За оној кој повремено ми се лизгаше меѓу редови, а јас не го гледав.

Published on 10/02,2016

Мислев дека сакам, дека тоа што го чувствувам е она вистинското и дека онаа болка се вика љубов и згрешив... многу лесно му свртев грб на стариот живот, но останав гледајќи се очи во очи со старата јас. Онаа која трепетот ја издава оти се плаши, онаа која бега за да не боли, онаа која неуморно се бори со емоциите, со себе. Старата Јас налета на новиот Тој. Налетав на љубов која кога сакав да ја одминам ме зграпчи за половина и заигравме танго. Мислев песна е, повеќе од три минути не ќе да трае, а таа еве ја полн месец како ечи. Ме допира онаму каде што боли, остава траги онаму каде никој не бил, влегува онаму каде не сакам да влезе, се протнува низ клучалката и полека отвара однатре.

Неговите раце лизгаат по моето тело, неговите усни завршуваат на мојот врат, неговата машкост се бунтува да го раздразни моето меѓуножје и за цело тоа време тој ми ја љуби душата. Се сакаме, среќни сме!

Почнувам да слушам крцкање и потпукнување, тешка врата во мене се подотвара, толку многу ме збунува што срцето почнува да чука како лудо, напливот на крв со трескот ја затвара вратата. Си велам „ова овде ќе остане така, затворено, како до сега така отсега“. Исчезнува сета магија, Пепелашка легнува покрај каминот и заспива сама, се сеќава „Како до сега, така отсега“.

Тој останува да ме гледа збунето  и сфаќа дека не сум го разбрала текстот од онаа нашата и почнува да ми пее. Го гледам со презир, мразам кога ми се повторуваат истите работи по сто пати, пробувам да се изборам со нежноста која избива од мене, со срцето кое ми го дроби градниот кош и сака да излезе, да му слета на гради. И кожата ме издава, ги разбудила сите пори, не може да се засити та се поткрева. Толку силно го посакувам што со очи го пијам. 

Ми зборува за неговите соништа, ми зборува за неговата тага, ми зборува за нашата љубов и се напрегам да слушам оти се губам. Одеднаш сфаќам, не можам да го следам. Кукавички се измолкнувам од неговата прегратка, сосем „случајно“ ми се излизгува дланката од неговата и го оставам сам да го освојува целиот свет. Додека лакомо граба од животот ми доаѓа мисла „лага е“. Застанувам и тргнувам назад оти тоа не е мој свет, тоа небо над нашите глави не е мое небо, тоа што него му чука во гради не е за мене. Не припаѓам тука. 

Првите неколку чекори се лесни, сеуште го фаќам со поглед и одеднаш сфаќа дека ме нема, тргнува назад, се враќа. Се враќа да ме однесе онаму каде што сме тргнале, ме води со растреперена дланка додека не го почувствува мојот стисок кој вели „спремна сум“ за потоа повторно да се разнишам. 

Погледнувам навнатре, гледам носам жиг, носам белег кој вреска „Не заборавај!“. Набрзина влегувам онаму каде еднаш висеа катанци и гледам дека се раскомотил. Ме ужаснува помислата дека таму се е прљаво, ме ужаснува помислата на што налетал кога влегол. Заборавам на тоа дека не сум го почувствувала кога влегол.  Како крадец ми ги украде мислите и несоницата, љубовта и немирот, минатото и иднината и ме остави да постојам само во моментот со него. Но јас не можам да го следам, не можам да го подржам, не можам за него да се радувам, не можам се да оставам оти е лага, оти влегол, а не прашал. Заминувам.. заминувам..


Comments

  1. 10/28,2021 | 15:45

Leave a Reply

Додај коментар





Запамти ме