Ајде од почеток
Не ќе остане ништо од твоето тело
Туку твоите чувства ќе живеат во нечие друго
кому твојте зборови ќе му бидат единствената утеха
Единствената фраза која ќе вели
Сакам да раскажам. Сакам да ви ги раскажам приказните, како мојата. Сакам оти не знаете колку сме слични. Колку мојата душа наликува на вашата, а вашата на нечија друга. Како прстени на синџир, исти сме исти. Ама јас сакам да ви покажам колку сме различни и колку сме луѓе. Сакав секогаш да ве потсетувам дека сите сме луѓе, но вие заборавате. Заборавате и со самододелената титула станувате предмет и повеќе не вредите. Ама сепак, слични сме. Та сите сме се крунисале некогаш сами, та сите носиме венци, круни и прстени кралски, та сите сме луѓе опредметени. Сакам да ви раскажувам за вас, за болката ваша, но сечија, за љубовта една, но повеќе-бројна, за среќата, за среќата. А како јас, чиј живот е типично пропаднато тинејџерство да ви зборувам за среќата? Па чија тага се опишува со среќата?
Заборави, заборави..
Ама сепак би ви ги раскажувала приказните, оти утеха ми се. Ете зошто ви ја раскажувам мојата, за утеха да ви биде. Зар туѓата тага не ви е утеха? Приказните ви се прекрасни. Прекрасно срцекршачки. Мислите не знам каде се вселува разочарувањето? Во срцето, знам, во очите. Та се тие не издаваат пред устата, а таа може и да молчи, ама очите, очите ве издаваат и кога не гледаат во мојте! Очите ве издаваат.
Приказните ви се тажни, како мојата. И болни, премногу болни та морав да повторам за да не заборават другите. Оти забораваат. Многу пати сакав и јас да ги заборавам ама многу добро ги паметам. Секоја приказна е вредна за раскажување. Јас знам кога тагувате. Јас знам кога ви плаче душата и кога креветот значи болка. Јас знам кога се кршите оти парчињата ме сечат. Јас знам кога немате зборови, па јас зборувам наместо вас, знам кога да зборувам. Јас знам кога сте среќни, но не ве наоѓам тогаш. Намерно оставам да ме заборавите во толпата. Сама.. јас сакам и кога сум сама, та својата приказна си ја раскажувам. Јас сакам да ви зборувам за тагата во приказните ваши, за болката кога сте осамени, повредени, кога сте живи! Јас сакав и за среќата да ви зборувам, но нема да се согласиме. Вие раскажете ја неа, тоа вие најдобро умеете. Раскажете ја среќата, а јас ќе ви ги раскажувам приказните.
А знаеш ли зошто не ме разбираш? Затоа што јас не сакам да разбереш. Јас сакам јас да разберам и никој друг. Што ме интересираш пак ти мене? Па не сакам да те разбирам! Ама те знам, оти се ти пишува на челото. Како молитвата, абе како омилената песна, секој ден истиот текст ти го читам од очите, а на образите ти е испишан рефренот, та ја знам и интонацијата оти забите кога ѕиркаат секогаш е повесело. Знам и кога ќе се испонашаш, та ми оди да те испоштипам по образите, да те плукнам оти си нечовек и да си одам. Ама ти не знаеш дека јас и кога не гледам те читам, па ти сам/а се рецитираш! Е ова не знам дали затоа што си глуп/а или ти паднал системот. Остави ме! Јас ќе си се разбирам, ти не ми требаш! Што ќе ми е штурецот кога имам толку мравки во мене!
Понекогаш ми недостига една личност која мислам ја познавав некогаш оддамна. Понекогаш ми недостига и една насмевка на која се сеќавам онака, како на сон да сум ја видела. А најмногу ми недостигаат оние заборавени делови. Понекогаш сакам. Како и да звучи, понекогаш ја сакам. Понекогаш се случува и гневно да пцујам и да викам по неа како да ќе ме чуе. А се почесто се обидувам да ја поправам, оти е скршена. Знам дека Вруток и жубореше во градите, та очите се претвараа во две притоки и кога ке се слееја, сета душа истекуваше во тие води. Но, јас ги познавам, многу добро ги познавам. Ги чувствувам понекогаш кога ми се вовлекуваат в постела навечер, или кога ми се измолкнуваат во утрата. Не остануваат тие долго оти се курви та со нив носат триста болести. Преку ден не работат, се плашат од луѓе па спијат скриени некаде во некоја бездна носејќи го сето невреме со нив. А таа, и таа се научи како нив. Кога сака доаѓа, кога сака си оди. Во главно на секое заминување чекам да се врати, но се враќа се поретко гледам. Затоа и ја заборавам. Вруток мене ми го остави, можеби го заборави, можеби веќе и го прерасна градниот кош, па не го собира, оти е малечка. Ама едно нешто паметам, ги паметам притоките, очите кои го опишуваа неверојатниот спој на Јонско и Егејско море, каде водата е тиркизна, а длабочината оди до бескрај, нешто налик на мојте.
Ама ме измачува вака аман!
Па оставиме на мира, ниту ми е до спомени, ниту пак до секс.