Пресврт

Секогаш ти бев љубоморна, од кога знам за себе љубоморев на твојот круг на луѓе, на начинот на кој го живееше животот, на храброста која ја имаше да не се појавиш кога требаше. Ти љубоморев на вниманието кое го добиваше од нашите родители, се борев секој момент да зграбам барем мало внимание од нашите родители, се борев за љубовта која ти ја добиваше иако никогаш не беше доволно добра. Ти љубоморев се додека не сфатив дека сето тоа внимание и сета таа љубов е поради нешто што тебе ти недостасуваше и не можеше да биде надополнето на ниту еден начин и се откажав затоа што иако ти не се бореше, јас губев. 

Ти си инвалид, можеш да ги движиш рацете, можеш да ги движиш нозете, можеш нормално да комуницираш, можеш нормално да размислуваш, само не можеш да живееш нормален живот затоа што ти смислата за нормалното одамна ја загуби. Допирот со реалноста го изгуби и сега лебдиш и не сакаш да бидеш спасена затоа што се плашиш. Си заборавила како е да стоиш на сопствените нозе, да ги напрегаш мускулите за да се помрднеш од место, да тргнеш било каде за да не те однесе ветерот како сребрен прав.

Ти си ми сестра и јас и ти сме многу различни ама во душичката сме исти. И јас го имам истиот инвалидитет само што јас никогаш не му се предадов целосно. Не потклекнав пред наредбите, не ги затворив очите пред оние кои ми нанесуваа болка, ги гледав во нивните две црни дупки на главата и понекогаш ги колнев понекогаш се колнев, но никогаш не се предадов целосно. Знаев дека ќе јадеме и пиеме заедно, ќе плачеме и ќе се смееме заедно, ќе се повредуваме меѓу себе ама на крај секој ќе си го плати својот дел од сметката. Јас се уште се борам, претам, ги напрегам тетивите до пред кинење за еден мал чекор, та се одмарам.

Конечно си најдов нешто мое, тој ме најде мене и ти одлучи да ги ставиш твоите безобразни дланки на него. Во тој момент посакав дланките да ги ги отсечам, да ти се сронат пред стапалата, пепел да се сторат и твоите очи станаа како истите тие црни рожници кои навестуваа битка, на кои им објавив војна. Никогаш не смееше да го посакаш она што беше мое затоа што ти се твое веќе имаше. Се додека...

Таа ноќ милион сабји ми ги пресекоа колениците и срцето ми чукаше како брза милионска коњаница. Го крена телефонот да побараш нешто од мене, нешто што никој на овој свет не може да го даде. Побара да те ослободам од тие окови, од тие ланци со тие насолзени очи, а се држеше за решетките како некој со сила да сака да ти ги отргне тие пругави сенки од лицето.

Сестро, плачев таа ноќ со тебе иако сум плачела безброј ноќи од тебе и знаев дека секој чекор е болен и знаев дека секој е погрешен. Тие две мали, невини душички во чии рожници се собрани сите можни сонца не знаеа дека нивна беше таа иднина за која се одлучуваше, за која јачеа болки, за која течеа солзи, за која се голтна една голема кнедла и се прикрија прстите прелепени на образ, та се нацрта насмевка оти си мајка.

И сега сите глумиме среќа, сите глумиме како една друга вистина да се случила, сите глумиме нечија смрт, а ти која си поигра со туѓи животи глумиш живот.

Не си ти роб сестро, не си ти ничија играчка, не сум ни јас и не играј си со она кое долго време го обликувам како глина, извајано со многу труд и желба. Меѓу нас никогаш нема да има граница ако знаеш до каде е твојата со нешто мое.