За нас времето истекува

Ми се случуваат огромни промени во животот. Се селам, знаеш? Почнувам живот со еден друг човек. Менувам работно место, напредувам. Од полна куќа луѓе, оставаме пустош, празни спални соби, огромен празен двор, и празна лулашка за деца. Само ти ме враќаш назад, само тебе ти се враќам. Ги прегрнувам твоите силни машки раце и ја потпирам главата на твоите гради, на сон. Ми ја тргаш косата од образите, прамените кои ми паднале врз очите кои поглед не тргаат од тебе и ми се насмевнуваш. Секогаш чекор кога ќе направам понапред ти ме фаќаш за рака и ме враќаш назад, а всушност не си тука. 

Зошто не ме напушти целосно, зошто само присутноста ми ја одзеде? Зошто нашите долги разговори се сведоа на молк, а нашите погледи лутаат на различни страни? Зарем требаше вака да биде, да згаснеме, а да не се ни обидеме? Сакам да знам дали си среќен со неа, сакам да знам дали е среќа ова со него. Само јас ли ти посветувам реки зборови и цели ноќи соништа или се присетуваш на мене и жалиш за она што можевме да бидеме, за она за кое никогаш не беше кажано? 

Се радувам, се кикотам додека неговите другари ме носат на плешки и се тресам од страв да не се стркаламе надолу. Се смеам на неговите шеги и вицови и правиме планови за да градиме иднина. Се надевам дека еден ден него ќе го гледам и ќе го сонувам, а ти ќе останеш заборавено минато, затоа што за нас времето истекува. Немавме храброст ниту ти, ниту јас да си кажеме во очи, да си кажеме од срце. И сега јас ќе заспивам со него, ќе се будам со него, нему деца ќе му родам. Ти ќе заспиваш со неа, ќе се будиш со неа, таа тебе деца ќе ти роди.

Кажи ми барем дека си среќен, остави барем да видам, да знам да не жалам за нешто што требаше, а никогаш не се случи. За нешто што можевме, а никогаш не бевме. Да не жалам и од срце да те истерам. Да знам дека јас и ти секогаш ќе бидеме само пријатели.