Лаги или лаѓи?

Што ми нудиш, лаги или потонати лаѓи?

Ако се лаги ги имам веројатно сите можни стокмено во колекцијата, ако се лаѓи нема место каде повторно да тонат.

На безброј лаги сум премолчела, чекајќи да се сотрат, да престанат да навираат, да извираат од усни кои сум ги љубела. 

На безброј лаѓи сум седела, ми ја кваселе и гнаселе душата, а таа од памук па набрекнува.

Безброј лаѓи потонале со мене, но мене не ме удавиле, ја бев исплакала сета вода која навлегуваше низ усните, носот право во градите и многу пати останував без здив, но не се удавив.

Што ми нудиш? Што се толку поразлични твоите лаги, твоите лаѓи, та нив да ги одберам наместо туѓите?

Не ми давај ништо, ете така просто речи "немам ништо во мене, нит лаги нит лаѓи" оти товарот е голем и влече надолу и со толкав куфер лаги и толку шупли штици лаѓи човек не може напред.