И ако е се во мојата глава

Published on 08/05,2018

Можеби се е во мојата глава, можеби замислувам, можеби измислувам, но јас и ти бевме нешто друго. Јас и ти се поврзавме на некој друг начин, на некоја друга планета додека стоевме цврсто на Земјата. Јас и ти разговаравме, се држевме за рака, гледавме зајдисонца, дочекувавме изгрејсонца, водевме љубов и се чувавме на некој друг свет кој е само наш. Можеби го посакувам тоа толку силно што се чини вистина, се надевам вистина е. Самото наше присуство во иста просторија го правеше воздухот густ и леплив што дури човек ќе се замори дишејќи. Нашите души страсно се љубеа многу пати додека гледавме на различни страни и додека зборувавме за други луѓе, некои наши минати љубови и болки, а никогаш збор не изустивме за она нашето. Ниту кога ме бакна цврсто држејќи ме во прегратка и кога ја стиша сета бука, ниту кога те држев под рака како отсекогаш да си бил и ќе бидеш само мој, ниту кога те болеше мојата тага, ниту кога се преправав дека спијам кај тебе на рамо пијана само да го чувствувам мирисот на твојата испотена кожа со изветреан парфем и ти знаеше дека будна сонувам и едвај градите ти се подигаа, ниту кога се збогувавме таа утрина ама не засекогаш, само додека не дојде нашето време. Чудно ли е кажи ми оти те разбирам и без зборови, да го чувствувам ова? Ти бев ли јас тебе нешто во некој друг свет во некое друго време? Чудно ли е што си ми сеуште прибежиште и причина за насмевка иако не сум те видела? Знаеш ли каква топлина чувствувам при секоја помисла на сето наше минато и каква надеж гаам за некоја наша иднина? Кажи ми да не те чекам таму каде нема да дојдеш, да не те барам таму каде ќе те нема ако за тебе не постоеше ништо само немој да оставиш рушевини од моите соништа. Остави тие никого не болат, ќе ги чувам и ќе им се враќам секој пат кога волјата да го почнам денот ќе ми исчезне или кога ќе останам цел ден во кревет за да се сеќавам или кога ќе ме боли душата до распарчување. Остави да развлечам насмевка понекогаш додека ме галат туѓи раце, да се насмевнам барем да не умирам иако твојот лик ми е во умот, а некој туѓ пред очи. И да е се во мојата глава, јас никогаш нема да го дадам оној наш свет, а тебе ќе морам.


Comments

Leave a Reply

Додај коментар





Запамти ме