Пцости

Потонав во темнина повторно, ја опипав и ја гушнав толку силно како драга пријателка која со години не сум ја видела и и дозволив да ме одвлече онаму каде веќе сум била. Онаму каде добро знам што и каде стои, каде останало се таму каде што сум оставила. Се обидов да ја заборавам и да ја избришам од мојот живот, се обидов да ја убијам ама ми досудија доживотен затвор во таа ќелија. Низ решетките проѕира сончев зрак, ме милува и нежно ме буди, ме теши како никој друг до сега. Ми дава се во момент кога немам ништо повеќе. "Лудача! Пичка ти мајчина!" - Ми згрмува неговиот глас та се сецнувам. Ме лазат морници... "Човечки е да се прости, ајде разбери!" - Омраза ми будиш еј! Те мразам! Та сега згрмив јас и повторно тие досадни мравки низ телото до мозокот. Пулсот го чувствувам во слепоочниците, тие тиркиз боја рожници ми темнеат, усните ми модреат, ликот ми се замрачува. Едно жарче и се вивна оган до небесни височини и над. Којзнае каде животот ќе ме одведе, којзнае утре дали ќе се разбудам во пепел и дим, којзнае како чија ќе завршам..


Јас низ неа

Кога животот ќе ти даде една единствена шанса да ги видиш твоите солзи во туѓи очи, да го видиш своето страдање како извира од туѓа душа, да ги видиш твоите неостварени желби како чукаат во туѓо срце, сета болка, сите делчиња од мозаикот, сета проклета надеж веќе знаеш дел од туѓа судбина. Додека ја гледав како го распостелува своето каење пред неговите нозе додека тој ја турка од себе посакав еднаш животот да биде фер и барем едната од нашите испишани судбини да ја промени. Додека го гледав тоа себепонижување посакав барем таа да не простува. Додека гледав како таа младост се претвара во бура посакав барем таа да замине. Не можев да и помогнам, не можам ни самата себе да си помогнам и додека таа јачеше на глас, јас крварев однатре и тоа беше една наша мала тајна. Тајна на странци која таа никогаш нема да ја дознае. Војуваш сам, таков човек човек како мене војува сам. Војува со сите, војува со себе, војува со воздухот што го дише и секогаш носи тешка медаља на губитник иако секој ден успева да преживее. Чувствуваш премногу и пресилно. Пребрзо ти чука срцето чиниш тапани удираат во гради, сите извици на цело племе ти се насобираат во гркланот и конечно солзи се разлеваат. Ти се раскинува душичката, ти се цепи та полека зацелува и не ти е јасно зошто и не сфаќаш до кога и ... тишина. Поминува ден за ден, сеуште лутам низ времето, се обидувам да научам, но никако да запаметам. Сега барем знам не сум сама, за жал. Живот полн искушенија доживуваш и нема граница, нема одмор, нема.. само диши. Еј животе, еј ...


И ако е се во мојата глава

Можеби се е во мојата глава, можеби замислувам, можеби измислувам, но јас и ти бевме нешто друго. Јас и ти се поврзавме на некој друг начин, на некоја друга планета додека стоевме цврсто на Земјата. Јас и ти разговаравме, се држевме за рака, гледавме зајдисонца, дочекувавме изгрејсонца, водевме љубов и се чувавме на некој друг свет кој е само наш. Можеби го посакувам тоа толку силно што се чини вистина, се надевам вистина е. Самото наше присуство во иста просторија го правеше воздухот густ и леплив што дури човек ќе се замори дишејќи. Нашите души страсно се љубеа многу пати додека гледавме на различни страни и додека зборувавме за други луѓе, некои наши минати љубови и болки, а никогаш збор не изустивме за она нашето. Ниту кога ме бакна цврсто држејќи ме во прегратка и кога ја стиша сета бука, ниту кога те држев под рака како отсекогаш да си бил и ќе бидеш само мој, ниту кога те болеше мојата тага, ниту кога се преправав дека спијам кај тебе на рамо пијана само да го чувствувам мирисот на твојата испотена кожа со изветреан парфем и ти знаеше дека будна сонувам и едвај градите ти се подигаа, ниту кога се збогувавме таа утрина ама не засекогаш, само додека не дојде нашето време. Чудно ли е кажи ми оти те разбирам и без зборови, да го чувствувам ова? Ти бев ли јас тебе нешто во некој друг свет во некое друго време? Чудно ли е што си ми сеуште прибежиште и причина за насмевка иако не сум те видела? Знаеш ли каква топлина чувствувам при секоја помисла на сето наше минато и каква надеж гаам за некоја наша иднина? Кажи ми да не те чекам таму каде нема да дојдеш, да не те барам таму каде ќе те нема ако за тебе не постоеше ништо само немој да оставиш рушевини од моите соништа. Остави тие никого не болат, ќе ги чувам и ќе им се враќам секој пат кога волјата да го почнам денот ќе ми исчезне или кога ќе останам цел ден во кревет за да се сеќавам или кога ќе ме боли душата до распарчување. Остави да развлечам насмевка понекогаш додека ме галат туѓи раце, да се насмевнам барем да не умирам иако твојот лик ми е во умот, а некој туѓ пред очи. И да е се во мојата глава, јас никогаш нема да го дадам оној наш свет, а тебе ќе морам.