Цел еден свет!

Не ми ги број грешките, не ми ги отварај раните, слушаш ли?! Со тие грешки еднаш живеев, со тие грешки бев човек! Еднаш одамна бев цел еден свет, со мани, со грешки, со солзи и по малку среќа, сега сум лава која клокоти и која ако избие ќе ја изгори и стопи сета болка, но и сета љубов пред себе оти ме затворивте, оти ми го земавте небото! Љубев како што не би љубела никогаш ама стравот ми го диктираше покорното однесување, стравот мене ме собори! „Не си ти крив“ велам, јас сум крива за тоа што станав систем од коски и мускули, што станав растение плашејќи се да не те повредам, та да побегнеш. Оди! Трчај! Скриј се додека сеуште има љубов во мене, додека не избие она одмаздољубиво, грозоморно суштество и не ме преземе, она кое живее тука помеѓу зборовите, стуткано меѓуредовите, после ќе биде касно. Се надевам нема да ми биде жал кога ќе ти ја здробам душата како ти мојата! Кога ќе ти затрепери снагата како мене мојата! Кога ќе ми ги броиш чекорите на заминување како јас твоите! Оти ако се сожалам, јас ќе умрам, јас ќе згаснам, јас засекогаш ќе молкнам и никогаш нема да си простам. 


Мојот ТОЈ

Ме гледаше со поглед кој вели „мала си ти, чиста и невина и не знам како некој тебе би те повредил“ и потоа си замина ама замина за да не ме повреди. Така ми стои во сеќавање тој негов поглед и бакнеж и прегратка и насмевка и.. целиот тој. Не сакаше да замине знам јас, а јас сакав ли? Сакав да си оди, не сакав да го мразам поради тоа што ќе му дадам да ми погледне во душата и притоа ќе ми ја изгази. Сакав да си оди затоа што знаев дека ќе ме чува, а мене ми требаше лет. Сакав да си оди затоа што беше спремен да ме зграби и да води љубов со мене и да ме милува и да ме сака, а јас ќе му земев се и потоа ќе се повредевме. Многу сакам да го запознаам оној кој е роден за мене, знам дека има некој таков, има некој роден за секого. Или пак да го запознаам оној за кого сум родена, во чии раце ќе заспивам мирно, на чии гради ќе се будам наутро, чие срце ќе живее за мене и ќе струи крв во две тела. Си ја чувам љубовта себично оти таа не е за раздавање, таа е за посебна личност која сеуште можеби не сум ја запознала, таа е за мојот тој.


Животот е твој!

 Јас тебе одамна те преболев - морав
јас себе не се преболев
се држам за тебе оти мислам ќе потонам
те држев тебе оти мислев ќе пропаднеш,
но и јас и ти лебдиме меѓупросторот изгубени
двајцата никогаш ненајдени.
И ќе речат се е лесно кога си млад,
греота!
Младост не е живот, слобода, не е рај
младост ти се грижите под перницата,
болките во душата
оти никаде не припаѓаш
сам за себе постоиш
лебдиш и исчезнуваш
и кога ќе пораснеш, кога ќе созрееш
растат крилја на слободата
тогаш имај љубов!
Тогаш е повистински од секој пат
тогаш љубиш со душата и милуваш со телото
роб повеќе не си, на ниту едно човечко суштество
тогаш можеш да пливаш,
а во младоста ќе лебдиш,
но не очајувај!
Животот те чека, животот е твој!