Сечија, само не негова.

Ме чуваше како да сум негова, а не бев. Бев сечија само не негова. Ме држеше за рака и го слушав како се смее додека танцувавме. Му се топев во прегратки, му се лизгав низ прстите и сонував кај него на рамо. Нешто ме влечеше на кај него, јас го влечев на кај мене и бевме таму заедно сами, а со цел свет. Бегавме еден од друг како нашата близина да беше смртоносна, како да ќе не повредеше, а толку очајно се баравме. И тогаш бев сечија, секој ме држеше во прегратка, секој ми ја милуваше косата, на секого му подарував насмевка, освен нему. Бев сечија, никогаш негова. 

Таа ноќ ме чуваше како да сум негова, а не бев. По стоти пат бев сечија.  


Да здивнам на момент? Не а?

Ми треба момент, ладна глава и ладно пиво. За момент да ја пронајдам сета тишина на овој свет и да ја распарам со мојот крик, да здивнам. Градите ми се преполни со тага, нервоза, неверување и страв. Мислите ми струјат како електрошокови низ целиот крвоток, за да не заборавам на она што ме мачи. Ми треба момент да не мислам ништо и момент да размислам за се. Како модринка која не знаете од каде сте ја добиле, а ве боли до срж, ете таква ми е секоја секунда. Порано се случуваше поретко животот да ме повлече, сега поради отпорот не се ни откажува. Ми треба момент на бесчувствителност, да не чувствувам, да не боли, да немам солзи. Ми треба момент да здивнам. Ми треба вистина, да бидам сигурна дека треба да заминам, да бидам сигурна дека треба да се борам. 

Ми треба момент, да здивнам.