Иста битка, ист губитник
Понекогаш колку и да сакаш да гледаш напред, погледот упорно брза назад кај онаа стара љубов. Тогаш срцето подрипнува и солзи надоаѓаат затоа што еднаш било, веќе не е. Трчајќи кон спомените се потсопнувам на истите грешки, на истите парченца сронета душа и како паѓам ми се разрануваат дланките и колената, повторно крварам. Последен пат, си велам, само уште овој последен пат ќе се стркалам за да ѕирнам и потоа ќе заборавам ама ништо не се случува. Светот во мене застанува додека оној однадвор урла, вришти, се тресе, грми! Силна емоција ми ги расекува градите и плач и болка бликнуваат, како Вруток ми жуборат. Се фаќам самата себе собирајќи се и носејќи се на грб по стрмната планина низ густата магла. Не гледам, не слушам, не чувствувам, умирам. Водам иста битка по стоти пат, по стоти пат ќе ја изгубам оти сум таква, оти сум тоа, губитник со глава наведната, ете затоа. Затоа што се борам додека не ми го стават ножот под брадата и не ми речат „Молчи!“ и тогаш молчам. А треба само да ја поминам линијата, да умрам за повторно да живеам, да живеам!