Љубов или болест
Помеѓу „љубов“ и „болест“ има огромна разлика, а и двете не убиваат.
Ова мора да е крај. Читам испишани букви, но размачкани со крвави солзи и да, мора да пишува „КРАЈ“ или „ПЕКОЛ“ како во онаа детска игра. Јас и ти бевме детска игра со правила, со грешки, со солзи и еве сега завршуваме.
Како болест една по една клетка ги уништив сите, ги распарчив, а потоа ги молев да се спојат и да простат, та нели е љубов? Ама не, не било љубов никогаш, ниту само еднаш! Сега немам повеќе што да жртвувам и да ти дадам, сега морам да те напуштам.
И во мене и во тебе има живот, но во нас двајцата не.
Толку се самосожалувам што мислам дека не сум достојна ни за насмевка.
Го убив детето во себе обидувајќи се да го спасам тоа во тебе. Ми ја уби љубовта кон тебе обидувајќи се да ја задржиш таа за себе и сега е крај.
Посакав да умрам оти со болка не можам да се борам, не сакам да се борам затоа што болката не можеш да ја победиш, можеш само да и направиш место за удобно да се смести и да чекаш да и досади, но не и здосадува, не и се оди. Те прати како сопствената сенка и ти се потсмева.
Некогаш во моите очи гледав младешка жар, љубов, желби и сништа, утрово гледам сјај од преплаканите солзи и подувани модри подочници кои вриштат умор. Усната свиена надолу, телото згрбавено и затскриено. Чекам да исчезнам, да испарам, да се сронам, да ме снема. И не беше тој, бев јас. Јас се убив веројатно од досада.
Жал ми е, жал ми е за она што станав, за летот кој го пропуштив, за крилјата кои ги исеков и ги фрлив.
И ќе речат „љубов е“. Не, поарно речете „болест е“ барем да знае младинава да не умре како мене, барем да знае.