Зошто се променивме?

Меѓудругото јас се променив. Знаете каде е иронијата? Јас бев таа што викаше дека никогаш нема да се промени поради никого и јас бев таа што прва го сврте листот. Се имав најдено и се оставив, а се барав со години. Ги оставив тие луѓе кои можеби не ми беа подршка ама ми беа позитива, тие луѓе што ми беа и љубов и другарство. Оставив се позади мене затоа што условите „налагаа“ така. Им бев лута, не разбирав како можеа да продолжат со животот како ние и таа училница да не сме се случиле никогаш. Како можеше да ме гледа со тој ист поглед како да гледа било која, а ме бакнуваше во чело, плачев во негова прегратка, ми даде утеха со поглед и замина со друга под рака. Всушност јас него никогаш не го преболев. Може и збор да не прозбориме со месеци, со години и можеби мојот дом не бие кај него во гради и можеби никогаш повеќе нема погледите да ни се сретнат, оти мојот е зад решетки, но тој знае и јас знам и тоа е доволно. И сега зошто се променивме? Зошто се менуваме за други луѓе? Го изопачуваме нашиот живот за некого да наречеме љубов и зошто? За утре да ти ги урне соништата, за утре да ти ја закопа надежта, за утре да те нарече моја како предмет, негова сопственост. Додека полека ти го краде срцето го губиш чувството за реалниот живот, забораваш дека тоа еден ден можеби и ќе исчезне и вртиш грб, заминуваш. Се менуваме затоа што ги земаме луѓето здраво за готово, затоа што очекувањата се тие, дека кога и да им го свртиш лицето тие ќе гледаат во твоите очи и одеднаш гледаш во нечиј тил, во сечиј тил. 

Сум направила многу грешки кои сум ги платила со здравје, солзи, несоница и драги луѓе и мислев дека знам што понатака меѓутоа се променив, ја направив најголемата грешка и го прекршив ветувањето дадено пред себе и не знам зошто го направив тоа. Не знам зошто се променив, не знам зошто се променивме... 


Прости ми што јас тебе не можам да ти простам

Ќе ти ги простам моите солзи, ќе ти ги простам моите непреспиени ноќи, ќе ти го простам моето здравје ама никогаш мојата младост. Нема да ти ги простам моите пријатели, нема да ти ги простам ноќите до утрини, нема да ти ги простам сите туѓи бакнежи за твоите, за оние тажните и празни твои бакнежи. Нема да ти простам што гледам во огледало рана загноена оти не и дозволи да заздраве и што гнојот ми тече низ вените, ми го полни мозокот, ми ги заслепува очите.

Па ти беше љубов! Па ти беше се што некогаш сум сакала од некого, со некого, но повеќе не си. Те нема на платното на кое почнав да сликам, всушност те има таму некаде под другите бои кои се слеваат и везат една приказна во која твојата улога завршува меѓутоа нема да биде заборавена.

Нема да бидат заборавени сите оние моменти и цело твое време кое ми беше посветено мене, ќе ги заборавам сите лаги затоа што ти го прљаат образот, ќе ти ги паметам очите кои ги издаваа твоите емоции, твојата самодоверба, твојот бес и најпосле сета таа твоја љубов која кога беше тука ми покажа каде ми се крилјата и како се лета. Ќе те паметам така како што јас сакам, од тебе ќе изградам нов лик како во романите и ќе се сеќавам со насмевка, но нема да ти простам затоа што ми отиде и како брат и како љубов.

Прости ми, не можам да ти простам што со години беше тука и сега се делиме. Прости ми што јас тебе не можам.