За мене и мојата сенка

Published on 02/21,2017

Оние мисли кои ти го пијат мирот, оние нејасни стравови кои ти го цицаат сонот, она „не можам, готово е“ кое мозокот ти го впива како сув сунгер, срцебиењето, вртоглавиците, треперењето, потењето, задушувањето, паниката, солзите, криењето, желбата за смрт, напнатост, немоќ сето тоа мил мој е она темпо по кое живеам со години. Парализирана од сиот тој хаос гледам како пред мене се руши се што сум градела, гледам како пред себе се рушам јас. 

Те гледам тебе и си велам „Боже, па колкава среќничка сум јас“ и момент подоцна преплашена од сета убавина и мирот кој го чувствувам ме пресекува мисла „не ни помислувај на тоа, ова, ова е привремено, ова е уште една маска на уште едно лице на кое му направи место во твојот живот, а тој откако претставата ќе заврши, ќе замине, ќе остави дупка со безброј спомени и едно парталче за солзите“. И тогаш ти кажуваш глупост за да извлечеш насмевка и тогаш секоја твоја постапка ја поврзувам со разделба и додека те гледам со празен поглед се збогувам со тебе и со твојата љубов. Ме преплавуваат прашања: Зошто кога ме немаше ми ветуваше, ја искористи мојата слабост за да го добие моето присуство, ме залажа со еден чин од цела претстава, воведот ми го украде вниманието и сега кога тоа заврши тој се враќа на тоа што всушност отсекогаш бил. Зошто не може да го остави алкохолот и не ли помислува на тоа што ќе се случи откако ќе го почувствувам преку бакнежот и преку она неговото „те сакам, ми недостигаш“? Зошто кога ја знае секоја рана и секој страв ми отвара нови, со негов потпис на нив? Зошто ми ветуваше мирен живот, а сега трча за пари? Зошто претходно немав слушнато „не може, не можам“, а сега наоѓа причина и оправдување за секоја постапка и одлука? Зошто го повишува тонот и кажува работи кои човек кој моли за шанса за да ја докаже својата љубов не би ги помислил, а не да ги изговори?  Зошто сето негово внимание полека се претвара во невнимание? 

Јас не барав знаеш, не барав ништо од тоа, не барав да бидеш со мене, барав секој ден по некоја лага во која ќе верував додека не се опоравев, барав по некоја прегратка и некој да ме држи за рака, барав по некоја насмевка и разговор и по некој случаен, украден бакнеж. Јас не барав да ми дадеш се што носиш во себе, јас не ти ги барав солзите, јас не ти ги барав грижите, јас не барав од тебе да се откажеш од се. Барав да ми бидеш пријател и подршка. Јас не сакав да те повредам зошто знаев колку можам. Јас не можев да ти дадам се оти мене ме јаде тоа однатре. Ама се прелажав, реков можам, реков ќе успеам, реков тој нема да се откаже, секогаш ќе биде вака, ќе ми ги лечи раните, ќе ми биде засолниште, нема да слушнам неубав збор, нема да почувствувам непочитување, ова ќе биде бајка. Ама се прелажав.. Јас не можам да прогледам низ прсти, јас не можам да верувам кога ќе се откажеш, јас не можам да барам од тебе ништо, само не барај од мене да сум среќна со дел од нешто големо. 


Comments

Leave a Reply

Додај коментар





Запамти ме