Ти зборувај
Ќе отидам некаде додека седам до тебе
Ќе искачам планини
Ќе препливам мориња
Ќе надлетам птици чудесници
Ќе најдам среќа едноставна
Таму каде што ја нема
Се додека ти зборуваш
И ќе ме фати студ
И ќе ме фати темнина
И ќе ме фати глад
И ќе почне страв
Да тупоти како коњаница
И ќе се вратам назад
Не сакам да знам
„Проклет да бидам“
Те дави емоција како ортома затегната околу врат во моментот кога ја подбутнуваш гајбата на која се потпираше на прсти долго време дури и со отрпнати стапала. На почеток преташ, се бориш за воздух, а таа се повеќе стега. Ја фаќаш со дланките да ја отргнеш, таа безмилосно стега. Очите ти се полни солзи додека капилари од напрегање пукаат, оние црвени тенки конци ги шараат белките, зениците се шират како филџани за кафе. Таа нивна црнина ја впива сета светлина за последен пат.
Полека се опушташ, сфаќаш дека борбата ја загуби оној момент кога го протна вратчето низ јамката, не со сила туку со добра намера. Телото се ниша безпомошно, гравитацијата сепак си го прави своето, а ти во последните мигови живот за што жалиш и на што се надеваш?
Цели животи преплакав, 9 животи загубив, толку врисоци а само еден глас, мојот. Никогаш не се надевав на подобро утре, барем не вистински. Луѓето правеа погрешни избори, носеа погрешни одлуки, сиот мој живот е испишан со туѓи грешки, а мој плач.
Не им простив никогаш ниту на моите родители, ниту на мојата родена сестра што ја баравме по црни темнини додека таа спиеше мирно покрај него, што тие ја направија инвалид задоен со мајчино млеко полно исти навики и себичност, што нејзините падови беа сечии, а моите само мои.
И ете ги сега се вселија во мојот дом избркани од својот. Како сите едвај да чекаа да се случи, да се врати првородената на мајка, лика и прилика нејзина оти и таа така се омажи за да дојде кај мама. И немаат скршен денар, немаат ниту срам, немаат ниту мозок.
И мојот живот почнува да тоне во сета таа галама, во сите обиди за згрижување на едно четиричлено семејство затоа што на родителите сеуште им требаат родителите и кругот не престанува да се врти.
Проклета да бидам ако мојата младост остане во нивна сенка, проклета ако моите години згаснат под нивната смеа, проклета ако не се изборам за мојот живот онака како што млада жена се бори за своето младо. Проклета ако и овој пат ми одземат се!