Херој

Продира другата страна како светлина низ излитена ткаенина. Како низ прозорец наѕира душата и се кикоти како мало дете. Понекогаш отворените дупки се шират, а понекогаш, многу ретко се зацелува по некоја на крајчињата, се протнува по некое конче од љубов и ја ткае младоста во очите. Го гушкам силно, го држам во прегратка, но не знам зошто од другата страна не го добивам истото. Се сеќавам дедо, многу добро паметам иако бев малечка, човече кое трчкаше секаде по тебе и секогаш гордо носеше по некое дрвце за да се згрееме. Па нели бев дрварче, нели бев најмало, најубаво, па нели ти беше најдобриот дедо на целиот свет, па нели дедо. А еве, јас пораснав, а ти ... ти полека заминуваш. Всушност сите полека заминуваме, од првиот момент, од првиот плач, сите одиме натака, натаму води патеката, натаму е судено. Но, ајде да се вратиме малце назад, само малце, само за да почувствувам уште еднаш, а и ти да се присетиш, да не забораваш исто како што јас никогаш не заборавив. Ќе те пронајдам таму, та и да си на другиот крај на небото, и ќе исправам многу грешки, и повторно ќе ми бидеш херој дедо, највисокиот, најсилниот и најхрабриот човек во светот! 


Смешни емоции

Тажна е тишината која струи низ воздухот и низ градиве. Сакам нешто да кажам, но не можам да го преведам, да го дешифрирам. Ми се мешаат чувства, мисли, сеќавања. Нешто недостига.. но, нешто секогаш недостига. Си велам по некогаш „што треба да биде, ќе биде“, но ништо не бидува. Секое утро исто, секој ден празен, секоја ноќ тажно збунета. А што всушност треба да биде? Што очекувам јас дека ќе биде? Па виновна сум! Танцувам на самиот раб на сигурноста, каде од другата страна не ме дочекува провалија, туку нешто многу познато, многу мое. Само чекам кога ќе биде она големо БУМ кога се ќе се промени. Сега, не, не дека го очекувам тој пресврт, го сакам, туку ми се ежи снагата кога ќе помислам дека еден ден ќе се разбудам во сосема нов свет, и тој може да биде многу подобар, но мирисот на споменот демне, и старото место каде раснела една љубов секогаш ќе ги буди старите чувства. А сакам така, кога некои места, парфеми, песни евоцираат емоции, стари добро познати емоции, па симатична отсутна насмевка го обележува лицето. Ехх.. ноќва мириса на нешто многу дообро познато, на многу затајани чувства, на многу заборавени луѓе, на многу драги места, и се смеам, а очите се полнат со солзи, ама јас се смеам! Убаво ми е на душичката што чувствувам толку многу, толку искрено, толку смешно што тера на плачење. Се прашувам понекогаш, каде ли ќе завршам, со кого, ќе ми навираат ли емоции како сега, ќе го сакам ли животот волку многу та да го анализирам од секое ќоше или ќе замре чувството дека всушност никогаш не треба да се заборавиме себе како секоја возрасна личност. Дека не треба да умреме пред време затоа што сме дале живот, дека соништата се наши соништа кои имаме можност да ги оствариме и многу години подоцна затоа што не умираме, туку се раѓаме во еден нов почеток каде сеќавањето од претходниот живот се заминати возови кои не се враќаат, но пругата трепери од нивната тежина и брзина. Па добро, се надевам ќе имам за што да пишувам, ќе имам чувства и мисли за бркање и доловување како сега, а до тогаш, па има време. Туку, се потрошија, се потрошија зборовите за вечерва, сега е тишина, умот не се бунтува туку си прилегнува, ќе спие, а од утре се од почеток. :)))


Сенки


Посакувам да не сум јас,
посакувам многу често
да сум едноставно ти.
Да заборавам на сите 
болни, 
тешки спомени
да навлезам во твојот ум,
и понекогаш во туѓо тело да сум.
Да почувствувам туѓа болка, 
утеха лажна за миг, 
да насмевнам туѓи усни, 
по долгиот скриен крик, 
да заспијам со друга мисла, 
туѓа совест да ме каса, 
карма туѓа да ме втаса.
 
Кога едноставно би била ти 
би се потсетила колку вредам,
би си кажала по некој утешен збор,
би си подарила прегратка силна, 
и охрабрувачки поглед 
од туѓи очи би си пратила јас,
и всушност не знам во кое тело би живеела
ниту под чије име би умрела,
но, чекај!
 
Сенките се мртви од раѓање нивно,
а премногу живи под закрила туѓа,
грда судбина или избор тежок,
ги држат врзани за асфалтот жежок, 
и немаат тие каде да одат,
само се вкрстуваат по долгиот пат, 
и чезнеат по слобода своја, 
а окови сами си ставаат пак.