Само за неа
Кога ќе отидев ќе излезеше, ќе ме пречекаше, ќе се насмевнеше, ќе ме нагостеше. Тоа ми беше втор дом. Ништо посвое од моите два дома немав. Ништо потуѓо сега откако неа ја нема. Мислев и на моите деца таа ќе им биде баба, и моите деца ќе ја знаат како што ја знаев јас, и на моите деца ќе им влезе под кожа.
Денот кога замина ја барав и се ми изгледаше како шега. Нејзините собни папучи свртени нанадвор, чудната тишина во таа куќа. Ни глас ни траг, а само од прозорот мој требаше да погледнам и ќе ја видев. Јас ја барав, таа се беше скрила да замине во тишина. Да не ни го слуша плачот, да не ни ја гледа тагата. Замина и остави празнина, ги остави најмилите, најсаканите. Ги остави оние кои и причинуваа толкава среќа колку и болка. Не остави нас и како парче душа да ми зема со себе.
Не поминува ден, не поминува ноќ да не помислам. Се обидувам да ја запаметам таква каква што беше, жива, насмеана, со широко срце и добра душа. Како ме викаше, како ми збореше, како ја гледав од прозор кога доаѓа.
Кога ја испраќав и зборував, и кажував каде доаѓаше и како ќе ни недостига, и зборував за животот кој секојдневно го живееше, ја молев да стане да се насмее, да проговори, па кафе да и сварам и да запалиме по една. Не стана, не проговори, молкум си замина. Не остави да ја споменуваме, да ја паметиме.
Си замина да се одмори ама знаеше ли дека никогаш повеќе нема да се врати?