Конечна катарза!

Сивило, празнина, монотонија и болка, доволен е еден поглед и цела приказна раскажана. А кога ќе ја видиш не можеш да одолееш на таа нејзина горда насмевка. Се бранеше со таа горделивост, ладнокрвност и дигнат меч како после победа. Оклопот непробиен, само изгребан но телото рането.

И не сакаше сожалување, не сакаше никој да знае што се случува внатре во неа, не сакаше некој да ја потапка по рамо и да и каже дека се ќе биде добро. Не не, затоа што најчесто завршуваше со нож во плеќите.

Навикнати се луѓето да си ги бројат победите над веќе поразените.

Паѓаше доле подавајќи рака и на оние кои не и значеа ништо, затоа што знаеше како е да бидеш сам.

Знаете секогаш постои онаа одредена точка во животот, одреден момент на свесност кога почнуваме да губиме контрола над сопствениот живот, па накострежени од самата помисла на изгубена борба ги креваме штитот и мечот борејќи се со сето она кое ни ја разјадува душата и ни го разнишува тлото под нозете, за конечно на крајот да доживееме катарза!


Because „art never comes form happines“

Го држам пенкалото во рака и патувам со мислите низ спомените кои носат страдање, болка, солзи, а од друга страна насмевка, радост и пријатен душевен мир. Секогаш мислев дека и ти како и сите други ќе заминеш, а сепак ти ги посветив сите љубовни песни и длабоки стихови кои го одземаат здивот. Кога би се вратила на раскрсницата во тој студен јануар би останала таму не одбирајќи страна, не одбирајќи ниту една од уличките бидејќи иако сите падови вредат за летот не би можела повторно да ги надминам оние стравови од тоа да не те изгубам, да не ми се излизгаш низ прстите и да испариш на сонцето.

Сите писма кои ти ги напишав, а напишав многу содржеа одредена доза тага, страв, љубов и копнеж затоа што уметноста никогаш не доаѓа од среќата. Знаеш, понекогаш помислувам дека можеби премногу те вовлекував во светот на оние кои болно го сакаат и создаваат зборот, а ти знаеше да ми покажеш дека ме сакаш на многу едноставен начин.

Јас секогаш сакав да ги величам работите. Кога би ја доживеал длабочината на сета моја љубов, најверојатно би можел да ги освоиш и највисоките врвови на најопасните планини. Многу пати ме натера да се двоумам и да се покаам за изборот што го направив, па сакав да се свртам, да се вратам назад и да те заборавам, да се преправам дека никогаш и не сум те знаела, дека никогаш не си постоел, дека никогаш не сме имале нешто наше, нешто посебно, нешто вредно за солзите. Тогаш во тие моменти ќе тргнев на север, бидејќи ти веќе го освојуваше југот. И од некоја икс причина секогаш се враќав назад, како кутре што го отфрлиле, но си го пронашло домот повторно.

Знаеш, можев да бидам многу пократка користејќи ги оние излитени фрази, но јас не робувам на клишеа. И конечно, крајот на уште едно писмо е тука, а мислите ќе продолжат да ги бараат оние зборови кои ја доловуваат вистинската вредност на сите овие чувства за кои и она „те сакам“ е премалку.