По цена на среќата!

Денес некој ми рече: Како си? После нашиот последен разговор од кој останав запрепастен ми остана во мислите. Знаеш, ретко кој ја има таа привилегија да знае што има и што еден ден ќе изгуби, но проблемот е што свесните луѓе се лишени од среќа!


Од инает

И конечно сфати, толку беше... телото, душата, разумот се предаваа. Од неа остануваше само бледа сенка на некогашниот одблесок. И кога веќе часовникот почна да ги одбројува часовите, минутите, секундите таа почна да потклекнува.

Сега тешкиот чекор ја рефлектираше болката, изгубеноста и тагата. Очите, тежнееа да го исплачат сиот умор и пропадната надеж, а срцето.. тоа крвареше, крвареше оддамна. Рацете не и беа веќе подадени за да ги стегне некој и да ја подигне, решително ги држеше длабоко во џебовите стиснати затоа што знаеше, сега мора сама да си помогне, да се исправи и да продолжи да чекори па дури и онака тврдоглаво како некогаш, од инает. 


Силуета на празната душа

Цигара за цигара, болката во градите сеуште присутна, никако да излезе заедно со димот.

Срцебиење.. 

Вино.. црвено вино слатко како мед со некоја кисела жичка која ја разбива монотонијата гребејќи го грлото. 

Lana Del Rey во позадина и конечно малку мир. 

Погледот заталкува некаде далеку, а сепак досега до ќошето кај вратата.

Реков не пушам веќе, ама како да не си ја трујам душата кога и крвта која срцево ја испумпува е црна, црна како ноќта, црна како твојте очи. И веќе не можам да ја поднесам несреденоста во умов или гужвите во совеста, бидејќи срцето празно не може да биде повредено.

И ѓаволот сега би се плашел од студот во моите очи и пеколот во моето битие!


На здравје

  И ете останав без зборови.. пресушија мислите, пресушија чувствата, клокотот од изворот на среќата и болката замре. Само отчукувањето на твоето срце како мелодија го исполнува просторот. Борејќи се со ѕидот граден за да не бидам повредена, тоа очајно чука на портите разоружано и рането, желно за малку љубов и внимание.

Гледајќи од високите ѕидини наздравувам со осаменоста и празнотијата во душава со црвено вино точено дирекно од вените на моите раце. И не се грижам повеќе дали те боли или не, бидејќи кога јас молев за помош ти крвнички удираше уште еднаш и уште еднаш и уште еднаш.

Нема да ти ја возвраќам болката на таков начин, туку ќе те оставам да се измачуваш себеси миејќи ја мојата крв од твоите раце со солзите на твојата совест. Па кога изнемоштен и покрај сиот напор нема да ја смириш душата која те пече жигосана и кога конечно ќе ја предадеш битката, ќе ти се приближам со чаша полна твоја крв за да си ја изгаснеш жедта и ќе ти речам: -На здравје! И ќе те одминам, ќе заборавам дека си постоел, дека си ме обележал.

Ќе ја заборавам сета тага на север со тебе, заменувајќи ја со љубовта некаде на југот!


После сонот

Понекогаш размислувам токму за тоа... за смртта. Бездна која одзема тела, души, цели животни приказни оставајќи го мирисот на споменот да не грее кога веќе прегратката не може. И токму тогаш сакам да ја истурам сета моја љубов, за „утре“ да не ми тежи на душата кога ќе ги нема.

Гласот од дневната на истоштената жена која со сите сили се бори против неуредноста. Топлиот поглед и единствената љубов на човекот кој сега ја крие младоста на својата душа со брчките на својата кожа. Грижата која куќата ја прави ДОМ, се еден ден ќе замине со нив. Ќе се отвори дупка, ќе има празнина, ќе има бездна иста како онаа која ќе ги однесе. Небото, сина надеж за подобра егзистенција после смрта,а сепак лага.

Споменот е тука, но човекот ќе го нема. Некогашната реалност ќе престојува тука некаде, во воздухот, во тукушто измиените чинии, во мирисот на цвежото цвеќе кое го сака баба, во празното место на каучот, во празните столици на трпезата, во топлото кафе со млеко.

Некогашната реалност ќе тлее и ќе бледнее оставајќи место за нова радост бидејќи тие така сакаат, но нивната љубов не се заменува, нивното место во срцево не се пополнува, нивната добрина не се заборава, а болката за нив не згаснува.

Простете ми за откинатото парче душа и мир и не заминувајте без поздрав, бидејќи заминувањето е сепак избор. На крај ќе ве најдам како што ве најдов тука и можеби повторно ќе ме држите во раце близу градите пеејќи нешто добро познато и нишкајќи, запознавајќи ме со љубовта која можат да ја пружат само баба и дедо.

До следното видување, ве сакам.