На збор нема да ти верувам

Published on 06/18,2017

Не вели "верувај ми" - немам зошто.
Немам ниту желба, немам ниту место за уште една рана. 
Ќе одиме заедно низ животот и ќе видам, ќе знам дали треба да ти верувам. Ќе решам дали да те фатам за рака или да го кренам штитот, само не вели "верувај ми" оти нема, нема да ти поверувам никогаш ниту на лагата ниту на вистината. 
Доколку чекориш со мене по мојата стаза и со едната рака ја држиш мојата, а од другата страна сончеви зраци галат сечило не барај да ти верувам оти ти сам на себе не си веруваш та острицата ќе ти ја отсече раката со која ме држиш или пак ќе ми се смести во плешката, можеби ќе допре до срцето. 
Толку ли е тешко зборот да биде вистина, да не се колебам, да не мерам на терезија. Кажи ја вистината барем нема да се раниме, нема на душа да си тежиме. 
Зошто искривени зборови излегуваат низ тие бели, прави заби? Зошто усните ти обликуваат лаги? Зошто очите ти се немирни? Погледни ме, ја заслужив сета реалност. 
Не ги сакам соништата, не ги сакам фантазиите. Сакам да верувам дека љубов постои, дека ќе се склопчам во нечија прегратка и мирисот на дом ќе ме обземе. Сакам да верувам дека нечии очи ќе зрачат среќа и ќе ме галат со поглед секогаш кога ќе ги почастам со моето присуство. Сакам да верувам дека во светов постои еден за секој еден дека постои некој мој кој ќе ме гали додека спијам, ќе ме бара со дланките кога ќе заспие, ќе ме држи цврсто во прегратка, а сепак нежно. Сакам да верувам дека солзи радосници ќе се слејат кога ќе ме види во бело и дека нашето "засекогаш" ќе започнува секој ден и ќе трае вечно. Нов почеток - вечно. 
Верувам во љубов и таа нема да ме разочара. Ќе дојде таква каква што сум ја замислила, вистинска. 
Одлучивме да веруваме во клиширани фрази, емоциите ги направивме чиниш на продажба се. Зошто ја уништивме сета убавина? 
Немој не ми вели "верувај ми" и тоа е лага. Речи "држи ме за рака, ќе ти покажам" и ќе појдам по тебе. Ќе ти дадам шанса да ми ја раскажеш твојата приказна и можеби да ја зачнеш нашата.
Верувај ми, на збор нема да ти верувам.


Comments

Leave a Reply

Додај коментар





Запамти ме