирнеш низ прозор додека занесено играм и пеам и се смеам сама во соба, или додека се гледам во огледало со пламен во очите, или додека се борам со болката плачејќи и врескајќи, ќе се заљубиш можеби во начинот на кој се бодрам сама себе и си држам говор или можеби во оној мој сонлив изглед наутро во твоја маица. Велам ќе се заљубиш, мислам повторно кога ќе ја видиш онаа моја поинаква страна во моите 4 ѕида.

Можеби ќе гледаш во мене додека јас го гледам моето голо тело пред огледало, немо и со восхит. Можеби ќе сфатиш колкава љубов имам за тебе кога случајно ќе ме фатиш како гледам наши слики и со стрелката ти го галам лицето. Можеби ќе те насмевнат моите будалаштини и фактот што сеуште знам да се расплачам кога умира Муфаса, можеби ќе те натажат моите тажни погледи, насолзени очи и искривената фацка од болка понекогаш.

Можеби ќе ме видиш во мојот свет онаков каков што сум си го замислила и ќе влезеш во него приквечерта кога ќе се изморам од емоциите и ќе ме прегрнеш, ќе ми читаш поезија, ќе ме држиш за рака и ќе ме бакнеш во чело, ќе ти заспијам на гради. Пред зори ќе заминеш, но ќе можеш ли да одолееш да не го видиш моето утринско протегнување во кревет и насмевката кога ќе прочитам "добро утро, те сакам"?

Ќе можеш ли да одолееш да не ти се муртам секое утро кога ќе треба да станам рано или да не ти се смешкам кога ти ќе треба да станеш рано?

Ќе можеш ли, ќе можеш ли сепак да ме сакаш вечно? Да ми ги бришеш солзите поради глупост, да пееш со мене, да играш со мене, да глумиш филмски сцени со мене, ќе можеш ли да готвиш со мене, ќе можеш ли да ми донесеш шоља топло млеко кога после цел ден лежење пак ќе ме мрзи да се мрднам или да ме однесеш да мочкам? Ќе можеш ли да ме слушаш кога нема да ми се живее или да ме гушнеш цврсто кога ќе сакам да заминам? Ќе можеш ли да се справиш со сите тие спротивности? Ќе ме гушнеш ли на крајот од денот да ти заспијам в прегратки како дете?

Ќе ме сакаш ли вечно?


Comments

Leave a Reply

Додај коментар





Запамти ме